На почетокот, „Љубов, лаги, крвавење“ се чини како релативно едноставен ноар, каде што аутсајдерот речиси се сопнува на одлуки што не можат да се поништат. Спореден е со легендарниот „Драјв“ на Николас Виндинг Рефн од 2011 година и оскаровскиот „Телма и Луис“ на Ридли Скот од 1991 година, но овој филм на Роуз Глас има шокантен и крвав чин на насилство, кој завршува со изненадувачки крај. Дејството од миг на миг навистина добива на интензитет и ги турка ликовите во сè потесни простори од кои насилството може да биде единственото бегство. Непредвидливите свијоци низ кои режисерката (во соработка со Вероника Тофилска) го води ова сценарио ветува непредвидлив расплет

Рецензија

„Љубов, лаги, крвавење“ е втор филм на британската режисерка Роуз Глас, по фолк-хоророт „Сент Мод“ од 2019 година со кој оваа режисерка успеа да допре до филмската публика. Претходно Роуз Глас работеше исклучиво на кратки видеа („Момент на хорор“, „Време за капење“, „Соба 55“, „Свилена нишка“, „Куќа на бура“ и „Молци“), но овие два филма ѝ овозможија промоција на големи меѓународни филмски фестивали меѓу кои доби значајни номинации и признанија (три номинации за БАФТА).
„Љубовта, лаги, крвавење“ е сексистички, брутален, насилен, кинетички филмски труд, кој е за љубов, лаги и крвавење. Тоа е инстинктивен удар за жена во светот на бодибилдингот, која користи стероиди во обид да стане посмела и помускулеста, а сето тоа за да ја прикрие својата емотивна слабост.
Овој смел и мошне модерен филм на Роуз Глас е убедлив и вознемирувачки психолошки трилер, кој ја истражува токсичната врска помеѓу амбицијата, љубовта и опсесијата. Сместен во светот на бодибилдингот со високи влогови, филмот навлегува во психолошкиот данок од потрагата по физичко совршенство и темната страна на желбата. Приказната се врти околу Лу (Кристин Стјуард), млада жена проголтана од нејзината амбиција да успее во бодибилдингот. Таа е длабоко под влијание на нејзиното момче и тренер, чиј интензивен притисок и контрола врз неа ја туркаат понатаму во спирала на опсесија. Како што потрагата на Лу по успех се интензивира, емоционалната и физичката цена на нејзината амбиција почнуваат да се манифестираат, загрозувајќи ги и нејзината врска и нејзиното чувство за себе.

Лу живее во еден од оние градови среде никаде, град заборавен од „американскиот сон“. Сместен на крајот од ерата на мускулестите херои во 1989 година, Глас скицира оддалечен град во Ново Мексико, кој изгледа како буквално да ги заробува луѓето во циклуси на насилство. Лу има локално познато семејство, бидејќи нејзиниот татко Лу Постариот (Ед Харис) е всушност криминален бос во градот. Сопственик на стрелиште, тој пренесува оружје преку границата и ги елиминира своите непријатели во блиската клисура (можеби дури и мајката на Лу). Сестрата на Лу, Бет (Џена Малоун), се бори со болката од семејно насилство од рацете на нејзиниот ужасен сопруг Џеј-Џеј (Дејв Франко). Во ова буре барут се спушта пламенот наречен Џеки (Кејти О’Брајан), бодибилдерка, која штотуку застанува да тренира за натпревар во Лас Вегас. Таа е сето она што Лу никогаш нема да биде. Тие се заљубуваат, наизменично инјектирајќи стероиди комбинирано со други видови напорна физичка активност.
Во коренот на своето име овој филм, кој е буквално преведен, го има растението амарантус кактус и е изведено од неговиот изглед и викторијанското потекло на ова цвеќе. Опаѓачките цветови слични на реси, особено оние со црвеникава нијанса, личат на капки крв, а во викторијанската ера, цветот се поврзувал со безнадежна љубов или со самата безнадежност. Името е директен превод на ова чувство, одразувајќи ги визуелните карактеристики на растението и емоционалната симболика поврзана со него. Глас, со својот уникатен стил и префинет вкус за естетика, успева дословно да го долови ова чувство на безнадежност, но од друга страна да даде еден свој поглед за нештата, со тоа давајќи му на овој филм епска карактеристика. Слично како и нејзиниот претходен филм „Сент Мод“, овој нејзин втор филм можеби е за нијанса и похрабар во однос на тематиката. „Света Мод“, но и „Љубов, лаги, крвавење“ е филм за опсесија. Тоа импресивно деби беше за опсесија со верата и религијата. Ова е за опсесија со сите работи што ги прават луѓето да се чувствуваат моќно, особено со оружјето и мускулите. Глас поставува ликови со јасни цели – Џеки сака да победи, Лу ја сака Џеки, нејзиниот татко сака моќ итн. – а потоа ги вкрстува еден со друг во сè пожестоки наративни пресврти. Она што го воздигнува е фактот дека филмски неискусната Роуз Глас, сепак има целосна контрола врз сиот тој калкулиран хаос што самата го создава.

Во коренот на своето име овој филм, кој е буквално преведен, го има растението амарантус кактус и е изведено од неговиот изглед и викторијанското потекло на ова цвеќе. Опаѓачките цветови слични на реси, особено оние со црвеникава нијанса, личат на капки крв, а во викторијанската ера, цветот се поврзувал со безнадежна љубов или со самата безнадежност. Името е директен превод на ова чувство, одразувајќи ги визуелните карактеристики на растението и емоционалната симболика поврзана со него. Глас, со својот уникатен стил и префинет вкус за естетика, успева дословно да го долови ова чувство на безнадежност, но од друга страна да даде еден свој поглед за нештата, со тоа давајќи му на овој филм епска карактеристика

Глас во овој филм си поигрува со митските приказни интерпретирајќи ги на еден современ и модерен начин, многу приемчив за современата филмска публика. Во нејзиниот свеж и автентичен авторски потпис, иако многумина го идентификуваат со некои големи филмски мајстори, зад кулисите сепак се наѕира светла перспективна и силна уникатност во изразот.
На почетокот, „Љубов, лаги, крвавење“ се чини како релативно едноставен ноар, каде што аутсајдерот речиси се сопнува на одлуки што не можат да се поништат. Спореден е со легендарниот „Драјв“ на Николас Виндинг Рефн од 2011 година и оскаровскиот „Телма и Луис“ на Ридли Скот од 1991 година, овој филм на Роуз Глас има шокантен и крвав чин на насилство, кој завршува со изненадувачки крај. Дејството од миг на миг навистина добива на интензитет и ги турка ликовите во сè потесни простори од кои насилството може да биде единственото бегство. Непредвидливите свијоци низ кои режисерката (во соработка со Вероника Тофилска) го води ова сценарио ветува непредвидлив расплет.
Во голема мера тоа произлегува од фактот што Роуз Глас не направила традиционален модерен ноар. Таа направила филм што не се потпира на тропи како што е „Фем фатал“, туку експлодира во нова насока, станувајќи надреален и непредвидлив, како патување што тргнало во спротивен правец. Некои од наративните експлозии во последниот чин ќе бидат премногу за некои луѓе, како на пример моментот кога ликот на Џеки се губи во маглата на наративната улога што треба да ја игра, иако О’Брајан е вистинско откритие, користејќи го своето физичко присуство на начин што е самоуверен без да биде впечатлив. Глас и покрај огромната сличност, успешно ја избегнува споредбата со Рефн, стилизирајќи го овој филм во свој стил. Глас со овој храбар, модерен и по малку чуден филм покажува дека е голем талент со бескомпромисна визија.