Олег е првиот македонски натпреварувач што се закитил со ваква висока награда на овој меѓународен фестивал, на кој годинава учествуваа повеќе од 300 натпреварувачи
На меѓународниот мултикултурен фестивал „Переславски Дивограј“ во Киев, Украина, кој се одржа на 15 и 16 април 2019 година, малиот Олег Најдовски, ученик во основното музичко и балетско училиште „Лазо Мицев Рале“ од Кавадарци, ја освои наградата лауреат од прв степен. Олег е првиот натпреварувач од Македонија што се закитил со ваква висока награда на овој меѓународен фестивал, на кој годинава учествуваа повеќе од 300 натпреварувачи во повеќе уметнички дисциплини од: Молдавија, Украина, Белорусија, Израел, Македонија, Полска, Чешка, Турција и други земји.
Олег Најдовски во Музичкото училиште во Кавадарци веќе петта година го изучува инструментот кларинет, во кој е заљубен уште од многу мал, во класата на наставникот Пешо Бошков. Читателите на „Колибри“ добро го познаваат Олег затоа што досега во неколку наврати пишувавме за неговите 10 први награди, од кои дури шест се специјални признанија на регионалните, државните и меѓународните натпревари.
– Олег на меѓународниот фестивал „Переславски Дивограј“ учествуваше по пат на конкурс на кој испративме видео и тонска снимка. Се натпреваруваше со две композиции по слободен избор и тоа: „Романса“ од В.А. Моцарт и „Егзотична песна“ од Роберт Клерис. Со освојувањето на наградата лауреат од прв степен во неговата категорија Олег покажа дека станува збор за исклучителен талент, кој сѐ повеќе напредува. Тој е еден од моите најомилени ученици, многу вреден и позитивен, кој секогаш на часовите посакува уште еднаш да ја отсвири дадената композиција – вели неговиот професор Пешо Бошков.
Учеството на овој меѓународен фестивал на Олег Најдовски е сосема заслужено затоа што тој минатата година ја освои специјалната награда на меѓународниот фестивал „АРТ ИН – Велес“, ни открива директорот на здружението „АРТ ИН ОРГ“ во Кавадарци Лазо Атанасов. Наградата на Олег има уште поголема тежина затоа што неговото музицирање е оценувано од меѓународно жири составено од 18 еминентни музички педагози, а на неговата диплома стои потписот на ректорот на украинскиот универзитет, Виктор Петрович Коцур.
Честитки од „Колибри“ за Олег Најдовски и многу среќа на наредниот негов натпревар за кој се подготвува, а тоа е меѓународниот натпревар во Боровец, соседна Бугарија.