Видеотека: Од студените руски пејзажи до универзалната трагедија на поединецот

  • „Левијатан“ е митолошко морско чудовиште, симбол на неконтролирана и апсолутна моќ, но и филозофски концепт од делото „Левијатан“ на Томас Хобс, каде што државата е претставена како мегаорганизам што ги надвладува поединците. Во филмот, тој Левијатан, не е видлив како суштество, туку како систем – спој на политичка власт, судство и црква – кој полека, но сигурно го голта животот на поединецот

Во светот на современата кинематографија постојат филмови што не се гледаат, туку се доживуваат како неминовна судбина – како студен ветер што доаѓа од север и навлегува до коска. Таков е „Левијатан“ („Leviathan“, 2014), ремек-делото на рускиот режисер Андреј Звјагинцев, филм што со својата тежина и морална длабочина стои рамо до рамо со најголемите трагедии на светската уметност. Интересен факт е дека приказната на филмот делумно е инспирирана од вистински случај од САД, каде што еден човек водел долгогодишна правна битка против локалните власти – но во рацете на Звјагинцев, оваа анегдота се претвора во универзална алегорија за човекот спроти системот, за малото постоење пред ѕверот на моќта.
Кариерата на Андреј Звјагинцев е пример за ретка уметничка конзистентност. Тој дебитира како режисер во 2000 година со три кратки филма за телевизискиот проект „Црната соба“ – „Бушидо“, „Обскур“ и „Изборот“, по што следува неговиот прв долгометражен филм.
Неговото деби, „Враќање“ („Vozvrashchenie“, 2003), веднаш станува светска сензација, освојувајќи го Златниот лав на „Венецискиот филмски фестивал“, како и наградата за најдобар дебитант. Филмот, суптилна приказна за љубов, загуба и созревање, го поставува Звјагинцев како автор со исклучителна чувствителност и визуелна дисциплина.
Следува „Прогонството“ („Izgnanie“, 2007), кој се натпреварува за Златната палма на „Канскиот филмски фестивал“ и му носи награда за најдобар актер на Константин Лавроненко – прв ваков успех за руски актер во Кан.
Со „Елена“ (2011), Звјагинцев повторно триумфира во Кан, освојувајќи ја Специјалната награда на жирито, додека „Левијатан“ (2014) ја зацврстува неговата репутација со наградата за најдобро сценарио.
Филмот подоцна ја освојува и наградата Златен глобус за најдобар странски филм во 2015 година – прва таква победа за руски филм по 1969 година – и добива номинација за „Оскар“.
Неговото последно дело „Нељубов“ ја продолжува низата успеси со награда од жирито во Кан и номинации за „Оскар“, БАФТА и Златен глобус, како и историска победа на „Цезар авордс“ за најдобар странски филм.
Звјагинцев денес се смета за еден од најценетите режисери на модерното време – автор чија филмографија е компактна, но извонредно влијателна.

„Левијатан“ во контекст

Во однос на неговите претходни филмови, „Левијатан“ претставува кулминација на темите што Звјагинцев ги развива со години. Додека „Враќање“ се фокусира на интимната семејна динамика, а „Елена“ ја анализира класната поделба, „Левијатан“ ја проширува перспективата кон целото општество. Тоа е филм во кој приватната трагедија станува политичка, а личната неправда – системска.
Токму тука и насловот го добива своето вистинско значење. „Левијатан“ е митолошко морско чудовиште, симбол на неконтролирана и апсолутна моќ, но и филозофски концепт од делото „Левијатан“ на Томас Хобс, каде што државата е претставена како мегаорганизам што ги надвладува поединците. Во филмот, тој Левијатан не е видлив како суштество, туку како систем – спој на политичка власт, судство и црква – кој полека, но сигурно го голта животот на поединецот.

Човекот против ѕверот

Дејството се одвива во едно мало крајбрежно гратче во северна Русија, каде што главниот лик Алексеј Серебрјаков, кој го толкува ликот на Николај или Колја, живее со својата сопруга Лилија (Елена Лијадова) и синот од првиот брак и работи како автомеханичар. Нивниот дом, изграден со години труд, станува цел на корумпираниот градоначалник, кој сака да го присвои земјиштето.
Колја повикува стар пријател адвокат од Москва за да му помогне во правната битка, но борбата против системот постепено се претвора во личен кошмар. Алкохолот, неверството, разочарувањето и немоќта ја разјадуваат неговата фамилија, додека институциите – судот, црквата и локалната власт – функционираат како еден ист механизам на угнетување.

Ликови и актерска игра

Главната улога ја Алексеј Серебрјаков како Колја – лик исполнет со гнев, гордост и очај. Неговата изведба е сурова и длабоко човечка. Лилија, толкувана од Елена Лијадова, е трагичен лик што постепено исчезнува под тежината на околностите, додека Роман Мадјанов како градоначалникот Мер претставува олицетворение на циничната моќ.
Споредните улоги се внимателно изградени, без карикатуралност – секој лик функционира како дел од поширокиот систем, а не како изолиран негативец.

Сценарио, режија и визуелен јазик

Сценариото, напишано од Звјагинцев и Олег Негин, е структурирано како современа трагедија, во која секој чекор на јунакот води кон неизбежен пад.
Режијата е студена, прецизна и минималистичка. Камерата често се задржува на широки безживотни пејзажи, кои го рефлектираат внатрешниот пустош на ликовите.
Музиката, базирана на композиции од Филип Глас, дополнително ја нагласува епската и неминовна атмосфера на пропаст. Продукцијата е беспрекорна, со внимателно избрани локации што го засилуваат чувството на изолација и безизлез.

Награди и признанија

Филмот „Левијатан“ во 2014 година се наметна како едно од најзначајните остварувања на светската кинематографија, освојувајќи ја наградата за најдобро сценарио на Кан, со што беше потврдена авторската зрелост на Андреј Звјагинцев. Неговото меѓународно признание продолжи со номинација за „Оскар“ за најдобар странски филм, а кулминацијата дојде со триумфот на Златен глобус во 2015 година, каде што беше прогласен за најдобар странски филм. Покрај овие престижни признанија, делото доби и низа награди и пофалби од европски и светски филмски академии, зацврстувајќи го својот статус како монумент на современата трагедија.
„Левијатан“ не е само филм туку тоа е епски крик, елегија и предупредување. Тој ја разобличува природата на моќта, ја разголува корупцијата и ја прикажува човечката слабост со брутална искреност.
Во контекст на источноевропската кинематографија, овој филм претставува врвно достигнување – дело што ја надминува локалната рамка и остава универзален белег.
Андреј Звјагинцев со „Левијатан“ се потврдува како еден од најголемите автори на денешницата – режисер што не прави компромиси, туку создава филмови што остануваат современи класици во историјата на филмот.