„Дидактика на родители“ е трета по ред научно-стручна публикација од универзитетскиот професор Деан Илиев. Поточно, ова е прва публикација од овој вид во нашата земја и пошироко, затоа што досега дидактиката како теорија на учењето и поучувањето била наменета само за реализаторите на воспитно-образовниот процес.
„Дидактика за родители“ е водилка и упатство за родителите во спознавањето на улогата на наставниците, училиштето и државата во развојот на детето, а во исто време се очекува оваа книга кај родителите да развие критички однос кон сопствената улога во училиштето и надвор од него. Во центарот на книгата е родителот, а целта е да се зголеми учеството на родителите во процесот на поучување и учење. Од друга страна, книгата претставува можност искусните наставници да ги освежат своите знаења, да ги откријат иновациите во дидактиката како наука, но и да ги разберат и искористат современите компетенции на родителите како партнери во процесот на поучување.
Книгата е можност идните наставници да ги прошират дидактичките знаења, да ја прифатат улогата на родителите во поучувањето и учењето, да научат да дизајнираат облици на соработка во поучувањето и учењето и да ги користат на соодветен начин личните, социјалните и професионалните капацитети на родителите при поучувањето. Со оваа книга, ученикот во родителот добива и модел на учење и родител по мера. „Дидактика за родители“ е создадена врз основа на нова таксономија на цели, за првпат применета во учењето на родителите, а со имплементација на предложените форми за работа се создаваат основи на здружување на родителите во родителски здруженија што организирано ќе работат на унапредување на развојот на нивните деца. Всушност, оваа книга е вовед во создавање курикулум за родители, нешто што е следен проект на Илиев.Тој е доктор по педагошки науки и редовен професор по предмети од областите: педагогија, социјална педагогија и образование на возрасни (перманентно образование) на Педагошкиот факултет во Битола.
Книгата е издание на „Европа 92“ од Кочани, уредник на изданието е проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска од Педагошкиот факултет во Битола, а рецензенти се професорите Вера Радовиќ од Учителскиот факултет во Белград и Сузана Никодиновска-Банчотовска од Педагошки факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје.