Неодамна од печат излезе новата книга за деца „Деби Му освојува медали“, чиј автор е новинарката и писателка Жаклина Мучева.
По „Мозаикот на Деби Му“ и „Деби Му го разбуди бувчето“, еве го пред нас и третиот дел од приказните на Деби Му. Не се работи за книги што една со друга се тематски поврзани, па мора да се читаат по редослед, туку нив ги поврзува единствено раскажувачот – љубопитниот, паметниот и креативниот Деби Му.
„Мозаикот на Деби Му“ нѐ облагороди со разни податоци за чантата, огледалото, ладалото, шапките, чевлите и ни го претстави светот на модата и личната хигиена, а во истата книга од тој свет Деби Му се пресели и ни подари безброј впечатливи информации за животинското царство. „Деби Му го разбуди бувчето“ продолжи во истиот правец и ни ги претстави наjинтересните нешта за птиците, инсектите и жителите на морскиот свет.
Овој пат Деби Му сака да спортува. Децата многу го сакаат спортот и постојано се зборува за неговата важност и значење. Убаво е да се спортува и пред сѐ е здраво, но убаво е и да се знае по нешто за спортовите, а особено за спортот со кој сме одлучиле да се занимаваме професионално или како хоби.
Во оваа книга читателите ќе најдат многу поучни, интересни и занимливи факти за алпинизмот, атлетиката, голфот, каратето, картингот, кревањето тегови, крикетот, лизгањето на мраз, мечувањето, пикадото, подводните спортски активности, рагбито, санкањето, скијањето, спортското качување, фрлањето диск, фудбалот, хокејот на трева, за шахот, за риболовот и за олимписките игри.
Како играта шах го добила името? Како се игра хокеј на трева? Кој многу популарен спорт се крие зад името „Џоко ди калчо“? За што се користеле санките во минатото? Каде е основан првиот лизгачки клуб? На која возраст е најпогодно да почнете да тренирате карате? Кој го изработил првото пикадо? Кои се трите дисциплини на спортското мечување? Дали децата смеат да се занимаваат со кревање на тегови? Каков спорт е картингот?…
За сите овие прашања, ќе најдете одговори во оваа книга, а ќе најдете уште безброј одговори за прашањата што ги имате или за прашањата што ќе произлезат откако ќе ја прочитате.
Книгата ја објави издавачката куќа „Едука мак“ од Скопје, рецензентка е проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска, а илустрациите се на Ивана Горичан.