На фестивалот „Детски Рацинови средби 2020“
Милана Капкоска од Прилеп, ученичка во 8 – В одделение во ООУ „Рампо Левката“, деновиве се закити со првата награда на манифестацијата „Детски Рацинови средби“ за песната „Другарството – најголемото богатство на светот“.
Ова тринаесетгодишно девојче уште од мало пројавува интерес за книгите. Нејзината љубов кон пишаниот збор сѐ повеќе расте и Милана досега има прочитано многу книги. Еден од омилените автори ѝ е Горјан Петрески, а најголем впечаток ѝ оставила неговата книга „Исти очи“. Многу ја сака и поезијата, особено на македонските писатели: Кочо Рацин, Ацо Шопов и Блаже Конески.
Уште од рана возраст таа почнала да пишува стихови. Досега има напишано многу песни на најразлична тематика и учествувала на повеќе литературни натпревари каде што освоила многубројни награди. Последната е на годишната поетска манифестација „Детски Рацинови средби“, каде што Милана Капкоска со својата песна „Другарството – најголемото богатство на светот“ ја освои првата награда во категоријата 8-9 одделение. Менторка ѝ беше Верица Апостолоски.
Инаку, тема на годинашниот литературен натпревар беше: „Другарството – алка која поврзува народи, места и континенти“.
Кога има слободно време, како и нејзините врсници, Милана Капкоска сака да се дружи со своите другари, да ја слуша омилената група „БТС“, а го сака спортот и во текот на летото посетува пливачка школа. Ги сака и животните,чувала кучиња, папагали и рипчиња, а сега со нетрпение го исчекува својот нов домашен миленик – куче од расата мини-малтезер.
Сепак, и во иднина Милана најголемиот дел од времето ќе го минува во пишување поезија или, како што вели таа, во „преточување на најдлабоките чувства во поетски стихови“.