Детски гласови за убав, спокоен и достоен свет за сите

Се одржа првата поетска манифестација за млади таленти во Ресен

По повод 76-годишнината од ослободувањето на градот Ресен и првиот роденден на здружението „Жар Преспа“, на 9 септември, во отворениот амфитеатар во градот, се одржа првата детска манифестација „Детски гласови“.
Водителка на настанот беше младата Сара Марковска, а на почетокот на манифестацијата се обрати претседателката на здружението, м-р Даринка Веслиевска, додека за отворен го прогласи градоначалникот на Општина Ресен, д-р Живко Гошаревски.
– На настанот учествуваа дваесет и осум деца учесници, кои ги прочитаа своите прекрасни литературни творби и благодарение на нив идејата за ваква манифестација стана реалност. Инаку, вкупно беа пријавени четириесет учесници. Искрено се надеваме дека манифестацијата ќе стане традиционална за да се поттикнува и поддржува литературната творечка дарба кај најмладите. За нас организаторите вие сите сте една млада генерација талентирани творци, кои порачуваат дека треба добро да се запаметат нивните творби како жив доказ и нивната посакувана слика за убав, спокоен и достоен свет за сите. Изразуваме огромна благодарност до сите што беа дел од идејата и реализацијата на овој проект – велат од организацијата.
Јасмина Илиевска Марјановиќ беше уредничка на книгата „Детски гласови“, а за идејата, начинот и текот на организацијата се погрижија и со голема љубов ги изработија Сотир Чаушевски и Даринка Веслиевска.
Настанот помина во најдобар ред, насмеаните лица на присутните беа доказ дека се случи нешто убаво, културен настан што ќе остане долго да се памети и копнеж да се повтори наредната година. 


Наградени ученици

Во рамките на настанот беше промовирана и книгата со детски творби со наслов „Детски гласови“, а беа доделени повеќе награди.
Според интернет-гласањето наградени се:
*трето место – Антонио Атанасоски, 14 години, осмо одделение, од Долнени, со својата песна „Мојот дом“;
*второ место – Андреј Тасиќ, 11години, шесто одд., од Скопје, со својата песна „Долгокоса“;
*прво место – Ребека Вржовска, 13 години, девето одд., Ресен, со песната „Мила моја мамо“;
*за најубав есеј од публиката беше одбран „Лето“ од Софија Трнковска, 12 години, шесто одд., од Струмица.
Според стручното жири наградени се:
*за најубава роднокрајна песна – „Мојот роден крај“ од Александра Герасовска, 15 години, прва година средно, Ресен;
* за најдобра песна за екологијата – „Еко песна“ од Андреа Ангеловска, 12 години, седмо одд., Ресен;
*трето место – Симона Ангеловска, 13 год, осмо одд., од Ресен, со својата песна „Порака“;
*второ место – Стефани Наумовска, 11 години, петто одд., од Ресен, со својата песна „Желба“;
*за најубав расказ е избран „Вечер крај езерото“ од Христијан Наумовски, 12 години, седмо одд., Ресен;
*прво место – Јована Трајчевска, 14 години, деветто одд., од Ресен, со својата песна „Во овој свет“.
Фондацијата „Такец“ од Битола додели специјална награда: печатење заедничка збирка литературни творби од младите автори: Јована Трајчевска, Андреј Тасиќ, Антонио Атанасоски, Ана Шушевска, Елена Нечовска, Андреа Ангеловска и Христијан Наумовски.
Издавачка куќа „Арс ламина“ од Скопје и Татјана Димовска Атанасова со убава детска литература ги награди учесниците: Јована Трајчевска, Андреа Ангеловска, Христијан Наумовски, Стефани Наумовска, Симона Ангеловска, Андреј Тасиќ, Стефанија Веслиевска, Александра Герасовска, Мелина Филиповска и Илина Наумовска.
„Милкуз дооел“ од Охрид со ваучер-викенд во Претор ги награди добитничките на прво место: Ребека Вржовска и Јована Трајчевска.
Сите деца добија збирка и пофалници за учество и за афирмација на проектот.