Имајќи го предвид времето во кое се појави серијата, односно 2022 година кога светот полека почнуваше да закрепнува од пандемијата на ковид-19 и многу фирми мораа да се приспособат на работа од дома, „Раздвојување“ може да се каже дека беше полн погодок. Оваа серија си играше со многу актуелни проблеми со кои се соочуваа компаниите, но и нивните работници во еден од најбизарните настани за кои посведочивме во поновата човечка историја. Режисерот и креатор Ден Ериксен ја зголемува сатирата уште повеќе, превртувајќи ја целата идеја за рамнотежа помеѓу работата и животот надвор од неа, со мрачен хумор и морничава мистерија

Осврт кон двете сезони на ТВ-шоуто „Раздвојување“

Сте помислиле ли некогаш колку би било добро да си одите дома по работа и да не се сеќавате на ништо од тоа? На вашите тешки обврски и работни задачи што ве измачуваат, вашите шефови што ве прогонуваат и долгите исцрпувачки состаноци од кои ви снемува здив? Колку би било совршено кога во моментот кога ќе ја напуштите зградата, вашата меморија ќе го избрише секој момент од стресната работа со која се справувате секојдневно, а вие без стрес или вознемиреност, ќе продолжите во својот свет на домашни работи и задоволства. Но тоа се добрите страни. Тогаш се поставува прашањето, што ако тоа е возможно и што ако сето тоа има и лоши страни?
По огромниот успех што го доживеа во својата премиерна сезона, ТВ-серијата „Раздвојување“ на режисерот Ден Ериксон, во продукција на Бен Стилер, по три години го реализираше своето долго очекувано второ продолжение. Оваа дистописка драма, во продукција на „Епл ТВ+“, со силни примеси на научна фантастика и теории на заговор, беше вистинско освежување за вљубениците во СФ-тематиката и еден од најголемите хитови во годината (2022) кога се појави за првпат. Серијата „Раздвојување“, со својата луцидна и оригинална идеја, многу брзо успеа да им ги освои срцата на филмските обожаватели, а интересно е тоа што оваа серија многу брзо и ефикасно успеа да се наметне и кај оние гледачи на кои СФ-жанрот не им е толку многу омилен. Доказ за тоа е што серијата „Раздвојување“ на режисерот Ериксон освои стотина номинации на многубројните филмски фестивали низ светот, а се закити и со голем број престижни награди и признанија, меѓу кои и две награди „еми“ (извонредна музичка композиција за серија за композиторот Теодор Шапиро и извонреден дизајн на главниот наслов). Оваа серија рапидно се качуваше на светските филмски топ листи, а на престижната филмска платформа „Имдб“ го држи 96-то место.
Премисата на „Раздвојување“ е доста вознемирувачка. Марк (Адам Скот) раководи со група вработени во канцеларијата во корпорацијата „Лумон“, каде што нивните сеќавања се хируршки поделени (отсечени) меѓу нивните работни места и личниот живот. Првата сезона од оваа серија започнува со чудна сцена во која жена се буди на масата во конференциска сала и не знае која е и каде е. Емисијата го прикажува патувањето на работниците за да ја откријат вистината за нивните работни места.
Гледајќи ја оваа серија, сигурно ќе најдете многу сличности со иконографијата и сензибилитетот на Чарли Кауфман, Вес Андерсон, Орвел и Кафка, па дури и легендарните филмови „Да се биде Џон Малкович“ и „Труман шоу“.
Серијата изгледа одлично, со минималистички лик на работните места и канцеларии обоени со многу ладна палета на бои, кои помагаат во создавањето заканувачки амбиент. Снимено во старата зграда на „Бел лабс“ во Холмдел, Њу Џерси, водената кула напред била наводно обликувана како транзистор.
„Раздвојување“ е импресивно утопистичко дело, целосно оригинално само по себе и крајно уверено во својата мисија да стане ваш фаворит. Имајќи предвид дека вообразеноста на шоуто, во режија на Бен Стилер, во суштина е делба на мозокот, Марк и неговите колеги на работниот кат поминуваат низ процедура што е крајно мистериозна и интригантна и вешто си поигрува со трпението, но и куриозитетот на гледачите.

По огромниот успех што го доживеа во својата премиерна сезона, ТВ-серијата „Раздвојување“ на режисерот Ден Ериксон, во продукција на Бен Стилер, по три години го реализираше своето долгоочекувано второ продолжение. Оваа дистописка драма, во продукција на „Епл ТВ+“, со силни примеси на научна фантастика и теории на заговор, беше вистинско освежување за вљубениците во СФ-тематиката и еден од најголемите хитови во годината (2022) кога се појави за првпат. Серијата „Раздвојување“, со својата луцидна и оригинална идеја, успеа многу брзо да им ги освои срцата на филмските обожаватели, а интересно е тоа што оваа серија многу брзо и ефикасно успеа да се наметне и кај оние гледачи на кои СФ-жанрот не им е толку многу омилен

Она што е впечатливо е дека на Бен Стилер, кој ги режираше повеќето епизоди, не му е непознато режирањето, но никогаш не во оваа форма. Неговиот краток опус пред ова остварување се движеше од романтични комедии до комедии како „Зулендер“ 1 + 2 и „Тропски грмотевици“, но ова е првата серија што ја режираше во манир на научна фантастика и, за големо изненадување, беше многу успешен во тоа. Може да се каже дека креаторите дозирано го тестираат трпението на гледачите со бавното темпо. Влезот во оваа серија можеби е бавен и ве тера брзо да се откажете, но од момент на момент таа станува сѐ поинтригантна, воведувајќи ве во многу мрачни тајни на фирмата Лумон.
Имајќи го предвид времето во кое се појави оваа серија, односно 2022 година кога светот полека почнуваше да закрепнува од пандемијата на ковид-19 и многу фирми мораа да се приспособат на работа од дома, „Раздвојување“ може да се каже дека беше полн погодок. Оваа серија си играше со многу актуелни проблеми со кои се соочуваа компаниите, но и нивните работници во еден од најбизарните настани за кои посведочивме во поновата човечка историја. Режисерот и креатор Ден Ериксен ја зголемува сатирата уште повеќе, превртувајќи ја целата идеја за рамнотежа помеѓу работата и животот надвор од неа, со мрачен хумор и морничава мистерија.
Актерската екипа е одлична во целина, од главните до малите споредни актери. Адам Скот завршува одлична работа толкувајќи го Марк, кој во суштина е лицето на серијата. Тој е способен да ги балансира апсурдниот хумор и длабоката ранливост со забавно мртов израз. Покрај него, најголемата ѕвезда на шоуто е дефинитивно Брит Лоуер, која лежерно маѓепсува како Хели. Едноставно не можете да го тргнете погледот од неа. Нејзиниот лик и улога се најфасцинантни, додека Зак Чери (Дилан Џорџ) и Џон Туртуро (Ирвинг), кои го сочинуваат одделот за рафинирање на макроподатоци, исто така имаат повеќе незаборавни моменти.
Патриша Аркет е застрашувачкиот шеф од пеколот (Хармони Кобел), кој секогаш ’ржи со своите наредби кон потчинетите, вклучувајќи го и Трамел Тилман (со неговите убиствени танцови движења) како г. Милчик. Животот на Марк надвор од работа е најистражуван во првата сезона, со Џен Тулок како неговата грижлива сестра Девон и нејзиниот сопруг автор Рикен (Мајкл Чернус) како клучни играчи. Тука е и Кристофер Вокен, кој секогаш е забавен за гледање и неговиот лик тотално не е ни блиску до она што можеби би го очекувале.
Секоја епизода од оваа серија ве прави гладни за следната и за следната… Ја сфаќате поентата, но тоа не е никаков проблем да продолжите со ова патување, кое ве води низ многу мрачни ходници на вашата потсвест.
Концептот на „Раздвојување“ сам по себе е повеќе од доволен за да ве заинтересира максимално. Но реализирањето на таа идеја, особено толку комплексна, е тешка задача што е реализирана на речиси совршен начин.
Ова шоу навистина ве тера да размислите што мислите за работниот живот, самиот живот и начинот на кој го восприемате животот. Во „Раздвојување“, идејата да се создаде нова свест во себе и да се живее со фактот дека потенцијално никогаш нема да знаеш како се чувствува другата страна или низ што минува е мисла што минува низ главите на многу ликови, но најдобриот дел од серијата е заплетот каде што овие ликови одат подалеку и подалеку во овој вител.
„Раздвојување“ доаѓа како мелем на рана доколку сте обожаватели на бавно согорливи мистерии. Крајот дава уште повеќе прашања отколку одговори. Финалето на првата сезона завршува со фрапантен и неочекуван пресврт, оставајќи ги гледачите во неверување и недоумица да го чекаат нејзиното второ продолжение, кое конечно се појави годинава.
Првата сезона беше добро структурирана, со многу идеи и мистерии, што предизвика големо интересирање за нејзиното второ продолжение. Но дали тоа беше доследно? Втората сезона, наместо научнофантастични моменти, повеќе пребегнува кон романтична комедија и драма, заборавајќи ги ликовите и заплетот од првата сезона. Се чувствува благо отстапување од понатамошно градење на светот и корпорацијата, кои се чини дека се целосно напуштени.
Може да се каже дека второто продолжение на оваа серија во целост ги разочара нејзините љубители, па така, беа упатени многубројни критики од нејзиното појавување.

„Раздвојување“ доаѓа како мелем на рана доколку сте обожаватели на бавно согорливи мистерии. Крајот дава уште повеќе прашања отколку одговори. Финалето на првата сезона завршува со фрапантен и неочекуван пресврт, оставајќи ги гледачите во неверување и недоумица да го чекаат нејзиното второ продолжение, кое конечно се појави годинава.
Првата сезона беше добро структурирана, со многу идеи и мистерии, што предизвика големо интересирање за нејзиното второ продолжение. Но дали тоа беше доследно? Втората сезона, наместо научнофантастични моменти, повеќе пребегнува кон романтична комедија и драма, заборавајќи ги ликовите и заплетот од првата сезона. Се чувствува благо отстапување од понатамошно градење на светот и корпорацијата, кои се чини дека се целосно напуштени

– Не знам што мислеа кога ја правеа втората сезона. Дали веруваа дека луѓето би ја гледале поради љубовен триаголник? Навистина? Не ми е ни гајле кој во кого е заљубен. Која е целта на сето тоа? Убаво беше да покажеш дека можеш да развиеш чувства во работна средина, можеби е тоа интересен концепт, но да направиш цела сезона само за тоа? – гласи еден од поинтересните коментари од обожавателите.
– Првата сезона беше „мастеркласа“ што ги балансира мистеријата и емоционалната длабочина. Ве тера да погодувате, со доволно интриги за да ја одржите неизвесноста, притоа нудејќи далечна надеж за решение што има смисла на долг рок. Темпото беше одлично, а приказната волшебна. Втората сезона, сепак, ја губи таа рамнотежа. Се чини дека писателите натрупуваат сè побизарни загатки и пресврти, кои се чини дека не служат за никаква цел. Колку е почудно, толку подобро – но наместо да ја подобри приказната, таа само ја заматува. Станува потешко да се следи заплетот, а влоговите се шупливи. Наместо да одговори на мистериите, се чини дека шоуто ужива во создавање поголема конфузија. Она што започна како интригантен наратив, станува хаос од неповрзани идеи, кои на крајот оставаат чувство на незаинтересираност. Тоа е вистинска штета, залудно потрошена можност за она што можеше да биде навистина одлично шоу.
Мислам дека не можам да ја завршам втората сезона. Секоја епизода е болно бавна. Секоја реченица, збор и разговор се премногу бавни и конфузни. Ако луѓето вака комуницираат во реалниот живот, целиот свет би се затворил. Приказната трае премногу долго за да се расплетува. Точките едноставно не се поврзуваат. Исто така, постојат неколку приказни што едноставно исчезнуваат без затворање. Не разбирам зошто би го гледал ова – негодува, пак, друг обожавател.
Очигледно е дека разочарувањето од втората сезона за оваа серија кај обожавателите е големо. Тие се надеваа на тврдокорна научна фантастика со откровенија од кои ќе ви падне вилицата, поттикнати од универзумот што го изгради шоуто во првата сезона. Наместо тоа, тие добија љубовна мелодраматична приказна помеѓу Хели и Марк, битката за внатрешна превласт и многубројни моменти што можат да се споредат со некои познати шоуа. За нив, сето ова едноставно не е доволно фасцинантно.
По одреден момент, ќе ви здодеат долгите прошетки низ бескрајните ходници, интеракциите на истите карактери и мрачното расположение што го поставува ова шоу. Целата втора сезона лесно може да се вклопи во филм од два часа, но и тој би бил можеби предолг и прездодевен. Темпото се зголемува во последната епизода и тоа е одлична епизода. Но нема прописно затворање. Приказната завршува во слеп пат, а вие останувате со повеќе прашања отколку одговори. Општа претпоставка е дека компании како „Епл ТВ+“ имаат потреба од луѓе што сакаат да се навраќаат назад, но ако сѐ повеќе и повеќе серии го продолжат овој пат на објавување нецелосни приказни, луѓето ќе чекаат да дојдат сите сезони пред да почнат да гледаат.
Сумирано во конечен заклучок, ТВ-шоуто „Раздвојување“ имаше многу „висок старт“, но финишот ги остави обожавателите во очај. Високите очекувања што беа поставени од првата сезона, многу тешко можеа да се задржат во втората, па така, наместо „научнофантастичен вулкан“, гледачите добија млитава здодевна мелодрама со бавен тек и уште побавни неразбирливи дијалози што не водат кон никаков расплет. Овие две сезони, кои се составени од по десет епизоди, можат слободно да се „раздвојат“ и да функционираат како засебни целини, целосно независни една од друга, што навистина е штета.