На манифестацијата „Меѓународната сцена на бесмртниот полк“ во Москва, покрај Марија, претставници од Македонија се и членовите на музичката група што изведува популарна класична музика „Трио џентлмен“ од Скопје

Таленти

Предвидено е на 9 и 10 мај во Москва, доколку дозволуваат условите, да се одржи манифестацијата „Меѓународната сцена на бесмртниот полк“. На оваа манифестација малата и талентирана Марија Талеска од Прилеп, која е избрана преку конкурс, ќе ја претставува Македонија, со изведба на песни и стихови. Таа конкурираше со изведба на една од најпознатите руски песни „Катјуша“.
Марија, која има осум години и учи во ОУ „Климент Охридски“ во Прилеп, е вреднxа ученичка и има интереси за повеќе области, но најмногу ѝ лежат музиката и странските јазици. Покрај тоа што е одлична ученичка, таа и пее убаво, а лани настапуваше на детскиот музички фестивал „Весели ѕвончиња“ во Прилеп, а исто така веќе три години го изучува и рускиот јазик кај професорката Наталија Лапаева Ристеска.

Професорката Лапаева ни рече дека иако Марија има само осум години, таа веќе одлично зборува руски јазик, кој го изучува со многу љубов.
– Марија зборува прекрасно, уверливо, слободно и лесно ги чита текстовите на руски и веќе добро е навлезена во граматичките особености на јазикот. Исто така лесно остварува дијалог на руски јазик со соговорниците – задоволно ни рече професорката Наталија Лапаева Ристеска.
Таа предава руска книжевност на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а покрај тоа држи курс за деца и за возрасни.
Љубовта и посветеноста кон рускиот јазик на Марија минатата година ѝ донесоа благодарница за учество на Олимпијадата по руски јазик од Катедрата по славистика на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

На манифестацијата „Меѓународната сцена на бесмртниот полк“ во Москва, покрај Марија, претставници од Македонија се и членовите на музичката група што изведува популарна класична музика „Трио џентлмен“ од Скопје.
Оваа манифестација се одржува во чест на седумдесет и петгодишнината од големата победа над фашизмот. За учество на манифестацијата се примени 410 барања од 76 држави, а од Македонија пристигнале вкупно 10 апликации. Од вкупниот број на пристигнати пријави, избрани се 126 креативни колективи и изведувачи од 61 земја во светот. Ф.Д.