Видеотека
Шокантната драма за зависност од дрога на Дарен Аронофски беше еден од филмовите што претставуваат пресвртница во филмскиот вкус на голем дел од љубителите на седмата уметност. Високо ценет, но и жестоко критикуван кога излезе во 2000 година, овој филм 25 години опстојува високо на скалилото на филмовите што извршиле најсилно влијание врз помладата публика
Кога „Реквием за еден сон“ премиерно беше прикажан пред 25 години во мај 2000 година, тој предизвика и позитивни критики, но и бура од контроверзии. Полноќната проекција на „Канскиот филмски фестивал“ кулминираше со воодушевувачки овации од 3.000 гледачи во аудиториумот. Кога светлата се вклучија и беа вперени кон авторот Хуберт Селби Џуниор, кој го напиша романот од 1978 година, врз чија основа е базиран филмот, солзите сами течеа по неговото лице. Следуваше восхит од критичарите, а Питер Бредшо од „Гардијан“ восхитено изјави дека режисерот Дарен Аронофски ги достигнал легендарните височини на Орсон Велс во енергијата, доследноста и целосното владеење на техниката.
– Сепак, приемот беше многу поинаков на Филмскиот фестивал во Торонто, каде што некои членови на публиката буквално добиваа нагони на повраќање и гадење. Ниската оценка што ја доби филмот, му „овозможи“ да заработи само 7,5 милиони долари (5,5 милиони фунти) со буџет од 4,5 милиони долари (3,3 милиони фунти), а беше критикуван од некои критичари за, како што рече Џеј Кар во „Бостон глоуб“, „сиромашна визија за пекол, изведен од буржоаската удобност“ – пренесува за Би-би-си, новинарот Том Џудри.
Џудри во својата статија потенцира дека поделената критичка реакција беше сосема разбирлив одек кај публиката, имајќи превид дека „Реквием за еден сон“ ги прикажува зависниците од дрога на еден експлицитен и транспарентен начин, односно, детално и одблизу, што за голем дел од гледачите беше вознемирувачки. Филмот ја следи вдовицата Сара Голдфарб (Елен Бурстин), додека таа станува зависна од апчиња за слабеење во обид да стане натпреварувачка во телевизиско шоу. Во меѓувреме, нејзиниот син Хари (Џаред Лето) и неговиот најдобар пријател Тајрон (Марлон Вејанс) смислуваат шема за да се збогатат продавајќи хероин. Кога работите тргнуваат наопаку, тие ја притискаат девојката на Хари, Марион (Џенифер Конели), да размени секс за дрога. Заплетот се заканува како силен вител да ги повлече кон нивните морничави судбини: мачни третмани со електроконвулзивна шок-терапија, ампутација на гангренозна рака, регрутирање во затворска работна сила надгледувана од расистички чувар и експлоатација во понижувачка сексуална работа.
Дарен Аронофски се обиде да испорача бомбастичен приказ што ќе го имитира искуството на зависност. Но на крајот направи многу повеќе, предизвикувајќи сериозни дебати за слободната волја на зависникот, линијата меѓу сочувствително набљудување и експлоататорски воајеризам и токсичниот повик на сирената на самиот американски сон. Дваесет и пет години подоцна, овие дебати сè уште тлеат. „Реквием за еден сон“ сѐ уште е жешка тема меѓу филмските обожаватели и еден од филмовите што изврши огромно влијание врз образованието, едукацијата и културата на една генерација.
Идејата за филмот се појави кога продуцентот Ерик Вотсон забележа копија од романот на Селби на полицата за книги на Аронофски во 1998 година.
– Дарен ми рече дека морал да престане да чита на половина пат. Беше премногу мрачно. Но тоа, исто такам ме заинтригира – вели Вотсон за Би-би-си.
Вотсон го позајмил романот на едно негово зимско патување, во обид да се разоноди читајќи го.
– Ми го уништи одморот целосно. Мора да го направиме овој филм – му реков на Дарен кога се вратив – се присетува Вотсон за Би-би-си.
– Па го купивме романот за илјада долари и наместо да чекаме Селби да го најде сценариото што беше изгубено на неговиот таван, Дарен самиот напиша едно – завршува Вотсон.
Откако Лето, Конели, Вејанс и Бурстин биле избрани, актерите се бореа за автентичност. Лето ослабе 11 кг и се дружеше со бездомници зависници од хероин во Ист Вилиџ во Њујорк. Вејанс талкаше по студените улици на Брајтон Бич во Бруклин без маица во февруари. Кога започна снимањето, Бурстин го симулираше нездравото слабеење на својот лик носејќи костум од 18 кг за првите сцени, потоа го замени со костум од девет кг и конечно зеде две недели пауза и ослабе 4,5 кг на строга диета со супа од зелка.
Додека легендарниот „Трејнспотинг“ (1996) беше критикуван за величање на културната естетика на хероинската зависност, „Реквием за еден сон“ се сметаше за исклучително мрачен портрет на употребата на супстанции. Овој филм стана метафора на критичарите за да ја опишат нејзината импликација дека зависниците неповратно одат кон амбисот.
– Начинот на кој ја прикажува траекторијата на зависноста од хероин е извонредно точен, со жалење го кажувам тоа – вели Дејвид Џ. Нат, професор по невропсихофармакологија на колеџот „Империјал“ во Лондон.
– Повеќето почнуваат да користат од очај или безнадежност, но добар број, како Хари и Тајрон, ја гледаат трговијата со дрога како претприемачки потфат, како начин да заработат брзи пари, а потоа да продолжат со своите животи. Но, ретко завршува добро – вели тој.
Покрај големиот број докторски експертизи за зависности, кои сметаат дека овој филм на Аронофски е песимистички и нереален приказ за зависниците, Вотсон сепак се обидува да ја смири тензијата.
– „Реквием за еден сон“ никогаш не беше наменет да биде документарец или памфлет за патот до закрепнување. Не, не е реалистичен. Надреално е. Опуштете се – вели тој.
Самиот Селби отсекогаш бил убеден дека зависноста од дрога ја гледа само како една манифестација на заводливата моќ на американскиот сон и на сето она што следува како негови токсични ефекти. Пред објавувањето на филмот, тој напиша нов предговор на својот роман, во кој се вели: „Очигледно, верувам дека остварувањето на американскиот сон не е само залудно туку и самодеструктивно, бидејќи на крајот уништува сè и секој вклучен во него“.
Многу критичари го сметаат „Реквием за еден сон“ за филм што се движи во иста насока со филмови како на пример, „Големиот Гетсби“ (1925) и „Револуционерен пат“ (1961), дела што ги разоткриваат темните срца на американскиот мит. Со својата нездрава телевизија и нездрава храна, филмот е заснован на специфично американско опкружување на зависности, вели Кевин Хагопијан, професор по медиумски студии на Универзитетот „Пен Стејт“.
– Студиската игра на среќа што ја привлекува Сара е поврзана со создавање вознемирувачка, претерана, лажна радост. Тука имате навлекување за нереални лекови, кратенка до брзо решение за да не мора никогаш да размислувате за вашата цел во животот. Тука, американскиот сон не е она што треба да се следи, тоа е врвниот негативец. И таа критика е толку разорна за митовите што нè поткрепуваат што не е ни чудо што многу луѓе не можат да го поднесат – вели тој.
Дени Ли, сега филмски критичар во „Фајненшл тајмс“, го пофали филмот со следните зборови.
– Бев воодушевен од она што беше несомнено стилски филмски проект, со неговата сурова кинематографска брилијантност. „Трејнспотинг“ беше сеизмички културен настан, кој предизвика вртоглав момент, а „Реквием“ го видов како моќна корективна, речиси пародична предупредувачка приказна што ја отстрани аурата на „модерен“ и удираше како чекан – вели Ли за Би-би-си.
Сепак, во годините што следувале, Ли развил сомнежи во врска со опусот на Аронофски. „Сфатив дека постои одреден нагон на похота во неговото снимање филмови, како да се навлегува во емоционално очајни ситуации и внесува непријатна доза воајеризам во трагични околности“. Ли вели дека овој импулс го достигнал својот најгротескен екстрем во „Кит“ (2022) на Аронофски, во кој повлечен и морбидно дебел професор по англиски јазик, игран од Брендан Фрејзер, се храни до смрт.
Хагопијан, пак, смета дека Аронофски покажал вистинска љубопитност да ги разбере луѓето што се отфрлени на маргините на општеството.
– Многу експериментални филмови го создаваат она што јас би го нарекол кошмари на психичка дистанца. Помислете на „Синиот сомот“ на Дејвид Линч, или „Учителката по пијано“ на Михаел Ханеке, или „Треба да разговараме за Кевин“ на Лин Ремзи – во сите овие, никогаш не учиме што ликовите навистина мислат или чувствуваат“. „Реквием за еден сон“ има спротивен пристап со постигнување на она што тој го нарекува „кошмар на психичка интимност – вели тој.
„Едноставно овде сме толку блиску до ликовите што во одреден момент нивната болка и траума се чини дека се влеваат во нашата сопствена свест. Може да се чувствува клаустрофобично, дури и инвазивно. Но, за мене, тоа е најхрабриот вид филмско творештво и објаснува зошто ова уметничко дело, без разлика дали го обожувате или го мразите, е трајно врежано во психата на луѓето“.