Низ страниците на македонската литература за деца:
„Дарко во Зоопаркот“ од Киро Донев
Еве ме и мене пак – Дарко Новинарко, вашиот редовен известувач на новостите од Зоопаркот! И јас како и вие, на заслужен летен одмор бев. Ама, за „жив грев“… Наместо на плажа крај некое езеро или на море, кампував на една полјанка, на планина, и тоа под самиот нејзин врв – најгоре!
Мама и тато, без да ме прашаат, сами си се имаа договорено. Инаку, такво нешто досега никогаш немаа сторено!
И, така, сакал-нејќел, се најдов во вистински зоопарк, и тоа – на отворено! Ама, искрено да ви кажам за тоа што се случи така, сега ама ич не ми е мака! Зашто јас сум вљубеник во природата, а планините – посебно си ги сакам!
И, кога пристигнавме на местото, при таквата „сакам-нејќам“ ситуација, од мене, едноставно како да избувна некаква професионална (новинарска) „деформација“. Буквално почнав да се „задушувам“ од инспирација. Па, така, додека мама и тато бараа погодно место и го поставуваа шаторот, јас го истегнав вратот како Пајо Паторот и восхитен од убавината на планината „летнав“ да ја истражувам околината. Чекор по чекор – се изгубив во дивината!
И што да ви кажам? Од среќа и возбуда, едноставно, да посакаш да си летнеш! Какви птици и животни ќе си замислиш – такви ќе си сретнеш! Ни на сон не би ми дошло, дека толку богат растителен и животински свет има во планината Беласица! А, уште, помалку дека таму ќе се запознаам со еден Еж, со дива Коза, со Верверица, еден Був, па дури и со една Куна-Златица! Ги сретнав без да ги барам. А, кога ги сретнав веќе, си реков: „Зошто со нив и да не си поразговарам?!“ Кога ги прашав за тоа, за среќа, тие не ми одрекоа. Напротив, едногласно, речиси сите ми рекоа:
– На драго срце, Дарко Новинарко, ама кога ќе се вратиш дома, поздрави ги и нашите роднини на „привремен престој“ во Зоопаркот!
И, разговорот меѓу нас почна да тече. Всушност, не им поставував прашања. Ги оставив секој сам што сака – тоа да го рече… А, да не помислите дека јас нешто ве лажам, еве и запишав секој што ми кажа:
Ешко Таралешко: – Чинам дека луѓето – и старите и младите нашата Беласица најчесто ја посетуваат – заради водопадите! И тоа е добро, да не речам, во
ред… Но впечатокот не е целосен, нели – без да го запознаат и нашиот животински свет?!
Куната Златица: – Јас сум куната Златка. Ќе бидам многу кратка… И со најгрдата Куна или Ласица поубава ќе нема од нашава Беласица! Ние сме си познати по крзното и модата, а Беласица: по костените, јаворите, изворите и водата!
Верверицата Прчиопашка: – Најважно е за нас, вервериците Беласица секогаш што ни ги полни кошниците!
Бувот Уф-Уф: – кога би бил сал со едно око, едно уво, или кога сосема би бил глув – ни тогаш подобро живеалиште од Беласица ќе нема дури ни за таквиот Був!
Додека, драги мои, ја запишувам оваа необична „монодрама“, го слушам гласот на мама:
– Дарко, сине… Остави ги на мира животинките… Дојди да ги пробаш капинките и боровинките!
За авторот
Познатиот македонски писател за деца и млади Киро Донев е роден во селото Моноспитово, Струмичко, на 21 март 1942 година. Беше новинар, главен и одговорен уредник и директор на „Детска радост“ при НИП „Нова Македонија“. Член е на ДПМ од 1970 година. Денес како пензионер живее во родното село.
Автор е на голем број книги за деца, почнувајќи од првата поетска збирка „Жаба спикер“ издадена во 1967 година, до последната „Било и се скрило“, издадена по половина век, во 2017 година.
Автор е и на десетина радио и ТВ-драми за деца и млади. Неговите книги се преведени на: српскохрватски, турски, албански, бугарски, украински и руски јазик.
Добитник е на наградите: „Гоцева повелба“ – Подгорци, „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца, „Курирче“ и „Струшко изгрејсонце“ на фондацијата „Македонија презент“ и „Големиот принц“ од издавачката куќа „Феникс“.
Негово последно дело е книгата „Видое Подгорец – незавршена приказна“, романизирана биографија којашто Донев ја напишал за својот соработник и пријател, или како што тој честопати знае да каже „батко и духовен татко“.