Наставничката Роза Василевска со писмо се прости од своето 5-в одделение во ООУ „Ј.А. Коменски“ во Скопје
Во изминатите години придружник на учениците од 5-в одделение им беше и „Колибри“, на чии страници пишувавме за нивните активности, другарувања, успеси…
Учебната година заврши, за сите нас овие денови се исполнети со радост, но и со тага. Радост за успешно завршената онлајн настава, а тага за разделбата со наставничката. Учениците од 5-в одделение од основното училиште „Јан Амос Коменски“ од Скопје ги искажаа своите чувства и така си направија траен спомен. Петте прекрасни години од нивното детство ги преточија во убавата брошура со едноставен наслов „Од прво до петто“.
Деновиве таа мала прекрасна книга излезе од печат и го виде светлиот ден. Се роди нашето мало, но креативно дело. Погледнете, драги наши пријателчиња, прелистајте и прочитајте од него. Внатре ќе најдете песни, раскази, цртежи и многу, многу фотографии. Богат школски живот, многу настани и активности сведочат за исполнетите училишни денови. Цели пет години овие деца растеле и учеле. Станувале повозрасни од година на година. Одговорноста растела, а другарството ги сплотило засекогаш како едно поголемо семејство, што особено ми е мило мене, како нивната наставничка.
Подеднакво важни со образовните цели се воспитните цели, ако не и поважни. Затоа јас многу вложив во тие вистински вредности, без да изостанат образовните. Секоја година ни доаѓаа по две-три нови другарчиња. Сите заедно им помагавме да се приспособат на новата средина. А особено ќе го истакнам развивањето на културните навики, прво кон себе, а после и кон другите, а да не зборувам за важноста за духовните вредности меѓу кои и патриотските чувства кон нашата татковина, милата Македонија. Како и почитта кон културното наследство, а особено кон борците за слобода на Македонија. Освестување за корените на нашите предци, но и добивање крила за одење по нивните стапки за слободна мисла, свој јазик и држава, се родија младите патриоти, силните борци однатре и однадвор во вистински вредности што ќе им го красат карактерот.
Брошурата „Од прво до петто“ ќе сведочи за незаборавните пет години во ова одделение, во кои учениците растеа и учеа, но станаа и вистинско семејство, во кое владеат љубов, почит и другарство
Ви благодарам Ања, Алексеј, Мила, Петар, Сара, Јован, Николина, Владимир, Ведра,, Андреја Ведран, Ангела, Максим, Ангелина, Андреј, Лука, Александар, Димитар, Лазар и Марија, Ангела. Ви благодарам што бевте дел од мојот живот, кој ми го збогативте со многу љубов од вашите срца. Засекогаш ќе останете во моето срце и никогаш нема да ве заборавам, ви ја посакувам сета среќа на овој свет во вашето понатамошно школување.
Среќа им посака и детскиот асистент Славе Павловски, кој исто така е пет години член во ова наше мало, но многу симпатично семејство. И навистина и да ве инспирираме, драги наши читатели, за ваков заеднички труд за спомен и сеќавање на одделенската настава.
А ние сите ќе продолжиме да се дружиме со „Колибри“ и понатаму заедно сме посилни, посигурни и посреќни. Среќата е во заедништвото и затоа ја споделивме идејата, но и самата творба, па се гледаме и се читаме и понатаму. Ве поздравуваме и ви посакуваме пријатен летен распуст, а наесен со нови сили ќе ѝ кажеме до видување на нашата мила наставничка Роза. Но ќе им кажеме и добре дојде на новата класна и на сите нови наставници. Возот наречен живот продолжува да патува со нови патници. Тој воз само и само нека патува, а ние ветуваме дека по патот ќе собираме нови мудрости и знаења за некое следно уште поголемо наше заедничко дело.
Од прво до петто е моето вето – ветувам дека љубовта ќе остане вечно во моето срце, ве сакам сите!
Вашата наставничка
Роза Василевска
Мојата наставничка
Радост донесовте во нашиот живот
Огледало на вашиот лик сме ние!
Затоа споменот никогаш нема да згасне
А тоа го вели нашата генерација што расте.
Ангелина Чоланчевска
Од прво до петто одделение
Од септември ќе одам во шесто одделение. Овие пет години ги поминав во мојата училница со моите другари, наставничката Роза Василевска и нашиот Славе. За мојата наставничка Роза секогаш ќе имам само убави зборови, таа е прекрасна и со нас се однесуваше грижливо како втора мајка, трудејќи се да нѐ научи на вредности што ќе нѐ следат понатаму во животот. Славе е човекот, кој како придружба и помош на мои две другарчиња, ни стана најдобар пријател. Нашиот Славе несебично ни помагаше и заедно со наставничката се радуваше на сите наши успеси. Тој секогаш беше омилениот гостин на сите наши роденденски забави. Навистина е радост што токму тој е дел од нашето училишно семејство. Овие години од прво до петто, ќе ми останат во едно убаво сеќавање и благодарна сум што бев дел од оваа „авантура“ наречена мојот втор дом.
Ања Крстевска