Досега имам издадено 54 книги за деца и млади, а откако сум во пензија пишувам повеќе, на татковината ѝ се оддолжувам со една книга годишно, вели Киро Донев

Средба на „Саемот на книгата 2021“ со писателот за млади Киро Донев

Киро Донев (79) е неуморен автор за деца и млади, кој досега издал 54 дела, со кои израснаа многу генерации. И сега во златната трета доба издава по една книга годишно, а во тоа не може да го спречи ништо, па ни пандемијата на коронавирусот. Пишува лесно, ведро, со убави рими, а хуморот често предизвикува насмевки кај младите читатели. Токму затоа, очекуваме некои од неговите романи за деца и да се екранизираат.
На „Саемот на книгата 2021“ што заврши во неделата, со овој плоден автор поразговаравме на штандот на издавачката куќа „Македоника литера“, чиј е ексклузивен автор, со досега издадени десетина книги. Најнова е „Училиштен театар“, а во подготовка се уште неколку други изданија.

Колку вам како автор ви значат овие средби на Саемот на книгата со вашите читатели?
– Конечно по речиси две години пауза поради пандемијата на коронавирусот, еве сме на „Саемот на книгата“, но жал ми е што децата, за кои јас пишувам, не можат да присуствуваат организирано, како порано. Се надевам в година ќе биде подобро во секоја смисла, а саемот ќе се одржи на некој убав и осмислен простор.
Како се снаоѓате како автор и креативец во овие чудни времиња?
– Нека се знае, мојата партија и моите читатели се децата. Сум пишувал, пишувам и сѐ додека можам ќе пишувам за нив. Јас не живеам од, туку за мојата професија и не водам грижа колку ќе ми се исплати тоа. Едноставно сум се родил со перото в рака и не го испуштам.
Вие сте ексклузивен автор на „Македоника литера“ веќе десетина години?
– Да, оваа издавачка куќа има добро обмислена програма и сите нејзини изданија се со трајна вредност и од национален интерес. Има книги за читатели од 7 до 77 години. Вработените знаат да направат добар избор, имаат знаење и критериум. Јас не го менувам овој издавач, бидејќи целиот работен век го минав во издавачка куќа „Детска радост“ при НИП „Нова Македонија“ и знам што е вистински професионализам.
Која книга ја претставувате на саемот?
– Еве тука се сите мои книги издадени за „Македоника литера“, а најнова е „Училиштен театар“, влезена и во изборна лектира за четврто одделение. Бидејќи имам искуство во пишување пиеси, автор сум на десетина радио и ТВ-драми за деца, се надевам дека новата книга ќе им помогне на членовите на детските драмски секции. Преку пиесите тие можат да подготвуваат училиштен театар и да уживаат во слободните активности.
По цели 30 години некои ваши книги не се веќе дел од задолжителната лектира за основците, како го прифативте тоа?
– За жал, не само во задолжителните лектири, ме нема ниту во прирачниците, а „Училиштен театар“ е ставена само како изборна лектира. Сакам да апелирам до Заводот за унапредување на школството да не дозволуваат да излегуваат шунд-списанија за деца, второ да се обрне внимание на оние што ги прават прирачниците за предметот Македонски јазик за основното образование. И трето, не може да се дозволи наградени книги, на пример со највисокото признание за литература за деца, наградата „Ванчо Николески“, да не бидат присутни во лектирните изданија. Некоја книга што била 30 години дел од лектирата, како моите „Да се запознаеме“, „Киндер квачка“ или „Збркана сказна“, која е преведена на пет јазици, да се тргне на сметка на некои нови автори, кои досега имаат издадено само една или две книги. Некој ред и вреднување, сепак, мора да има.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Што подготвувате во моментот?
– Во финална фаза е книгата „Летопис на душата“, што ќе ја издаде манифестацијата „Средби под јаворите – Видое Подгорец“. Таа е сведоштво на едно плодно креативно време, во кое имаше и голема дружба на писателите за деца од целиот регион. Така јас, секаде каде што настапував на литературните манифестациии од моите колеги писатели, барав да ми подарат една песна со посвета и фотографија од средбата. Па, така, ќе има сведоштва од: „Змаевите детски игри“, фестивалот „Под старата маслинка“, „Курирче“, „Караманови средби“, „Струшки вечери на поезијата“, „Рацинови средби“… Имам песни од 260 писатели, собрани од 1970 година до денес, меѓу кои и од: Ристо Крле, Ванчо Николески, Славко Јаневски, Васил Куновски, Волче Наумовски, Видое Подгорец, Сузана Мицева, но и од Десанка Максимовиќ, Бранко Чопиќ, Душко Радовиќ, Љубивое Ршумовиќ…
Дали вие ја барате инспирацијата или таа ве наоѓа вас?
– Велат дека писателите по 60-та година, а јас еве се доближувам до 80-та, личат на фломастери, кои можат да се исушат, па им се става малку водичка да проработат. И јас сум еден од нив и наоѓам начин како да ја раздвижам имагинацијата, па одам во некое училиште, се дружам со децата и веднаш добивам инспирација. Инаку, откако сум во пензија пишувам повеќе, на татковината ѝ се оддолжувам со една книга годишно. Досега имам издадено 54 книги за деца и млади, меѓу кои е и првиот екороман за деца кај нас, што го издаде „Детска радост“, насловен „Четириножните рицари“.
Тешко ли е да се пишува за деца?
– Повеќемина мислат дека е лесно да се пишува за деца, а јас ќе кажам и за деца и за возрасни да се пишува е тешко, со тоа што за деца е малку потешко.
Што најчесто ве прашуваат учениците на вашите средби со нив?
– Најчесто прашуваат како ги пишувам книгите. Им велам дека уште пишувам на бел лист и сѐ што ќе ми текне. А тие зачудени: „Па како сѐ“? Одговарам: затоа што многу е битно тоа што ќе ми текне. Исто така често ме прашуваат колку книги досега сум прочитал, па одговарам: „Јас не сум читател, туку писател“!
Каква е вашата порака до младите читатели, зошто треба да читаат?
– За да живеат подолго и подобро, да имаат весело детство и бујна фантазија, да живеат во минатото, во сегашноста, ама и во иднината…

Ах, тој ранец

Бргу, многу бргу си замина и ова лето… А цело време си мислев: „Супер ќе биде во трето“!
„Супер е“, ама и не е баш така… Кој може слободно да „ака“ со полн ранец на грб или в рака?! Учебници, тетратки – еден цел куп! Сал да прелисташ, ќе се престориш во „труп“!
Ах, тој ранец колку тежи – кожата ми се ежи!
Ме гледа баба и подбивно вели:
– Ми личиш на „амалче“, а не е тежок, нели?
– Според тебе – велам – може така да е… Но тој што го носи – самиот си знае!
– Еее, – ми вели – синко, не си во второ. Сега си се фатил на потешко „оро“! Ама ако, нека… Да си немаш гајле… Ќе ти помогне Зорка и таа е од сабајле…
Сестра ми ја слушна и скокна како оса:
– Јас ли, мори бабо, ранец да му носам?! Ти нели знаеш – во училиште одам сама? – Освен тоа – реков – нели јас сум „дама“?
– Па што ако си?
– Ми можеш ли нешто?
– Доста! – рече баба. – Зборувате сешто… Кога сте разделени – еден со друг се барате. А кога сте заедно – за ништо се карате…
– Сега баба мене како да ме „пофали“, но што вреди кога „оганот“ ни го потпали! Мајстор е да направи од ништо – нешто. И тоа сосем случајно, ама супер вешто…
Знае да биде ни „топка“ ни „коцка“. Колку јас се лутам – толку таа ме боцка:
– Зар толку ти тежи? Ти нели си „маж“? Со овој ранец имаш двегодишен стаж!
Тоа го рече и сестра ми ја гушна. Ама од кујната – дедо ми ја слушнал!
– Што е бабо?! – викна – може ли да знам?
– Еве ти го внукот, па прашај го сам… нешто само муца, се лути, се ежи… Ранецот, ми вели, премногу му тежи. А ист е од лани, но со нови „мани“…
– А, па… рече дедо. – Да размислиш здраво, внучево, бабичке – сосема има право! Толку многу книги – се во еден ранец. Ученик е тој или – падобранец?! Со здравиот разум зар тоа не се „коси“? – толку голем товар детето да носи!
Замолчи баба ми. И дедо ми исто…
Ама јас со ранецов пак не сум на „чисто“!

(Од книгата „Од дневникот на Васко Пикаско и Зорка Сештозборка“ на Киро Донев)


Стихови „од ракав“
Го замоливме Киро Донев со неколку стиха, измислени во моментот, да ги поздрави децата, а тој веднаш, како „од ракав“ ни ги кажа следните пораки во рима.

Порака до учениците

Помалку скитање, повеќе читање.
Книгите да ви бидат и „виза“ и „чек“
за ваш среќен престој во 21 век.

Читаjте „Колибри“

Колку и да брзате,
каде и да итате,
ако не некоја книга,
барем „Колибри“ да го читате!

Корени

Каде и да одите
што и да правите
корените прадедови
да не си ги заборавите!


Ги имам сите броеви на „Колибри“!

Дали сѐ уште секој вторник го читате „Колибри“?
– „Нова Македонија“ купувам редовно и драго ми е што весникот секојдневно се надградува. Упатувам голема благодарност до новите сопственици што не дозволија да згасне брендот. Инаку редовно го читам „Колибри“ уште од дете. Првите мои песни се објавени во овој додаток за деца, уште кога бев средношколец. Поточно првата песна, поемата за Мачорот Тошо ми ја објави првата уредничка, поетесата Евгенија Шуплинова. Песната многу му се допадна на Видое Подгорец и така влегов во светот на литературата. Инаку, сите броеви на „Колибри“, од првиот, па сѐ до денес ги чувам во моето креативно катче во куќата во родното Моноспитово, каде што живеам. Сум задолжил пријатели, ако не стигнам да купам некој број, да ми го чуваат „Колибри“ до недела.