Кревок сум во душата и срцето растејќи под стаклено ѕвоно, кај што пркосат бактерии и вируси, не оние од компјутерите, туку од реалниот свет. Мојата планета е болна. Има температура, сува кашлица, ја болат грлото и снагата, напиша Тодор Пењушков во своето писмо
Второнаградено писмо на конкурсот за ученици на „Македонски пошти“ на темата: „Напиши порака до возрасните за светот во кој живееме“
Здраво!!!
Изгасни ги оџаците, да го вдишам воздухот! Запри ги автомобилите, да ги слушнам птиците! Престани со градбите, да ги погалам тревата, цвеќињата и крошните на дрвјата! Искрши го бетонот крај реките и езерата, да можат да се измијат. Доста ми е од убавите за око пластични порции храна! Разорај ги прелозите, посади ги прадедовите бавчи, да ги вкусам и помирисам доматите, пиперките, крушите, јагодите, јаболката!
Ти ги подаваме детските рачиња јас и сестра ми, остави ги работните обврски за миг и погледни нѐ, погали нѐ, оттргни нѐ од 3Г и 4Г-мрежите и виртуелните светови, подари ни го здивот на твоето детство сред сокаците, дворовите, игралиштата и раскажувај ни за другарствата. Покажи ми ги патеките кај што скокаа јарците, кај што пасеа овците и поилата на коњите.
– Не, јас од тој свет ништо не познавам! Сакам за миг да си ги наполнам со кал ноктите, да ја вдишам прашината, да се качам на црешите, да ме каснат пчелите. Кревок сум во душата и срцето растејќи под стаклено ѕвоно, кај што пркосат бактерии и вируси, не оние од компјутерите, туку од мојот свет и мојата планета, која е болна. Има температура, сува кашлица, ја болат грлото и снагата.
Те молам тато, те молам мамо, вие сте доктори, ова се моите пораки до вас! Излекувајте ја планетата, која моли за помош, нели за тоа дадовте заклетва!? Заклетва за љубовта, скромноста, слободата и посветеноста на здравјето на сегашните и на следните генерации.
Во еден свет каков што ни го оставиле нашите предци како завет да го чуваме од искона до идни времиња!
Правејќи многу нешта постигнавме малку“!
Поздрав!
Тодор Пењушков, деветто одделение во ООУ „Димката Ангелов Габерот“, с. Ваташа, Кавадарци Менторка: Александра Бошков