Стручното жири на меѓународниот детски ликовен конкурс за 38-та Светска изложба и 39-от „Мал битолски Монмартр“ ги избра најдобрите ликовни творби за годинашната манифестација.
На конкурсот, кој траеше до 20 февруари, учествуваа околу 300 училишта, ликовни студија, градинки од 33 држави, со над 15.000 детски цртежи. Стручното жири од вкупно пристигнатите творби додели награди за учество, за колекции, златни палети и дипломи и селектира 717 најдобри дела за 38-та Светска изложба, која ќе биде поставена и отворена на 23 мај и ќе трае до крајот на 2020 година, а која секоја година е посетувана од голем број туристи и љубители на уметноста.
Највисоката награда гран при првпат ја добива 18-годишната Марија Дима од Букурешт, Романија, која е неколкугодишна учесничка на „Монмартр“, а оваа година испрати своја колекција од 20 дела.
Добитник на специјална награда е „Кидс палет креатив арт воркшоп“ од Хонгконг (Кина).
На колонијата ќе учествуваат 19 екипи (двајца учесници и ликовен педагог) од школите од Хонгконг (Кина), Словачка, Полска, Русија, Турција, Израел, Србија, Украина, Малезија, Романија, Тајланд, Бугарија, Унгарија и од Македонија.
Жирито додели вкупно 364 награди на меѓународниот конкурс „Битола 2020“.
Резултатите се објавени на веб-страницата www.smallmontmartreofbitola.com.