Смртта на Дејвид Линч без сомнеж ги растажи и ги вознемири љубителите на филмот. Загубата на еден од најголемите уметници на поновото време ја почувствуваа сите, од обични филмски обожаватели до врвни уметници и творци. Пораки со постхумна содржина испратија огромен број луѓе што го познаваа, но и оние што никогаш немале шанса да го запознаат Линч, а успеале да создадат нескршлива конекција со уметникот преку неговите безвременски дела. Од Дејвид Линч се простија неговото семејство, потоа неговите колеги режисери, филмски работници, актери, пријатели и обожаватели. Социјалните мрежи неколку дена беа преплавени со пораки за сочувство и сеќавање за големиот уметник и неговото влијание врз нивниот живот и творештво. Неговите уникатни визии за уметноста и филмот беа инспирација и успеаја да заведат генерации на филмски обожаватели. Имиња како Мартин Скорсезе, Пол Шредер, Корали Фаргит, Абел Ферера, но и музички бендови како „Дуран дуран“ и продукциски куќи меѓу кои и славната „Критерион“ преку своите профили на социјалните мрежи оддадоа почит со вечно сеќавање за големиот мајстор. Ви пренесуваме дел од многубројните пораки што постхумно му беа упатени на Дејвид Линч.
Изабела Роселини,актерка:
„Толку го сакав“, напиша таа страсно на Инстаграм на 17 јануари, заблагодарувајќи им се на сите што ѝ испратија „љубезна порака“ по неговата смрт.
Кајл Меклахлан, актер:
Пред четириесет и две години, од причини што не можам ни сам да ги разберам, Дејвид Линч ме извади од опскурноста за да глумам во неговиот прв и последен филм со голем буџет. Тој јасно виде нешто во мене што дури ни јас не го препознав. Целата моја кариера и мојот живот му ги должам нему.
Неговата љубов кон мене и мојата кон него произлегоа од космичката судбина на двајца луѓе што ги гледаа најдобрите работи за себе еден во друг. Ќе ми недостига повеќе отколку што можат границите на мојот јазик да кажат и моето срце може да поднесе. Мојот свет е многу пополн затоа што го познавав и многу попразен сега кога го нема.
Наоми Вотс, актерка:
Срцето ми е скршено. Мојот Бади Дејв… Светот нема да биде ист без него. Неговото креативно менторство беше навистина моќно. Ме стави на мапата. Светот во кој се обидував да се пробијам повеќе од десет години, аудиции лево-десно. Конечно, седнав пред еден љубопитен човек, блескаше од светлина, зборувајќи зборови од друга ера, правејќи ме насмеана и со чувство на удобност. Начинот на кој тој ме гледаше, правеше да се чувствувам посебно!
Ник Родс, музичар („Дуран дуран“):
Дејвид Линч за мене беше креативен суперхерој, од моментот кога првпат го видов неговиот филм „Ирејсерхед“ како тинејџер. Неговата имагинација, иновативност, стил и хумор ќе останат огромна инспирација. Љубопитен за непознатото и никогаш не се плашеше од темна уличка, тој беше бескомпромисен, експериментален уметник, со навистина уникатна визија.
За жал, времето денеска во Калифорнија е бурно сонце.
Ти благодарам и добра ноќ Дејвид. Нека твоите соништа стануваат сè по надреални.
Пол Шрадер, режисер:
Дејвид ми даде да го преработам сценариото за „Синиот сомот“. Тоа беше едно од најдобрите сценарија што некогаш сум ги прочитал. Му реков на Дино дека нема шанси да го подобрам тоа. Давид ми се заблагодари, а Дино Лаурентис го финансираше филмот. Другото е филмска историја. Единственото нешто што треба да се додаде е ова: пушењето убива.
Марк Казинс, режисер:
Можеме ли да го замислиме погребот на Дејвид? Можеби во темна шума од секвоја дрвја, доцна во ноќта. Луѓе облечени како зајаци. Тие полека го носат ковчегот, а потоа започнува да свири „Во сонот“ на Рој Орбисон. Во својата кулминација, 1.000 ожалостени, синхронизирани како филм на Базби Беркли, секој вади по една цигара и ја пуши. Чадот ја прави сцената како слика на Каспар Дејвид Фридрих. Поворката продолжува, а потоа започнува песната „Јас сум вознемирен“. Линч ја користеше во „Изгубен автопат“. Песната е кинетичка. Зајаците почнуваат да бегаат.
Корали Фаргит, режисерка:
Филмовите на Линч ги отвораат вратите. Порти кон имагинацијата. Кон бескраен ментален простор каде што секој може да го проектира својот внатрешен свет.
Можевме да талкаме во неговите филмови. Тие беа полни со необјаснивото. Но тоа беше толку суштинско. Потребна е многу сила: намерниот чин на создавање светови без граници. Да создадеме патеки каде што нашиот ум може да биде слободен да го следи својот пат. Теписи. Задни дворови. Тешки соби. Патишта. Зад секој од тие простори се влеваше цел невиден свет.
Тие стануваа отворени простори за нашата имагинација. Поради тоа, неизмерно ја сакав неговата работа.
Абел Ферара, режисер:
Еден мој пријател работеше на сетот на оригиналниот „Дина“ и кога тргнаа да го бараат Дејвид меѓу поставките, го најдоа со камера од 16 мм во едната рака и метална закачалка за облека во другата, како снима сенки во кучешка чинија полна со вода. Го видов „Ирејсерхед“ во театар во центарот на Њујорк и 50 години подоцна бев на проекцијата за новиот „Твин пикс“ во Кан.
„Чудно“ не е збор што често го слушате за да опишете филм, во последно време речиси никогаш. За мене тоа е највисокиот комплимент. Го слушнав како зборуваше еднаш на голем хуманитарен настан што се залага за медитација за деца. Како и со филмовите, си помислив: „Го сакам овој човек и тоа што го има во него“.
Мартин Скорсезе, режисер:
Ова е тажен, тажен ден за филмската уметност. Неговите филмови беа уметност на екранот, многу поразлично од нешто што јас или некој друг некогаш сме го виделе. Тој направи сè да изгледа чудно, експериментално и ново. И тој беше апсолутно бескомпромисен, од почеток до крај. Имавме среќа што те имавме Дејвид Линч.
„Критерион колекција“:
Те сакаме Дејвид Линч. Добра ноќ уметнику, кој се раѓа еднаш во животот, кој не само што го промени киното засекогаш туку го промени начинот на кој го доживуваме светот и ни покажа што навистина значи да се сонува. Нема повеќе „сини утра“.
Ели Рот, режисер и актер:
Нема зборови со кои може да се искаже што значи Дејвид Линч за мене. Пријател, ментор, брат, водилка за тоа како да се живее како уметник и човек, има неколку луѓе што некогаш сум ја имал среќата да ги запознаам и кои имаат поголемо влијание врз мојот живот. Го запознав Дејвид кога имав 20 години работејќи како продуцент и имав среќа да истражувам за него. Тој ми го даде најголемиот совет што го користам за секој филмски сет „внимавај на крофната, а не на дупката. Крофната е твоја креација, дупката е нешто што ја опкружува и ако не внимаваш веднаш ќе се изедеш однатре“. Би можел да напишам книга за моето време со Дејвид и можеби еден ден ќе напишам, но засега знам дека е во рајот, каде што сѐ е во ред. Или пие кафе во црвената соба и јаде крофна. Можеби тој е со Филип Џефрис. Или можеби тој ќе биде тука до мене кога ќе пишувам. Љубов и сочувство кон неговото прекрасно семејство. Допре многумина и неговото дело ќе живее вечно. Те сакам Дејвид, се гледаме во моите медитации.
Џон Керол Линч, режисер:
Дејвид можеше да ни понуди само два дена од своето време во 2016 година, кога го снимавме „Лаки“. Неговото учество беше еден од елементите што овозможија снимањето на филмот. Без него, тоа немаше да се случи. Бев благодарен што не чувствував страв кога се сретнавме. Работеше на тоа да биде присутен цел живот и таков беше кога се запознавме: целосно присутен. Како актер, тој дојде подготвен колку што замислувам дека би сакал да бидат неговите актери. Тој го направи дијалогот поудобен и праша дали е тоа во ред.
Алис Лоу, режисер:
Многумина се сеќаваат кога првпат се сретнаа со незаборавните слики на Линч, првпат го слушнаа неговиот звук и музика. За мене, тој едноставно беше секогаш таму. Загубата е тешка дури и кога не сте запознале некого, но неговата работа ви се чини лична, дел од вашата психа. Но она што е чудно е колку многумина се чувствуваат така. Чудноста и интимноста на неговата работа се контраинтуитивни на популарноста, нејзината чиста моќ да го натера својот пат во културата колективно. Неговото дело зборуваше на свој јазик, кој беше чудно универзален. Во време кога самата природа на филмот како перспектива на поединецот и човечкото авторство на уметноста се доведени во прашање, сеизмички е чувството да се изгуби.