Низ страниците на македонската литература за млади:
„Слики од детството“ на Александар Кујунџиски

За време на моето најрано детство, претрчано во родниот град Пехчево – во него сѐ уште немаше спроведено водовод. Па, не само што немавме чешми дома туку немавме ни во нашата најнепосредна близина.
За вода се снаоѓавме на различни начини. За миење раце и лице – одевме на рекичката, на оддалеченост од само десетина метри од нашата куќа, која, тогаш, онака кристално чиста и без секакви приточни нечистотии, си ја врвеше својата зацртана насока кон Брегалница. За друга употреба – собиравме дождовница од под олуците или донесувавме со кофи од бунарите. Ако претходно некој од нас не беше донел од „Елата“ или од некоја друга околна чешма, полневме и носевме од градските, таканаречени „јавни чешми“.
Распоредени на сите четири страни на светот имаше неколку такви чешми, од кои цело население полнеше пивка вода, но ние најчесто ја користевме таа од „Стубело“. Така се викаше таа чешма на источниот дел од градот, на патот кон „Централата“. Иако не ни беше најблиската до нас – водата од неа ни се чинеше најдобра за пиење.
Имавме четири стомни. Две поголеми, две помали. Глинени „црвени“. (Ги викавме „црвени“, иако поточно е ако се каже дека повеќе удираа на кафено). Впрочем, такви, слични, особено од оние помалите и ден-денес може да се најдат на некои пазари, иако веќе и тие – во налетот на пластиката и пластичните производи сѐ повеќе стануваат музејски или фолклорни експонати.

Јас најчесто одев на вода со две стомни. Едната во едната рака, другата во другата. „Заради рамнотежа“ – така велеа постарите. „Така ќе биде полесно“… („Хм, „полесно“…?! А не дека вистински стануваа полесни… Па и празни денес некому би му се чинеле тешки, а не…)
Тој ден со двете стомни се враќав од „Стубело“. Патем се одморав по секои дваесетина чекори. Колку повеќе наближував до дома – дваесетина чекори се „кратеа“, па запирав почесто. Стомните ги спуштав наземи за да ги одморам рацете…
Беше што беше, но при едно „брзинско“ и невнимателно спуштање едната од стомните одоздола сум ја удрил од камен и таа пукнала.
Како се почувствував во тие мигови кога видов како водата бликна и потече од „шопурката“ што ја направи каменот?
Не, не ми беше толку жал за стомната, знаев дека дома ќе ми речат: „Тоа секому може да му се случи… Но, здравје! Ќе купиме друга“… Многу, многу повеќе ми беше жал за водата, затоа што сум ја точел, сум ја носел и сега овде пред прагот да ми ја испие правот!
И – да бев некој плачко, можеби од моите очи ќе истечеа исто толку солзи – колку што истече вода од наполнетата стомна!


За авторот

Александар Кујунџиски е роден во 1946 година, во Пехчево. Работел како новинар во Информативната редакција на Радио Скопје, како и во Редакцијата за забавно-хумористична програма и во Редакцијата на емисии за деца. Од 1984 до 1990 г. бил уредник на списанието „Ловец“, а сега е самостоен уметник писател.
Како автор создава дела за деца и млади, но и за возрасни, и е еден од најплодните писатели. Пишува поезија и проза, драмски творби, раскази, сказни, бајки, брзозборки, пиеси, текстови за песнички, како и хумористично-сатирични текстови. Објавил два мини-романи за деца: „Мотошишарка“ и „Кој сака да биде космонаут“, а ги напишал и книгите за најмладите читатели: „Природо, љубов моја“, „Солитерски сказни“, „Театарче клопатарче“, „Нека патува добрината“, „Кралот Ал со крпен шал“, „Зборчиња-изворчиња“, „Слики од детството“, а „Сакам книга“ досега е преведена на 11 јазици.
Добитник е на голем број награди, а во 2014 г. ја освои наградата на ДПМ за најдобра книга за деца, додека во 2016 г. ја доби и наградата „13 Ноември“ за целокупното творештво за деца и млади.