ЗА СЕКОЈА БУКВА ПРИКАЗНА: Р
Во „Колибри“, како подарок за сите деца, ексклузивно ја објавуваме серијата „За секоја буква приказна“ во 31 продолжение, на писателот Владо Димовски. Приказните се дел од проектот на издавачот „Арс ламина“ – „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“
Приказнарот: Р!!! Р нека биде, нека биде… река полна со риби. Нека биде и радио. Еден Раде решил да руча под сенката на едно дрво со раширени гранки. Ристо од Ропотово фатил рис и го пуштил кога му кажале дека е многу редок вид и дека ги има уште десетина. На Р почнуваат три приказни, јас ќе ви ја раскажам онаа за рибарот и за златната рипка.
Толку како за почеток. А, сега ајде да внимаваме и сите зборови што почнуваат на буквата Р да ги заклучиме во нашите главчиња, не за друго, туку за да не ни избегаат. Кога ќе заврши приказната заедно ќе ги отклучиме. Приказната е стокмена за рибарот Раде од селото Рајца и за златното рипче. Некогаш постоело едно малечко, но многу убаво, преубаво езеро. Езерото било богато со риби, со ракчиња, со школки… Околу езерото имало неколку села и во селата познати и надалеку прочуени рибари. Полека, полека, селата станале познати рибарски населби, а поради приказната за златната рипка и за познатите туристички места. Се раскажувало, демек кој ќе ја фати златната рипка ќе му бидат исполнети три желби. Се разбира никој не успеал да ја фати, но затоа, пак, некои решиле да направат фабрика со оџак кој, речиси, постојано чадел. Од фабриката езерото се загадило, та во него останале уште неколку храбри риби и заедно со нив златното рипче. Се случило така, та еден ден покрај езерото шетал рибарот Раде од Рајца, кој заедно со другите рибари станал работник во фабриката. Некогашниот рибар седнал на еден камен и почнал да плаче. Се обидело и езерото да плаче, но кутрото немало солзи. По некое време од водата се појавило златното рипче.
Што работиш тука? – му подвикнало рипчето на Радета.
Ништо… плачам! – рекол рибарот од Рајца.
Не е време за плачење – продолжило рипчето.
Аууу, златното рипче! – потскокнал рибарот. Па, нели вие, златните рипчиња исполнувате по три желби, а? – се израдувал рибарот Раде.
Исполнуваме… само…
Тогаш, ништо од мојата радост – сакал да си замине рибарот.
Чекај, не брзај! Ајде да ги смениме улогите.
Јас да исполнувам желби – се изненадил рибарот. Па, како, јас сум обичен работник и…
Сакам езерото повторно да биде чисто и полно со риби. Стави ја мојата желба во твоето срце и сигурно ќе ми ја исполниш – кажало што кажало рипчето и се скрило во матната и загадена вода.
Толку. Рибарот Раде од селото Рајца се вратил дома и неколку дена размислувал, размислувал и на петтиот ден решил да ги собере жителите на сите села… Им одржал таков говор, та сите се расплакале…
Рибари! Од рибар не се станува работник во фабрика. Ајде да го спасиме езерото. Сакам во него повторно да се огледуваат планините, да се капат сончевите зраци, повторно ветрот да си игра со бранчињата. Сега е сѐ тажно, многу тажно. Ајде да ги избркаме сите загадувачи и да си ја вратиме насмевката на нашите лица.
Што се случило по овој говор на рибарот Раде од Рајца?!… Некогашните рибари ги избркале загадувачите на езерото, на фабриката ѝ ставиле клуч и… И по неколку месеци во езерото се вратиле две видри, по трските почнале да се обесуваат птиците, рибите почнале повторно да се мрестат, ветрот повторно трчал по бранчињата, сончевите зраци повторно почнале да ги милуваат школките, кои секое утро се отворале како мали кутичиња за чување накит. По неколку години, рибарот Раде од селото Рајца повторно решил да влезе со кајчето во неговото езеро. И колку што завеслал… се појавило златното рипче.
Раде, ми ја исполни желбата, ти благодарам!
Твојата желба ја носев во моето срце и затоа успеав. Сега сум среќен човек, извини, рибар.
Време е да ти исполнам три желби, така?
Рипче, да те замолам нешто – рекол рибарот со широка насмевка на лицето. Ајде да ги оставиме желбите за во некоја друга приказна! Важи?!
Некој рекол, само приказните со среќен крај се вистински приказни. И не згрешил. Како да не ми верувате, а?! Ако ми верувате арно, ако не уште поарно!
За крај зборовите што ги пикнавме во оваа приказна, а кои ја содржат буквата Р ги отклучуваме: Река, риби, рибар, Ристо, Раде, радио, Ропотово, Рајца, ракчиња, работник, раскажува, радост, рис, руча, раширени, редок, рибарска населба, работа, размислува, решава…
Наместо белешка за авторот
Владо Димовски е познат македонски писател за деца и за возрасни, автор е на радиодрами и сценарист на телевизиски играни серии. Роден е во селото Долно Дупени, Ресенско во 1951 година. Работел во Македонското радио како новинар, а бил уредник на Редакцијата за деца, уредник на Секторот за култура, образование и наука и извршен уредник на играната програма.
Член е на ДПМ од 2000 година. Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди.
Негови најпознати дела посветени на децата се: „Цвет од сонца“, „Умни глави“, „Приказни за буквите“, „Тате, мама и јас“, „Продавница за играчки“, „Испревртени приказни“ и други.
Чест гостин е во додатокот за деца „Колибри“, а до скоро на нашите страници се објавуваше неговата едукативна серија, која стигна до бројката 70, „Да зборуваме македонски со Владо Димовски“.