„Пророк“ е жестока затворска драма, сместена во современа Франција, во која централниот лик поминува низ процес на самооткривање и самокреација кога е осуден на шест години за неоткриено злосторство. Овој филм на Жак Одиар е уште едно длабоко нурнување во криминалното подземје. Знаеме многу филмови и ТВ-шоуа чие дејство е сместено зад решетки, „Бегство од затвор“, „Бегство од Шошенк“, „Папилон“ и многу други. Сите овие филмови се занимаваат со проблемот како да се побегне од затвор. Дури и двата најславни француски филма, „Човекот што побегна“ и „Ле Троа“, исто така се за наоѓање излез. Но „Пророк“ е филм од редок вид. Тоа е филм во кој бегството никогаш не е проблем. Сѐ што се случува во него е зад решетки

ВИДЕОТЕКА

Францускиот продуцент и режисер Жак Одиар, автор на мјузиклот „Емилија Перез“ што ја добри наградата за најдобар филм, а тој самиот се закити со престижната награда најдобар режисер и најдобро сценарио за истоимениот филм, е плоден автор што во својата богата кариера има повеќе филмски хитови. Како и многу други режисери, така и Жак Одиар за свој учител го имаше својот татко, прославениот француски режисер Мишел Одиар, кој беше роден во Париз во 1920 година и твореше од 1940-тите години до 1985 година, односно до својата смрт. Тој беше поранешен соработник на Франсоа Труфо и Клод Милер, а работеше во француската мејнстрим-кинематографија и создаде широк спектар на филмови како сценарист и косценарист. Неговиот син, Жак Одиар, го следеше неговиот работен тек и на 40 години го режираше својот прв филм „Погледни како паѓаат“ од 1994 година, а претходно имаше неколку косценарија и адаптации. Потоа следуваа неговите големи филмски дела како што се „Ритамот што го прескокна моето срце“ од 2005 година, „’Рѓа и коски“ од 2012 година, „Париз, 13 дистрикт“ од 2021 година… Но се чини, никој не може да го заборави неговиот, според многу критичари, најдобар филм, насловен „Пророк“ од 2009 година, за кој Одиар ја освои наградата на БАФТА за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, како и номинација за „оскар“ во истата категорија. Покрај овие, „Пророк“ успеа да се закити и со уште многу други награди и признанија, кои ја покажуваат големата вредност на ова современо ремек-дело на француската и на светската кинематографија. Кинематограферот на овој филм, Стефан Фонтан, во 2009 година беше номиниран за наградата „златна камера“, а ја доби „бронзената камера“ на македонскиот филмски фестивал „Браќа Манаки“. Жак Одиар исто така ја доби големата награда од жирито, како и номинација за „златна палма“ на „Канскиот филмски фестивал“ во 2009 година.

„Пророк“ е жестока затворска драма, сместена во современа Франција, во која централниот лик поминува низ процес на самооткривање и самокреација кога е осуден на шест години за неоткриено злосторство. Тој е неписмен сирак, Малик Ел Џебена (Тахар Рахим), роден во Франција од арапски родители, на грбот и на лицето има лузни што сведочат за животот со насилство и тоа е првпат да биде во затвор за возрасни. За неколку минути од пристигнувањето во затворскиот двор, тој е претепан од други затвореници и неговите чевли се украдени. Тој потоа му станува слуга на средовечен корзикански гангстер, Цезар Лучиани, кој практично го води затворот и кој со жесток интензитет го игра Нилс Ареструп, мрзливиот татко на херојот во последниот филм на Одиар, „Ритамот што го прескокна моето срце“.
Овој филм на Жак Одиар е уште едно длабоко нурнување во криминалното подземје. Знаеме многу филмови и ТВ-шоуа чие дејство е сместено зад решетки, „Бегство од затвор“, „Бегство од Шошенк“, „Папилон“ и многу други. Сите овие филмови се занимаваат со проблемот како да се побегне од затвор. Дури и двата најславни француски филма, „Човекот што побегна“ и „Ле Троа“, исто така се за наоѓање излез. Но „Пророк“ е филм од редок вид. Тој е филм во кој бегството никогаш не е проблем. Сѐ што се случува во него е зад решетки.
Тахар Рахим, кој го игра 19-годишниот Малик, младо момче од арапско потекло, е центар околу кого се вртат настаните во оваа приказна. Сценариото го следи Малик и како затворот го претвора од неписмено наивно момче, избран од сите, во моќен и почитуван криминалец. Затворот од него создава пророк. Тој станува негово училиште, работно место, игралиште и, на крајот, негов дом.

Заплетот се случува кога кралот на корзиканската мафија (Нилс Ареструп) му предлага да убие друг затвореник. Иронично, назначената жртва на Малик е таа што му го дава највредниот совет што некогаш ќе го слушне – да научи да чита – непосредно пред неговото исечено грло да бликне во крв.
Целиот филм почива на рамениците на Рахим, чие искуство досега беше ограничено на француска телевизиска мини-серија и како еден од полицајците во крвавиот хорор „Ле Интериот“. Тоа е голем чекор, од оваа мала улога во нискобуџетен хорор-филм до присуството во речиси секоја сцена на филмот што доби толку многу светски и европски награди и признанија.
„Пророк“ има интензивна крими-драма што ја пара утробата. Во текот на филмот, Малик се менува психички и физички како што поминуваат месеците и годините. Тој се развива и созрева во ова училиште за криминално образование, а не за морална рехабилитација, место што е парадигма на современото општество и на капитализмот во најбрутална конкуренција. Тоа е моќен филм што го привлекува вниманието од почетокот до крајот. Филмот работи на толку многу нивоа, а сепак успева да постигне успех во секое од нив. „Пророк“ работи како социјален опис на пеколната затворска атмосфера со која може да се соочите во затворот. Промискуитетот, нечистотијата, дрогата, сексот, корупцијата се детализирани преку многу добро исцртани ликови и ситуации. Живеете во затвор и тоа што го живеете не дава никакви отстапки на реалноста. „Пророк“ е возбудлив гангстерски филм што го обезличува светот во кој живееме. Зад кулисите на наркобизнисот, договорот за атентат на мафијашкиот крал, преговорите со локален мафијаш и доаѓањето на власт на млад бандит или „ракај“, филмот успева да ја поврзе секоја приказна прикажувајќи притоа хиперреална и мрачна визија за тоа што може да произведе и француското општество. Овој филм предизвикува толку многу емоции. Во 150 минути публиката балансира од горчина до неправда и од насилство до мир. Жак Одиар и Стефан Фонтен (директор на фотографија) мајсторски ја водат оваа кинематографска игра кон ремек-дело.

Користејќи го стоп-движењето како ефект и спротивставувајќи се на темнината со светлина, тие јасно и прецизно ги отсликуваат сите дефиниции за лојалност или предавство, пријателство или ропство, судбина или проклетство. Критиката на системот е имплицитна – затворот ги учи затворениците како да бидат подобри криминалци и, се разбира, затворот е микрокосмос на француското општество, со неговите етнички фракции (жените фигурираат само тангенцијално, а потоа само како мадони или проститутки), но сценариото на Одиар, напишано заедно со Томас Бајдгејн, не е ниту проповедничко ниту полемичко.
„Пророк“ е извонреден придонес за големата традиција на затворски филмови што датира стотина години наназад до оригиналниот „Големата куќа“ од 1930 година. „Пророк“, со низата научени и спроведени социјални и политички лекции, наликува на драма на Бертолт Брехт од која се отстранети идеолошките патокази и конструкции.
Жак Одиар во овој филм потпишува уникатно кинематографско и емотивно искуство. Вистинско ремек-дело и можеби еден од најдобрите крими-филмови на сите времиња!