Збогум за човекот што ја натера тишината да зборува
- Бела Тар беше меѓународно славен поради своите долги, филозофски и визуелно беспрекорно снимени филмови како „Сатантанго“, „Веркмајстерови хармонии“, „Проклетство“, „Човекот од Лондон“ и „Торинскиот коњ“. Особено во 1990-тите и 2000-тите години, неговите филмови почнаа да се прикажуваат пошироко на фестивали и во кинотеки, делумно поради нивната екстремна должина – меѓу кои и легендарниот седум и полчасовен „Сатантанго“ – а делумно и поради впечатокот дека Тар го има дефинирано конечниот израз на средноевропскиот црно-бел филм
Унгарскиот филмски режисер Бела Тар, еден од најзначајните и најрадикални автори на европската и светската кинематографија, почина на 6 јануари, на 70-годишна возраст, соопшти Унгарската асоцијација на филмските уметници. Во официјалното соопштение се наведува дека Тар починал во вторникот по долго и тешко боледување, а семејството побарало разбирање од јавноста и од медиумите и да не контактираат со него во овие тешки денови.
Бела Тар беше меѓународно славен поради своите долги, филозофски и визуелно беспрекорно снимени филмови како „Сатантанго“, „Веркмајстерови хармонии“, „Проклетство“, „Човекот од Лондон“ и „Торинскиот коњ“. Особено во 1990-тите и 2000-тите години, неговите филмови почнаа да се прикажуваат пошироко на фестивали и во кинотеки, делумно поради нивната екстремна должина – меѓу кои и легендарниот седум и полчасовен „Сатантанго“ – а делумно и поради впечатокот дека Тар го има дефинирано конечниот израз на средноевропскиот црно-бел филм.
Сепак, самиот Тар тврдеше дека ваквото толкување е погрешно. Во интервју за „Гардијан“ во 2024 година, повеќе од една деценија откако се повлече од активното режирање во 2011 година, тој изјави: „Моето мислење е дека ние правевме комедии. Можете многу да се смеете“.
Тој инсистираше дека неговите филмови не се песимистички: „Само ова го прашувам – како се чувствувавте кога излеговте од кино по мој филм? Посилни или послаби? Тоа е главното прашање. Јас сакам да бидете посилни“.
Неговото влијание е огромно и разновидно. Режисери како Гас Ван Сент директно му оддадоа почит – неговиот филм „Гери“ од 2002 година е отворен омаж на Тар – а меѓу неговите соработници и ученици беше и унгарскиот режисер Ласло Немеш, кој работеше како асистент режисер на „Човекот од Лондон“ (2007), адаптација на роман на Жорж Сименон, со Тилда Свинтон во главната улога. Во речиси сите клучни дела, Тар работеше во блиска соработка со својата партнерка Агнеш Храницки – најпрво како монтажерка, а од „Веркмајстерови хармонии“, па натаму и како официјално потпишана корежисерка.
Продуцентот Мајк Дауни, претседател на Европската филмска академија, изјави:
„Киното изгуби еден од своите вистински херои. Замина еден од најисклучителните гласови на нашето време. Во ера што како да ги заборави основните човечки вредности, филмовите на Тар и понатаму стојат величествено. Тие се неверојатно релевантни и шокантно моќни. Европската кинематографија длабоко ќе ја почувствува оваа загуба“.
Од социјален реализам до метафизичка темнина
Бела Тар е роден во 1955 година и израснал во Будимпешта. Неговиот татко бил сценски сликар, а мајка му театарска суфлерка. Како дете глумел во телевизиска адаптација на Толстоевата „Смртта на Иван Илич“, а како тинејџер почнал да снима осуммилиметарски документарци. Неговиот долгометражен деби-филм „Семејно гнездо“ (1979) е суров реалистички приказ на станбената криза во Унгарија. Подоцна изјави: „Доаѓавме со нешто свежо, ново и вистинско. Сакавме само да ја покажеме реалноста – антифилмови“.
Неговиот стил радикално се менува со „Проклетство“ (1988), за кој сценариото е напишано заедно со писателот Ласло Краснахоркаи. Филмот – мрачна приказна за осаменик заљубен во пејачка – од критичарот Џонатан Розенбаум беше опишан како „фетиш на мракот“ и „маѓепсувачка арабеска околу најмизерната можна индустриска пустелија“. Оваа соработка го отвори патот за нивното најпознато дело.
„Сатантанго“ и естетиката на екстремната бавност
Во 1994 година, Тар ја режираше адаптацијата на романот „Сатантанго“ од Краснахоркаи – црно-бел, монохроматски еп што трае седум и пол часа. Критичарот Џонатан Ромни го нарече „моќно визионерско дело што создава сопствен суров свет и го држи гледачот заробен до самиот крај“. Со години филмот беше прикажуван само спорадично на фестивали, а оние што го имаа гледано често носеа некаква опседнатост и восхит.
Во 2000 година следуваше „Веркмајстерови хармонии“, уште една адаптација на Краснахоркаи, која го донесе меѓународниот пробив. Филмот раскажува за пристигнувањето на мистериозен „циркус“ со џиновски мртов кит во мало унгарско гратче – алегорична приказна за колективна хипноза, распад на разумот и фашистичка групна психоза. Питер Бредшо го опиша како „морничаво монохроматско видение на моќта, масовната хистерија, космолошкиот распад и крајот на светот“.
Мајстор на ултрабавниот филм
Жанрот познат како „бавна кинематографија“ постои со децении: статични кадри, долги непрекинати снимки, минимално движење, тишина што се наталожува до трансцендентална едноставност. Робер Бресон, Тео Ангелопулос, Апичатпонг Веерасетакул, Лав Дијаз, Лисандро Алонсо – сите се мајстори на оваа поетика. Но никој, веројатно, не ја поместил стрелката на брзинометарот толку далеку налево како Бела Тар. Неговите филмови се движат „под нулата“, како огромни готски носачи на авиони што речиси незабележливо пловат низ темни мориња.
Публиката често реагираше со неверување или делириум поради неверојатната бавност, но со доволна посветеност, гледачот откриваше чувство на возвишеност – и неочекувана смеа. Филмовите на Тар истовремено нудеа пијанство и мамурлак. И, често, ликовите во нив очајнички се опиваа.
Темна комедија, политичка острина и наследство
И покрај сета мрачност, Тар беше трагикомичар – налик на филмски Гогољ. Неговата работа носеше сулфурна, црна комедија, слична на онаа кај Чехов: смеа во темнината, но темнина со бескрајна текстура и значење. Тој беше духовит, ироничен и бескомпромисен критичар на интелектуалната медиокритетност на крајната десница, особено во родната Унгарија.
Неговиот последен филм, „Торинскиот коњ“ (2011), инспириран од Ниче, беше крајно аскетска медитација за тежината на човечкото постоење. По него, Тар се посвети на продукција и педагогија, основајќи ја школата „Филм фактори“ во Сараево.
– Нема образование, само ослободување – велеше тој.
Бела Тар беше гостин и на македонскиот филмски фестивал „Синедејс“, каде што неговото присуство претставуваше редок и значаен настан за домашната филмска публика. Неговиот филм „Торински коњ“ беше прикажан во рамките на фестивалската програма, а разговорите со публиката и со младите автори оставија силен впечаток со неговиот директен, духовит и неконвенционален пристап кон филмот. Гостувањето на Тар на „Синедејс“ се памети како момент кога македонската публика одблизу се сретна со еден од највлијателните европски автори на современото кино.
Со смртта на Бела Тар, светската кинематографија изгуби автор што не се плашеше од бавноста, тишината и мракот – и кој во нив пронајде и смисла и отпор и човечка сила.
































