Третоодделенците на влезот беа пречекани од Ивце Пивце, нивниот омилен лик од ТВ-екраните, кој како добар домаќин им ја покажа редакцијата, ги запозна со начинот на работа на вработените и им доближи како секојдневно се создава весникот „Нова Македонија“
Беше раздвижено и весело минатата среда во нашата редакција. На гости ни дојдоа учениците од 3-1 одделение, од ООУ „Кузман Јосифовски-Питу“, од Скопје, заедно со наставничката Драга Дамческа. Инаку, за нивното образование се грижи и наставничката Елена Стамболиска, која се надеваме ќе ја сретнеме при наредната посета, бидејќи ни ветија дека повторно ќе се видиме.
Третоодделенците на влезот беа пречекани од Ивце Пивце, нивниот омилен лик од ТВ-екраните, кој како добар домаќин им ја покажа редакцијата, ги запозна со начинот на работа на вработените и им доближи како секојдневно се создава весникот „Нова Македонија“.
На почетокот им раскажа и дел од нашата историја, не заборавајќи да напомене дека годинава го прославуваме големиот јубилеј, 75 години од излегувањето на првиот број на весникот. Тоа се случи уште на почетокот на посетата, пред нашиот мини-музеј, каде што се чуваат првиот примерок, отпечатокот на страницата, стар фотоапарат, машина за чукање, мастилница…
Тој сликовито со еден печатарски цилиндар им покажа на учениците како се нанесувала бојата на оловните букви. И, се разбира, им посочи дека токму во „Нова Македонија“ првпат била објавена македонската азбука, на 1 мај 1945 година.
Потоа следуваше разгледување на сите простории, запознавање со вработените и мало објаснување, кој што работи. Имаше и мало честење, а на крајот сите добија подароци за спомен.
МАЛИ НОВИНАРИ
Се разбира, сѐ е поткрепено со убави фотографии како доказ и спомен на оваа интересна посета, а како домашна задача секое дете доби лист хартија на кој требаше да направи една новинарска вест поврзана со посетата или на некоја друга тема и да направи цртеж за неа.
На листот беа напишани неколку кратки информации, разбирливи за малите ученици за тоа што е вест, и препорака и тие самите да се обидат да направат мал весник на часовите по македонски јазик.
– Оваа посета ќе ја искористиме да научиме нешто повеќе за медиумската писменост, со која децата се запознаваат токму од трето одделение. Учениците се одушевени и полни со импресии, па се надевам дека ќе успеат да напишат нешто што ќе наликува на вест според новинарските стандарди – ни рече наставничката Драга Дамческа.
Децата беа многу возбудени и со големо љубопитство се интересираа за сѐ, поставуваа интересни прашања и полни со впечатоци си заминаа дома, а она што го научија се надеваме дека уште долго ќе го паметат, а можеби токму оваа посета ќе поттикне некого од нив да го избере новинарството како своја професија.
Пријатно бевме изненадени од она што го напишаа и нацртаа учениците на различни теми. Се гледа дека убаво си поминале во нашата редакција и оти вистински се потрудиле своите доживувања да ги пренесат на хартија, со збор и со цртеж.
Одушевени од Ивце Пивце му посветија многу редови.
„Средба со Ивце Пивце. Во вторникот со наставничката Драга бевме во ’Нова Македонија‘. И сретнавме еден дедо по име Ивце Пивце. Тој ни кажуваше кога настанал првиот весник и ни покажуваше како пишувале со перце. И нѐ однесе во канцелариите да видиме кој што прави…“, напиша едно од децата.
СТАР АПАРАТ И МАШИНА ЗА ЧУКАЊЕ
Третоодделенците пишуваа и за тоа дека првпат виделе стар фотоапарат и машина за чукање, што ја нарекоа тастатура, а како вистински новинари составија и информации за земјотресот што го погоди градот Драч, во соседна Албанија, кој се почувствува и кај нас. Имаше и вести за спортот, за „Златно славејче“, за тоа дека е интересно да се биде фотограф, за новата верзија на интернет-играта „Кол оф дјути“, за натпреварот на Вардар против Мешков Брест, за љубовта кон Манчестер јунајтед, но и за торнадото во САД…
Драго ни е што и „Колибри“ најде место во еден од составите, во кој се вели:
„Средба со весникот ’Нова Македонија‘. Првиот број на весникот излегол на 29 октомври 1944 година. Во весникот има многу нови вести за читање, а во средината на весникот има еден дел наменет за децата…“
Но најмногу нѐ израдува реченицата. „Сите бевме многу среќни што ја посетивме ’Нова Македонија‘“!