Во „Колибри“, како подарок за сите деца, ексклузивно ја објавуваме серијата „За секоја буква приказна“ во 31 продолжение, на писателот Владо Димовски. Приказните се дел од проектот на издавачот „Арс ламина“ – „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“
Приказнарот: M!!! M се многу мечки во мало дувло. М е кога во мрежата на рибарот Митре ќе се фатат многу мрени. Во Мренога еден Митре на мравките им правел мравјалници. Митра во Моноспитово видела морж и рекла: Што е многу, многу е! На М има многу приказни, јас ви одбрав една од многуте. Толку како за почеток. А, сега ајде да внимаваме и сите зборови што почнуваат на буквата М да ги заклучиме во нашите главчиња, не за друго, туку за да не ни избегаат. Кога ќе заврши приказната, заедно ќе ги отклучиме.
Приказнава е стокмена за еден Мане од Мренога, од едно наше многу убаво село. Е, тој Мане не бил ни многу висок, ни многу низок, бил како што треба – арен и за себе и за другите. Имал многу овци, од оние што ги викаат мерино. Да ги видиш оддалеку – милина. Ги пасел на многу места, а околу пладне ги заспивал на местото што го викале Момино Грло. Демек, тука некогаш доаѓала некоја многу убава мома да наполни вода од изворот. Ќе ги оставела стомните на камената плоча, лево од изворот, ќе ја расплетела косата и почнувала да пее. Песната стигнувала до сите куќи во Мренога.
Околу изворот во Момино Грло ќе налегнеле овците, а Мане ќе одел малку подалеку од нив, на едно место што личело на гумно. И така, ќе седнел, седнувал до еден мравјалник, и ќе почнел да разговара со мравите. Испуштал некакви гласови, мрдал и со рацете и со нозете… и некако се разбирале. Знаел што им треба, та им носел пченица, леб и секој ден по една рака шеќер. Мравките на Манета од Мренога му правеле голема чест, божем кога ќе го виделе ќе се построеле пред мравјалникот и ќе марширале… лева-десна, лева- десна – како војници. Кога ќе им речел мирно, застанувале и чекале Мане да им изрони трошки од лебот, да ја расфрла пченицата околу и да им го истури шеќерот пред влезот во мравјалникот. Кога ќе го мрднел малечкото прсте од десната рака, мравките почнувале да работат, да работат и, така, работеле до пред зајдисонце.
И така со години. Арно ама, како станало, што станало, еден ден Мане не ги нашол мравките. Море викал, море им ронел трошки, им ставал шеќер пред влезот во мравјалникот… ништо! Не му било лесно, почнал да плаче ко мало дете. Се вознемириле од плачењето и овците мерино и овчарското куче Мурџо. Ееее, Мане, Мане… Со недели не јадел ништо, почнал да слабее, да бледнее, почнал да вика по овците, да фрла со камења по Мурџо. Како да не бил Мане, ами некој друг. Кога, еден ден… леле мајко мила, видел нешто што не се гледа на сон, а не на јаве.
Да е мечка, не е. Да е дива мачка, не е. Да е… Мајката, што е? – се чудел Мане од Мренога.
Животното се наместило кај мравјалникот, го извадило долгиот јазик и…
Првпат гледам толку долг јазик… Кој и да си, што и да си ќе те удрам со овчарскиот стап, па што сака нека биде – си подрекол Мане како за себе и почнал да го удира животното. Удри, удри и животното паднало на грб.
Еее, дури потоа Мане од Мренога дознал дека чудното животно било мравојад. Го донел некој нашинец од многу далеку. Станало што станало со мравојадот, по некое време излегле мравките од мравјалникот, му се заблагодариле на Манета и продолжиле да си живеат спокојно и мирно, горе над Мренога, кај Момино Грло. Ако некого од вас го однесе патот во Мренога и ако оди до Момино Грло, ќе го види мравјалникот, кој сите сега го викаат Манев мравјалник. Што?! Како да не ми верувате, а?! Ако ми верувате – арно, ако не – уште поарно!
За крај ги отклучуваме зборовите што ги пикнавме во оваа приказна, а кои почнуваат на буквата М: Мане, Мренога, мрави, мравјалник, мравојад, Момино Грло, Мурџо, мерино, Митре, Моноспитово, милина, многу, мечка, мрена, Митра, морж, многу, место, мома, мрда, маршира, мирно, малечко, мајка…
Наместо белешка за авторот
Владо Димовски е познат македонски писател за деца и за возрасни, автор е на радиодрами и сценарист на телевизиски играни серии. Роден е во селото Долно Дупени, Ресенско во 1951 година. Работел во Македонското радио како новинар, а бил уредник на Редакцијата за деца, уредник на Секторот за култура, образование и наука и извршен уредник на играната програма.
Член е на ДПМ од 2000 година. Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди.
Негови најпознати дела посветени на децата се: „Цвет од сонца“, „Умни глави“, „Приказни за буквите“, „Тате, мама и јас“, „Продавница за играчки“, „Испревртени приказни“ и други.
Чест гостин е во додатокот за деца „Колибри“, а до скоро на нашите страници се објавуваше неговата едукативна серија, која стигна до бројката 70, „Да зборуваме македонски со Владо Димовски“.