Она што ме храни и напојува изминативе 25 години се љубовта кон децата и нивните искрени чувства, бидејќи со секоја испеана песна тие возвраќаат со многу позитивна енергија, вели Зоран Станоев-Дејзи, творецот на фестивалот
Фестивалот „Гроздоберче“ се одржа викендов во Кавадарци по јубилеен 25-ти пат
Меѓународниот фестивал на детска песна „Гроздоберче“, што веќе стана препознатлив белег на Кавадарци, но и на Тиквешијата, особено меѓу децата, викендов се одржа по јубилеен 25-ти пат. На 5 и 6 ноември роденденот беше прославен како што доликува, со многу убави песнички, другарување и детски насмевки, а ја слушнавме и фестивалската химна „Ова нема да се повтори“.
Фестивалската приказна почна во 1997 година и, еве, трае до денес. Организаторите на фестивалот се потрудија роденденското издание да биде по многу нешта посебно, а, како што велат, се подготвуваше со истиот ентузијазам, радост и возбуденост како и на почетокот. Главните виновници за успехот се Зоран Станоев-Дејзи и сопственикот на приватната СКАЈ телевизија, Митко Манчев, кои одлучија и Кавадарци да има музичка манифестација посветена на децата. На првиот фестивал пред четврт век беа изведени 20 детски песни, а се одржа во спортската сала „Јасмин“. Целиот проект помина одлично, а бурниот аплауз и повеќе од 3.000 посетители беа доволна причина фестивалот да продолжи да живее.
Спомени од детството
Бидејќи сите родендени се возбудливи, но и будат многу спомени и емоции, така беше и овој пат. Песничката што на првиот фестивал „Гроздоберче“ ја испеаја близнаците Дејан и Даринка Делови со наслов „Сестричка“ публиката имаше можност да ја слушне на јубилејното издание токму од Дејан Делов, кој сега е татко на две деца.
Детскиот фестивал „Гроздоберче“ може да се пофали дека донесе 580 новокомпонирани песни за деца, кои ги исполнија исто толку талентирани пејачи на сцената на која имаа свои настапи повеќе од 3.300 учесници. Освен интерпретаторите и водителите, тука се и членовите на балетските групи, на училишните хорови… Она што е препознатлив белег на „Гроздоберче“ е традиционалната соработката со музичките ѕвезди од македонската естрада, кои рамо до рамо со учесниците ги пееја детските песнички. Во оваа пригода ќе ги споменеме имињата на некои од нив: Ѓоко Танески, Катерина Танева, Елвир Мекиќ, Адријан Гаџа, Наташа Малинкова, Александра Михова, Кристина Арнаудова, групата „Журнал“ и други. Од домашните актери заедно со распеаните момчиња и девојчиња на сцената застанале: Диме Коцевски, Александар Малинков и Диме Боцев.
Во изминативе години сцената на фестивалот „Гроздоберче“ ја красеа прекрасни сценографии, кои ги изработуваа познатите ликовни уметници од Тиквешијата, како што се: Ристе Соколов-Сокол, Ванчо Кеков, Владимир Темков и Горан Боев, чие дело е и последната сценографија за јубилејното издание, на која се насликани момче и девојче што држат кошничка полна со грозје. Всушност, зрелите гроздови и лозата секогаш беа заштитен белег на прекрасните сценографии на сите изминати фестивали, како и многубројните хитови, кои сѐ уште се слушаат и пеат.
Детските насмевки – најголема награда
Освен што е идеен творец на фестивалот, Зоран Станоев-Дејзи во изминативе две и пол децении ја извршува и функцијата директор на фестивалот. Тој исто така е и композитор и текстописец на некои од песните.
Зоран ни рече дека посветено ќе ја продолжи и во иднина дружбата со малите распеани „гроздоберчиња“ и ќе го чува детето во себе.
– Она што ме храни и напојува изминативе 25 години, секако, се љубовта кон децата и нивните искрени чувства, бидејќи со секоја испеана песна тие возвраќаат со многу позитивна енергија. Тоа е мојата сатисфакција и покрај сите слатки маки што ги поминуваме за да опстои фестивалот. Едноставно нивните насмевки на сцената додека пеат се нашата награда за трудот што сме го вложиле во текот на целата година. Се разбира, овој фестивал немаше да опстои ако ги немавме нашите помагатели. Признавам, не беше лесно, понекогаш во нашата комуникација наидувавме на разбирање, а понекогаш не, но сѐ уште имаме енергија и голема мотивација да продолжиме да го подготвуваме фестивалот сѐ додека можеме – вели директорот Зоран Станоев.
На сцената заедно со децата пееле и познати македонски пејачи, како Ѓоко Танески, Катерина Танева, Елвир Мекиќ, Адријан Гаџа, Наташа Малинкова, Александра Михова, Кристина Арнаудова, групата „Журнал“ и многу други
И од јубилејниот фестивал ќе има аудио и видеоиздание со новите 17 песнички, а фестивалот ќе се емитува на локалните и на националните телевизии.Покрај финансиската поддршка, која е неопходна за одржување на фестивалот, за успехот на манифестацијата се важни песните што ги донесува „Гроздоберче“.
– Целиот музички материјал се подготвува во студиото „Компакт продукција“ на Пепи Ангелов, кој е дел од фестивалскиот тим од самиот почеток и го чувствува како дел од себе. Неговиот придонес за продукцискиот дел на песничките е огромен и се мери со илјадници часови поминати во студио. Со макотрпна работа и трпение во овие изминати години, за да може финалниот звук да биде беспрекорен. Тука не треба да се заборават сите наши пријатели, родители на учесниците и сите вработени во домот на културата „Иван Мазов Климе“ каде што се одржува фестивалот – објаснува Станоев.
Освен што малите гроздоберчиња ги разубавуваа сите детски манифестации во Кавадарци и репрезентативно нѐ претставуваа во другите градови во Македонија, самиот фестивал изминативе години негува успешна соработка со повеќе детски фестивали во регионот, како што се „Златна снегулка“ од Црна Гора, „Децата пеат хитови“ од Србија, „Млади срца“ од Словенија, како и други фестивали од Босна и Херцеговина, Косово и од Бугарија, од каде што често се враќаат со специјални награди и пофалници. Во рамките на оваа соработка, токму оваа година на фестивалот во Кавадарци имаше по еден учесник од Словенија и од Црна Гора. Но од овие гостувања најубави, сепак, се искрените пријателства и прекрасното дружење со децата гости.
Викендов учесниците на „Гроздоберче“ ја посетија познатата винарницата „Стоби“, каде што беа топло пречекани, а за спомен беше снимена и заедничка фотографија.