Етика за млади

проф. д-р Кирил Темков

Луѓето ги слават оние што ѝ се посветиле на добродетелта на образованието на другите. Меѓу нив ги изделуваат и посебно ги одбележуваат оние што биле први во тоа и кои добро го зацврстиле патот. Такви се нашите први просветители – светите Кирил и Методиј и нивните ученици, светите Климент и Наум Охридски.
Сите Словени ги сметаат браќата Кирил и Методиј за свои првоучители и духовни татковци, а Македонците ги слават и браќата Климент и Наум, како свои создавачи и најмили претходници.

И сите други народи и раси си имаат свои првоучители, а секоја генерација и секој човек свои учители и воспитувачи. Со оддавањето почит на учителите, луѓето го одбележуваат тоа основно внимание на човештвото, да не ги заборави слабите и неуките. Просветителството е единствениот пат на човештвото кон вистинскиот прогрес. Тоа е заложба човекот да стане учена и етичка личност.

Просветителството пред сѐ ги истакнува важноста на човековата мудрост и добрина. Луѓето сфаќаат дека имаат потреба од образование, а тоа, пак, ќе им овозможи да ги развијат своите потенцијали. Со тоа ќе можат полесно да се снајдат во животот, а од друга страна со своите знаења, здружено ќе изградат подобар свет и за себе и за другите.

Затоа Денот на просветителите, 24 Мај, не е само потсетување на големото дело на светите Кирил и Методиј, Климент и Наум. Тоа е и шанса за завет на секој одговорен, возрасен човек дека ќе стори сѐ да им овозможи образование и воспитување на младите. Тоа е и поттик за внатрешно осознавање на секоја млада личност дека ќе се посвети на самоизградба низ образованието, за да ги достигне врвовите на своето постоење.


Етичка мисла

Единствениот достоен учител е оној што го поттикнува слободното мислење и развива чувство на лична одговорност

Јан Амос Коменски
чешки педагог