Првиот детски музички фестивал „Весели ѕвончиња“, кој се одржа во саботата во центарот за култура „Марко Цепенков“, во Прилеп, ги оправда очекувањата и беше убав ден посветен на детската песна.

– Дечињата во еден глас ги пееја и заедно играа на новите детски хитови што беа изведени. Вкупно 12 нови детски композиции продуцираше фестивалот.
Нина Илијоска пееше за едно бело маче, Леона Јанкоска за папагалот што многу сака да игра, а малечката Теодора Настоска посака како домашно милениче дома да чува слон. Анастас Михајлоски беше фраерот од Радовиш што знае да вози мотор, Игнат Митаноски јавно призна дека ја сака Ема, а, пак, петгодишната Марија Тошеска е вистинска пеперутка на мама и на тато.

Другарките Милена Андоновска и Валентина Спасеска имаат заеднички симпатија што живее во Крушево, а Марија Велкоска од Прилеп со своите другарки на сцената на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп приреди вистинска журка. „Не знам што се случува“ е песната што ја испеа Теона Богданоска, но на сцената имаше и една „Принцеза“ – Марија Талеска. Многубројната публика на двете фестивалски претстави беше воодушевена и од песната „Штета што е сон“, која ја испеа прилепчанката Софија Настоска. Роденденските забави сега ќе бидат побогати со уште една одлична роденденска песна што ја испеа Елеонора Стојчевска.

Изведувачите на сцената беа заедно со хорот и музичкиот бенд „Весели ѕвончиња“. Текстописец на песните е Гоце Илиески-Балада, а тој е автор и на музиката од повеќето песни, освен на две композиции каде што креатор на музиката, освен Гоце е и Рубин Димкоски, кој го направи аранжманот за сите песни. Директор на првиот фестивал е Драган Јанкоски, а организатор е здружението за едукација „Академик“.
Организаторите се надеваат дека фестивалот „Весели ѕвончиња“ ќе биде новиот музички бренд во поглед на новосоздадената детска песна во земјава.