– Шетаме ваму-таму низ нашата убава Македонија, а одамна не сме прошетале низ Градскиот парк во Скопје – се согласија Вики и Влатче.
– Ајде еве денес е вторник и имаме помалку часови на училиште, па откако ќе завршиме со предавањата можеме да отидеме – предложи Влатче.
– Добра идеја! Одиме! – со радост прифати Вики.
По часовите, двајцата верни другари, добри ученици и екохерои се упатија кон Градскиот парк во нивното Скопје. Купија свежо цеден сок од вело-продавничките во паркот и си ја продолжија прошетката по патеките украсени со мајско зеленило.
Одеа, одеа… полека, опуштено и со убав муабет џарејќи се, те на левата те на десната страна од патеката и уживајќи во раззеленетите дрвја и грмушки.
Наеднаш, не можеа да продолжат натаму… Пред нив имаше цело јато слетани гулаби, кои ненаситно колвеа пченица… Пред нив на клупа седеше еден чичко кој ги хранеше и уживаше да ги гледа како јадат…
Вики и Влатче не сакаа да поминат за да не се вознемират гулабите и останаа и тие да гледаат.
– Дојдете, седнете на клупава – рече чичкото. Јас сум чичко Роберто. Вие како се викате?
– Влатче сум јас.
– Јас сум Вики.
– Гледам дека ги сакате птиците, штом со такво внимание ги гледате додека јадат… Еве ви по малку пченица за и вие да ги храните…
Чичко Роберто зеде од ќесето со пченица и им ги наполни рацете на двајцата петтоодделенци.
Вики и Влатче ги хранеа птиците, молчеа и со внимание почнаа да го слушаат раскажувањето на чичко Роберто….
– Ех… драги дечиња… Овој парк е срцето на Скопје. Неговата изградба почнала уште во 19 век. Претрпел многу измени… Некогаш бил разубавуван, некогаш нагрдуван… Но ете опстоил низ сите овие години… И ете денес има три дела и површина од скоро 500.000 квадратни метри и секоја година нови генерации тука проодуваат, протрчуваат… Во овој прекрасен парк живеат и многу инсекти, многу растенија меѓу кои и живиот фосил гинко стар цели 150 милиони години, а и џиновската секвоја за која се вели дека е најголем жив организам на планетата. Еве сега ние храниме гулаби… Но знаете ли колку многу видови птици ги надлетуваат гранките во овој парк?
– Колку? – рече Вики и почна да погодува… 10, 30, 50…?
– Уште повеќе… Дури 90 вида птици… – одговори чичко Роберто?
– А кои се тие? – љубопитно праша Влатче.
– Па… не би можел сите да ги набројам, а и не ги знам сите, но знам дека покрај врапчиња и гулаби има и зелен клукајдрвец, ќук, пупунец, а и мал корморан.
– Јас многу ги сакам бувовите. Има ли був во овој парк? – праша Влатче.
– Не знам – одговори чичкото… А знаеш ли нешто за тие птици?
– Знам! Знам. Тоа е најголемата ноќна граблива птица. Знам дека ја има и во Македонија.
– Во природата живеат најмногу дваесет години, имаат интересни пердуви. Интересни се нивните пердувести уши, а женките од мажјаците се разликуваат по тоа што нивните пердувести уши се накривени надолу. Но, сепак тие „уши“ не им се сетило за слух. Нивните вистински уши се наоѓаат во подолниот дел од главата.
– Браво бе Влатче… па ти си енциклопедија. Каква срeќа, како ден! Благодарен сум што ве запознав драги мои паметни деца… И вие научивте од мене, но и јас многу од вас….
Гулабите ги јадеа последните пченични зрна, а Вики Влатче и чичко Роберто се подготвуваа да си одат…
Дечиња, сега е мај и имате уште малку од учебната година. Штом ќе завршите навраќајте се почесто во паркот и истражувајте, читајте и спознавајте ги растенијата и животните за кои немате сознанија… Учете и пренесувајте им го знаењето на вашите другарчиња… Може да се сака само она што се познава, нели?
Штом ќе знаат повеќе за овој парк, но и за неговите жители луѓето што го посетуваат ќе бидат свесни за него и нема да му наштетуваат и да го уништуваат… Ви посакувам сѐ најдобро.
Чичко Роберт ги поздрави со рака, а тие го отпоздравија. Вики и Влатче беа пресреќни за оваа случајна средба со гулабите и со чичко Роберто во убавиот мајски ден што мирисаше на косена трева… Нивните бистри глави веќе размислуваат за тоа како да им ги пренесат интересните факти и како да ги поттикнат нивните соученици почесто да доаѓаат, но и да го чуваат Градскиот парк во Скопје – срцето на градот.
Драги другарчиња, имате ли вие некаква идеја?
EКОЛОШКИ КАЛЕНДАР:
1 мај – Светски ден за заштита на носорозите
2 мај – Светски ден на делфините
3 мај – Светски ден на сонцето
9 мај – Меѓународен ден на птиците
14 мај – Светски ден на птиците преселници
15 мај – Меѓународен ден на акција за климата
20 мај – Меѓународен ден на здрави градови
22 мај – Светски ден за заштита на биодиверзитетот
24 мај – Европски ден на парковите
28 мај – Светски ден на пеперутките