Во струмичкиот театар „Антон Панов“ во неделата, точно напладне, се одржа премиера на детската претстава „Пипи Долгиот Чорап“ во режија на Драгана Таневска. Драматизацијата на популарната книга за деца на познатата шведска писателка за деца Астрид Линдгрен ја направи Ацо Гогов, додека за костимите на актерската екипа беше задолжен Ванчо Василев.
– Пипи уште еднаш ќе нѐ потсети на неограничената слобода на детскиот дух, на великодушноста што се простира низ целото нејзино битие, бидејќи Пипи е токму таква: едно големо срце, кое знае да им помогне на сите, исто како што знае и да нѐ насмее – велат авторите на претставата.
Улогите во претставата ги толкуваат: Пипи -Анкица Бенинова, Томи – Игор Тодоров, Аника – Јулија Милкова, наставникот – Ванчо Мелев, Дундер – Кире Ѓорѓиев и Блум – Ванчо Василев. Костимите се на Ванчо Василев, а сценографијата на Драгана Таневска.