Мето од петто толку многу ја засака книгата што по завршувањето на пандемијата ја замоли да го научи да лета. „Ќе научиш да леташ кога ќе почнеш да се држиш за секоја моја мисла, за секој мој збор“, низ насмевка му рече книгата
Од бележникот на писателот Трајче Кацаров
Еднаш од работната маса на Мето ученикот во петто одделение одлета најтажната книга. Беше тажна зашто Мето никогаш не ја земаше в раце. Дури не сакаше ниту да ја погледне. „Сигурно сум неинтересна. Зарем сум толку многу дебела. Мора корицата да ми е стуткана, неиспеглана. Ете, ако му смета тоа што пишува лектира за петто одделение, ќе се потрудам да го скријам напишаното, или да го избришам“ – си размислуваше тажната книга секогаш кога Мето ќе поминеше покрај работната маса без да фрли барем дел од поглед кон неа. Беше подготвена на сѐ, само да му го сврти вниманието.
Мето не го забележа отсуството на книгата. Ако, пак, го забележеше сигурно ќе си речеше: „Голема работа. Подобро што одлетала. И онака видеоигрите ми се поинтересни од читањето лектири.“ Но како што вели поговорката „не радувај се предвреме!“, на неколку дена од бегството на книгата, Владата поради ширењето на мистериозниот вирус прогласи вонредна состојба во државата. Училиштата ги затворија. Се воведе и полициски час. Никој не смееше ниту носот да го подаде од прозорецот. Наставата почна да се врши преку интернет -онлајн. Учителката што им предаваше мајчин јазик и литература, за писмената работа им даде тема од лектирата за петто одделение, токму од книгата што одлета од работната маса на Мето.
„Лесна тема!“, се израдува Мето зашто знаеше дека ги има набавено сите лектири за петто одделение.
Го фати паника, дури побара и помош од мајка му, кога по долгото темелно барање не можеше да ја најде. Сѐ пребараа, а од книгата ниту трага. Библиотеките беа затворени, книжарниците исто така. Татко му не смееше да дознае за маката на Мето зашто ќе му изречеше строга казна, која ќе го погодеше повеќе од полицискиот час.
Денот кога требаше да се предаде писмената работа се ближеше, Мето во паниката почна на глас да ја довикува книгата. „Те молам ако ме слушаш јави ми се! Книгичке, книгичке моја мила, те молам биди другар, јави ми се!“
Ја довикуваше, ја молеше да се појави и наеднаш слушна тивко смеење. „Ти ли се смееш, книгичко?“, праша Мето.
„Јас“, му одговори книгата. „Тогаш појави се“, ѝ рече Мето.
„Нема да се сретнеме додека не почнеш да веруваш дека поголем другар од книгите немаш. Тие се со тебе и кога си болен и кога си здрав и кога си весел и кога си тажен. Тие се со тебе и кога си слободен и кога си затворен. Тие се твоите очи, твоите уши. Тие зборува низ твојата уста“, му рече книгата, која повеќе не беше тажна.
„Добро, добро сето тоа ми е јасно, но ако не се појавиш што ќе стане со мојата писмена задача?“, праша веќе тажниот Мето.
„Тоа што ѝ со пандемијата од лошиот вирус. Ќе помине. Но другарството помеѓу мене и тебе ќе остане засекогаш завршено ако не почнеш да веруваш во мојата верност“, му рече книгата и се спушти кон него, а Мето од петто одделение ја пречека во топла прегратка.
Толку многу ја засака книгата што по завршувањето на пандемијата Мето ја замоли да го научи да лета. „Ќе научиш да леташ кога ќе почнеш да се држиш за секоја моја мисла, за секој мој збор“, низ насмевка му рече книгата.