Рецензија

  • Филмот ја следи приказната за брачниот пар Елен и Пол, кои ја одбележуваат својата годишнина во период кога американското општество е на раб на длабоки идеолошки поделби. Нивниот наизглед стабилен семеен свет се нарушува со повторното појавување на Лиз, поранешна студентка на Елен, која сега е истакната членка на радикалното движење „Промената“ и воедно свршеница на нивниот син. Оваа лична врска со новата идеологија го претвора семејниот дом во бојно поле, каде што љубовта, моралот и лојалноста постојано се ставаат на тест. Наместо класичен политички трилер, „Годишнина“ функционира како камерна драма во која големите општествени прашања се преплетуваат преку тивки, но напнати разговори и постепени пукнатини во односите

Уште пред да ја заврши својата фестивалска турнеја, „Годишнина“ („Anniversary“) веќе беше прогласуван од голем број критичари за филм на годината. Таквата репутација не дојде случајно: станува збор за амбициозен, актуелен и вознемирувачки филм, кој директно се соочува со кревкоста на демократските вредности и начинот на кој идеологијата незабележливо навлегува во интимниот простор на семејството. Но токму таа амбиција, која му обезбеди силен критички одек, во исто време ги открива и неговите слабости – пред сè во сценариото, кое честопати останува на ниво на теза, наместо да се развие во подлабока драмска структура.

Содржина и наративен пристап

Филмот ја следи приказната за брачниот пар Елен и Пол, кои ја одбележуваат својата годишнина во период кога американското општество е на раб на длабоки идеолошки поделби. Нивниот наизглед стабилен семеен свет се нарушува со повторното појавување на Лиз, поранешна студентка на Елен, која сега е истакната членка на радикалното движење „Промената“ и воедно свршеница на нивниот син. Оваа лична врска со новата идеологија го претвора семејниот дом во бојно поле, каде што љубовта, моралот и лојалноста постојано се стават на тест. Наместо класичен политички трилер, „Годишнина“ функционира како камерна драма во која големите општествени прашања се преплетуваат преку тивки, но напнати разговори и постепени пукнатини во односите.

Стил, продукција и режисерски потпис

Режијата е на Јан Комаса, автор што и претходно се докажал како внимателен хроничар на општествени и морални кризи. Во „Годишнина“, Комаса повторно се навраќа на темите на радикализација и колективна вина, но овој пат ги сместува во побуржоаски, привидно безбеден амбиент. Неговата режија е смирена, прецизна и намерно ограничена – камерата често останува блиску до ликовите, нагласувајќи ги клаустрофобијата и неможноста за бегство од конфликтот. Продукциски, филмот е минималистички, со суптилна музика и внимателна кинематографија што ја поддржува напнатата атмосфера без да се наметнува.

Актерска игра

Она што најсигурно го држи „Годишнина“ цврсто на нозе е актерската екипа, која успева да му даде човечка длабочина на материјал што на моменти сценариски е недоразвиен. Во центарот на филмот е Дајан Лејн, која во улогата на Елен нуди суптилна, но исклучително прецизна интерпретација на жена распната меѓу моралниот интегритет и мајчинската љубов. Нејзината игра се темели на воздржаност, погледи и мали гестови, преку кои постепено се открива внатрешниот распад на ликот, без потреба од големи емотивни експлозии.
Кајл Чендлер, во улогата на Пол, ја надополнува оваа динамика со приземјена и тивка изведба. Неговиот лик е човек што се обидува да ја одржи рамнотежата преку компромис и рационалност, дури и тогаш кога тие стануваат морално сомнителни. Чендлер мајсторски ја прикажува немоќта на човек што гледа како му се распаѓа семејството, а сепак нема јазик со кој би го спречил тоа.
Фиби Дајневор, во улогата на Лиз, внесува вознемирувачка смиреност и контролирана харизма. Наместо очекуваната карикатура на радикализиран лик, таа создава фигура што дејствува уверливо, интелигентно и опасно токму поради својата рационалност. Нејзината интерпретација сугерира колку лесно идеологијата може да се спакува во јазик на надеж и сигурност.
Споредните улоги се сценариски послабо разработени, но благодарение на дисциплинираната актерска игра, тие не дејствуваат вештачки. Тие функционираат повеќе како огледало на поширокиот општествен контекст, отколку како целосно заокружени карактери, што дополнително ја нагласува изолацијата на главното семејство.

Тематска релевантност и слабости

Најголемата доблест на „Годишнина“ е неговата актуелност. Филмот убедливо покажува дека политичките движења не започнуваат со јавни спектакли, туку со мали, речиси невидливи компромиси во приватниот живот. Во тие моменти, филмот е навистина вознемирувачки. Но истовремено, сценариото често е премногу директно во своите пораки, оставајќи малку простор за нијанси и внатрешни противречности. Некои од конфликтите се решаваат или одвиваат премногу брзо за да бидат реални, а одредени ликови остануваат недоразвиени, што го намалува емотивниот интензитет.

Заклучок и можни остварувања

Иако амбицијата на „Годишнина“ е очигледна, останува впечатокот дека филмот не секогаш ги постигнува тежината и вознемирувачкиот ефект кон кои очигледно стреми. Наместо чувство на неминовност и длабока морална закана, некои од конфликтите остануваат на интелектуално, речиси декларативно ниво. Во таа смисла, најблиската точка за споредба е „Граѓанска војна“ од 2024 година, филм што со слична тематска преокупација успева порадикално и поконзистентно да ја материјализира општествената распаднатост, претворајќи ја во физичко и емотивно искуство за гледачот. Таму каде што „Граѓанска војна“ гради чувство на постојан страв и хаос, „Годишнина“ почесто дејствува камерно, останува во безбедната зона на разговорот и симболиката, што го прави интелектуално провокативен, но емотивно нешто помалку разорен отколку што би можел да биде. Во „Граѓанска војна“ интензитетот на закана е онолку глобален колку што треба да биде, додека во „Годишнина“ тој дејствува на мал простор иако се работи за промена што го опфаќа целото општество.
„Годишнина“ е важен, но не и беспрекорен филм. Тој успева да биде провокативен, релевантен и актерски силен, но останува ограничен од сопствената сценариска плиткост. Наместо недвосмислено ремек-дело, добиваме дело што повеќе отвора прашања отколку што нуди одговори – што, во одредена мера, може да се смета и за негова вредност. Во наградната сезона, филмот најверојатно ќе се истакне преку актерските категории, особено за Дајан Лејн, а можно е да добие и признание за режијата. Без оглед на конечниот биланс, „Годишнина“ веќе си обезбеди значајно место во филмските разговори за 2025 година.