Членовите на детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ („Мал битолски Монмартр“), Ангела Каранфилова и менторката Елена Хаџи Антонова ги претставуваа Битола и Македонија на вториот детски ликовен фестивал „Пиатра Неамт-Креатив“ во Пиатра Неамт, Романија. На оваа ликовна манифестација учествуваа екипи од Кина, Турција, Тајланд, Бугарија, Русија, Украина, Романија, Полска и од Израел.
Фестивалот е организиран по урнек на „Малиот битолски Монмартр“, но сега, очекувано, учесниците ја сликаа романската архитектура.
Нашата претставничка Ангела Каранфилова (17) во текот на петте работни дена беше меѓу најдобрите учесници, а на крајот, на свеченото затворање на фестивалот, доби и сребрен медал и достојно ги претстави родната Битола и „Малиот битолски Монмартр“ на овој престижен меѓународен ликовен фестивал.