Многу насмевки, игра и непрекинат џагор е сликата што по ова лето ќе остане долго во меморијата на сите што беа дел од овие активности. На 13, 14 и 15 август ќе се одржи последниот камп од низата летни викенд-кампови во „Скаут кампот“ во Струга. Местата се ограничени, па затоа побрзајте за да го почувствувате лично и вие овој летен дух што изобилува со уште поинтересни содржини и тренинзи на отворено, порачуваат организаторите
„Колибри“ во посета на „Јамамори“, камп за деца и млади од 4 до 16 години во Струга
Летните кампови се идеални места каде што децата за време на распустот можат да стекнат нови искуства низ игра и истражување, да другаруваат и да научат многу нови нешта за светот што ги опкружува.
Несомнено кампот „Јамамори“, кој третпат ова лето ќе се одржи на 13, 14 и 15 август во „Скаут камп“ во Струга, е едно од тие магични места што се паметат цел живот.
Семејна активност
Всушност, според креативните творци на кампот, д-р Ана Чучкова – психолог/психотерапевт и Иванчо Горјанин – психолог и учител при центарот за ментална хигиена и изворни вештини „Јамамори“, долгогодишното работно искуство ја создало идејата за оваа програма, која сама посебе во Македонија се случува првпат. Кампот е замислен како семејна активност со програма изработена за деца од 4 до 16 години и родител или старател. Главниот акцент на овие летни викенд-кампови е ставен на односот родител – дете.
– Програмата и целта на овие настани е така скроена што родителот заедно со своето дете активно учествува преку игри и вештини, чија цел е да изградат една подобра врска и комуникација помеѓу нив. Во секоја активност учествуваат и родителите. За програмата и за концептот се грижи тимот што успеа да ги спои мудроста, вештината и филозофијата на самураите, како начин за справување со многу емоции и психологијата како наука што детално го проучува психосоцијалниот развој, кај детето и кај родителот. На досегашните кампови атмосферата беше незаборавна и полна со интерес. Децата играа претходно испланирани игри заедно со своите родители. Дружењето и учењето веќе вториот час не претставуваа проблем. Учествуваа 15 дечиња со придружба од возрасен (родител или старател) – ни рече Иванчо Горјанин.
Децата со родителите се сместени под 30-годишна листопадна шумичка во „Скаут кампот“ во Струга, и тоа во дрвени куќарки и шатори, а вечерите често се поминуваат и покрај логорскиот оган.
– Дефинитивно ова искуство ги надмина нашите очекувања. Многу насмевки, игра и непрекинат џагор е сликата што по ова лето ќе остане долго во меморијата на сите што беа дел од овие активности. На 13, 14 и 15 август ќе се одржи последниот камп од низата летни викенд-кампови во „Скаут кампот“ во Струга. Местата се ограничени, па затоа побрзајте за да го почувствувате лично и вие овој летен дух што изобилува со уште поинтересни содржини и тренинзи на отворено – порачуваат организаторите.
Работа со децата по концептот на филозофијата бушидо
Кога ќе се пронајде на едно место психологијата со јапонските борбени вештини и уметности, веќе сте на прав пат да го почувствувате овој настан. Оваа година се пронижаа веќе две такви, а како што веќе најавивме, третиот е на пат. По тој повод, еден од авторите на овој настан и концепт, д-р Ана Чучкова ќе го сподели своето размислување.
– По неколкугодишно работно искуство заедно со мојот сопруг, јас како психолог, а тој во работата со деца по концептот на филозофијата бушидо, создадовме една заедничка програма, која веќе две години успешно се спроведува во нашиот центар за ментална хигиена и изворни вештини „Јамамори“ во Скопје.
Бидејќи и двајцата сме психолози, ги соединивме своите искуства во една целина. Програмата е еклектична комбинација од техники на движење, дишење и размисла со потекло од изворните вештини со подобни техники за кои психологијата е носител. Резултатите што ги бележиме се повеќе од очигледни. Особено преку сведоштвата, пред сѐ на секој родител што активно ја посетува оваа програма, но и кај индивидуалните практиканти. Главниот акцент е ставен на приврзаноста помеѓу родителот/старател и детето, а преку вежбите и техниките динамично се анализираат и се ставаат во фокус, одредените несовпаѓања во односот, притоа нудејќи еден малку поинаков извор на решенија. Особено успешен е концептот при лоцирање на основата на проблемот, подобрување на приврзаноста меѓу возрасен и дете (најчесто родител или старател), подобрување на самодовербата, ослободување од телесни блокади предизвикани од емоционални доживувања, подобра концентрација, правилно дишење и др. – вели Ана Чучкова.
Таа е докторка по психологија, со над 10 години работно искуство. Авторка е на голем број трудови, учествувала на повеќе конференции и важи за голем професионалец во своето поле со реализирани многубројни програми од областа на личниот раст и развој.
Нејзиниот сопруг и колега Иванчо Горјанин сенсеи е психолог/инструктор во центарот за ментална хигиена и изворни вештини „Јамамори“, со над 20 години искуство во јапонските борбени вештини и уметност. Коавтор е на програмата „Мал змеј, родител и дете“ и активен истражувач во полето на синергија на психологијата со алтернативните начини на резолуција.
А доколку сакате и понатаму да го посетувате, веќе од септември овие настани ќе продолжат да се одржуваат во центарот за ментална хигиена и изворни вештини „Јамамори“ во Скопје, каде што топло ќе ве пречекаат домаќините Ана и Иванчо.
Придобивката од посетувањето на овие програми веќе се забележува кај посетителите, кои активно споделуваат позитивни искуства. Неколку од нив се: подобрување во комуникацијата, зголемување на мотивацијата, подобрување на меѓусебната релацијата родител – дете, подобрување на самодовербата, правилно дишење, полесно изразување на емоциите и друго.