Во „Колибри“ објавуваме делови од книгата „Од дневникот на Васко Пикаско и Зорка Сештозборка“ на познатиот македонски писател за деца Киро Донев. И ова дело на мајсторот на римите е ведра, интересна и поучна книга, а преку белешките на сестричката и братчето, двајцата палавковци, ќе можете да ѕирнете во нивниот шарен свет, по нешто да научите, да се насмеете и со нетрпение да го очекувате секој нареден број на вашето омилено четиво

Низ страниците на македонската литература за деца. „Од дневникот на Васко Пикаско и Зорка Сештозборка“ на Киро Донев (8)

Конечно! Најпосле на бел ден да излезе и вистината… Сношти ме прогласија за ДЕТЕ НА ГОДИНАТА!
Дека навистина сум ТОА, признавам и сам, без срам… Признавам и без „полиција“. Тој свечен чин е наша семејна традиција! Во двојна и мошне силна конкуренција, победи мојата „екселенција“!
Мојот вечен конкурент за таа титула, сестра ми Зорка, сѐ уште е во „кома“. Офка, плаче, ни нос не покажува од дома. Ниту јаде, ниту пие, ниту спие. Ништо не може да ја смири. Лута ми е мене, на кучето, на мачето, но и на нашето семејно жири.
А мене, искрено, ни око не ми трепна – ич не ми е гајле! Може да се дуе како балон и до утре сабајле! Колку сака нека мисли дека изборот бил лажиран – мене нема да ме види изнервиран!
Но на моето прогласување беше присутна. Сѐ чу и виде сама! Едногласно се изјаснија: и дедо и тато и мама… Три чисти гласа добив јас, а таа – ниеден глас!
Дедо, како претседател на жирито, даде непобитно и опширно образложение:
– Цела година Васко покажа одлично поведение!
Рака на срце, по овие зборови на дедо, баба малку се колебаше. Не знам зошто тоа ѝ требаше, ама, ете, промрмори вака:
Мислам, домаќине, тоа не е баш така. Ако едно на друго – сѐ ставаме на вага, во твоето образложение ќе има малку и лага…
Се исплашив. Но, сепак, бргу мина најстрашното. Дедо сал ја „стрелна“ баба со погледот и – таа си „легна на брашното“. Остана, што се вели, „запржена – недопржена“ – па наместо да гласа против, си остана воздржана…
Но сега сестра ми збесна. Ме погледна и со завист со дланката среде чело се плесна:
– Тој да е дете на годината!? Не ја кажувате вистината! Тој ниту една работа нема завршено! Колку чаши и филџани има искршено? Кога не е на училиште, или скита или спие… Неделно сал еднаш лицето си го мие! Зар е можно ваква неправда да ми се случи?!
– Жалам внучке – ѝ врати дедо – стручното жири така одлучи!
Што друго да ви кажам, кога не знам да лажам! Таков дедо еднаш на сто години се раѓа! Ама и јас не сум за фрлање – крушата под круша паѓа! Таква ни била судбината – тој да биде супердедо, а јас ДЕТЕ НА ГОДИНАТА!


За авторот

Познатиот македонски писател за деца и млади Киро Донев е роден во селото Моноспитово, Струмичко, на 21 март 1942 година. Беше новинар, главен и одговорен уредник и директор на „Детска радост“ при НИП „Нова Македонија“. Член е на ДПМ од 1970 година. Денес, како пензионер, живее во родното село.
Автор е на голем број книги за деца, почнувајќи од првата поетска збирка „Жаба спикер“, издадена во 1967 година, до последната „Било и се скрило“, издадена по половина век, во 2017 година.
Автор е и на десетина радио и ТВ-драми за деца и млади. Неговите книги се преведени на: српскохрватски, турски, албански, бугарски, украински и руски јазик.
Добитник е на наградите: „Гоцева повелба“ – Подгорци, „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца, „Курирче“ и „Струшко изгрејсонце“ на фондацијата „Македонија презент“ и „Големиот принц“ од издавачката куќа „Феникс“.
Негово последно дело е книгата „Видое Подгорец – незавршена приказна“, романизирана биографија, која Донев ја напишал за својот соработник и пријател или, како што тој честопати знае да каже, „батко и духовен татко“.