„Враќање во иднината“ – патување низ времето и душата на една генерација

Ретрокино

  • Прво, идејата за патување низ времето, која овде не е само трик или изговор за ефекти. Таа е начин да се истражат технологијата, семејството, идентитетот и изборите што нè дефинираат. Замислете да се сретнете со своите родители кога биле млади – луѓе со соништа, стравови и несовршености. Токму оваа линија на приказната, кога Марти Макфлај се обидува да ги спаси сопственото постоење и љубовта на неговите родители, е срцето на филмот.
  • Второ, духот на 80-тите – музиката, модата, автомобилите, патиките „најки“ на Марти, скејтбордот, „пепси“ – создаде еден свет полн со носталгија. За тие што тогаш беа млади, филмот беше огледало на нивната реалност и фантазија во едно. За оние што подоцна го открија, беше врата кон едно поедноставно, но возбудливо време

На денешен ден, 3 јули 1985 година, во американските кина се појави филм, кој не само што ќе стане блокбастер туку и културен феномен чие ехо сè уште го слушаме четири децении подоцна.
Југославија не беше далеку од светските културни текови, па за многу скоро и ние во Социјалистичка Република Македонија премиерно го гледавме. Тогаш имав само пет години, што значи дека било истата година.
Седнав во темната киносала на еден од „Вардарите“ (1 или 2 веќе не се ни сеќавам, а најверојатно дека било „Култура“), каде што во тоа време со татко ми одевме редовно да ги гледаме новите филмови, без да знам дека ќе го гледам филмот што засекогаш ќе ме обележи. „Враќање во иднината“ не беше само кинодоживување туку нешто подлабоко и лично. Марти Мекфлај, со електричната гитара и луцидна енергија, веднаш ми стана близок. Како да беше некој што го познавам или некој со кого сакаш да се идентификуваш.
„Враќање во иднината“, мајсторската комбинација на научна фантастика, хумор и човечка драма, успеа да допре до цела генерација, а за многумина – како за мене и за многу мои современици – остана филм што не се заборава или едноставно ми стана еден од омилените на сите времиња.

Да се биде во кино тогаш, кога премиерно се прикажуваше овој филм, беше посебно искуство. Не беше само забава или уште една холивудска приказна; беше чувство дека сме сведоци на нешто што ќе трае. Во време кога технологијата и поп-културата рапидно се менуваа, а ние безрезервно ја примавме, трилогијата „Враќање во иднината“ успеа да ја надмине својата ера и да остане свеж и актуелен до денес.
Што го прави овој филм толку значаен?
Прво, идејата за патување низ времето, која овде не е само трик или изговор за ефекти. Таа е начин да се истражат технологијата, семејството, идентитетот и изборите што нè дефинираат. Замислете да се сретнете со своите родители кога биле млади – луѓе со соништа, стравови и несовршености. Токму оваа линија на приказната, кога Марти Мекфлај се обидува да ги спаси сопственото постоење и љубовта на неговите родители, е срцето на филмот.
Второ, духот на 80-тите – музиката, модата, автомобилите, патиките „најки“ на Марти, скејтбордот, „пепси“ – создаде еден свет полн со носталгија. За тие што тогаш беа млади, филмот беше огледало на нивната реалност и фантазија во едно. За оние што подоцна го открија, беше врата кон едно поедноставно, но возбудливо време.
Не можеме да го заборавиме ни ликот на д-р Емет Браун – генијалниот и луд научник, кој стана симбол за човечката љубопитност и вечната желба да одиме отаде познатото. А делореанот, автомобилот што стана машина за патување низ времето, веројатно е најлегендарното филмско возило по бетмобилот.
Но за нас што го гледавме тогаш, во кино, сето тоа имаше уште подлабока димензија. Беше приказна за тоа како малите избори – еден разговор, еден танц, еден храбар чекор – можат да ја сменат целата иднина. Беше потсетување дека иако не можеме навистина да патуваме низ времето, секогаш имаме моќ да го обликуваме она што ќе стане нашето „утре“.

„Враќање во иднината“ не е само филм. Тој е спомен, емоција, доказ дека уметноста може да допре до срцето на генерации. Го гледавме како деца, полни со соништа. И секогаш кога ќе го погледнеме повторно, за миг веруваме дека сè уште можеме да се вратиме таму – во 1985-та, во темната сала, кога се изгасна светлото, а времето започнува да се крши под ритамот на „Силата на љубовта“.
Токму затоа „Враќање во иднината“ е незаменлив. За многумина е култен класик, сѐ уште актуелен. За мене, тој е дел од моето лично растење. Филм што го носам со себе не само во сеќавањата туку и во начинот на кој ги гледам луѓето, изборите, времето.
И денес, кога ќе го пуштам повторно – а го правам тоа барем на неколку години – не го гледам само со очите на човек што веќе знае што ќе се случи. Го гледам со срцето на она дете што седеше во киносалата во 1985-та и се надеваше дека иднината, каква и да е, може да биде подобра – ако се осмелиме да се соочиме со минатото и да веруваме во себе.


Влијанието врз поп-културата

„Враќање во иднината“, режиран од Роберт Земекис и продуциран од Стивен Спилберг, е еден од највлијателните научнофантастични авантуристички филмови во историјата на кинематографијата. Неговото влијание врз поп-културата е огромно и трајно, обликувајќи сè – од мода и јазик, до тоа како се прикажува патувањето низ времето во медиумите. Марти Мекфлај (Мајкл Џ. Фокс) стана архетип на кул-тинејџерот од 1980-тите, со скејтборд, електрична гитара и препознатлива јакна. Док Браун (Кристофер Лојд) со неговата разлудена фризура и фразата „Одлично скот!“ стана еден од најпрепознатливите „луди научници“ во поп-културата. Го постави стандардот за тоа како се прикажува патувањето низ времето во филмови: парадокси, алтернативни времеплови, ефектот на пеперутката, сето тоа научно поткрепено. Воведувањето на временската машина во облик на делореан ја направи едно од најиконичните средства за патување низ времето во поп-културата. Фрази како „88 милји на час“, „флукс капацитор“ и „Ова е тешко“ („Ова е тешко“) влегоа во секојдневниот говор. Идејата за „одиме во иднината и гледаме што ќе се случи во 2015!“ инспирираше мемиња, настани и поп-културни обележувања. Филмот предвиде или инспирираше развој на: лебдечки скејтборди, самоврзувачки патики („Најки“ навистина ги направи во 2016), видеоповици, мобилна технологија и телевизори со рамен екран. Филмот се споменува во серии како „Симпсонови“, „Рик и Морти“ (директно инспирирана од „Док и Марти“), „Чудни нешта“ и „Фамилијарно момче“. Франшизата донесе огромен број производи: фигури, сетови „лего“, облека, постери. Инспирираше голем број филмови, игри и приказни за патување низ времето. Покажа дека научната фантастика може да биде забавна, емотивна и погодна за целото семејство.
Впрочем, 21 октомври 2015 или Денот на враќањето во иднината стана глобален празник на франшизата. Денот стана популарен поради филмот „Враќање во иднината 2“ каде што главните ликови Марти Мекфлај и Док Браун патуваат од 1985 година во иднината, и тоа на конкретниот датум 21 октомври 2015. Обожавателите го слават тој датум како симболичен „ден на иднината“ кога низ светот се организираат настани, собири, маратонски проекции, трибјути, дури и технолошки демонстрации инспирирани од филмот. Стана културна референца за тоа како луѓето во минатото си ја замислувале иднината.