Познатата корејска шаманка Хва-рим (Ким Го-јун) и нејзиниот штитеник Бонг-Гил (Ли До-Хјун) се повикани од богато корејско-американско семејство да ја идентификуваат мистериозната болест на новородениот син во семејството, кој се бори за својот живот во болница. Хва-рим открива дека проклетството што го гони нивното дете е всушност „повик на мртвите“. Духот на семеен предок посакува одмазда. Главата на семејството, Парк Џи-Јонг, им доверува да го преместат гробот за да го смират предокот, неговиот дедо. Хва-рим ги ангажира колегите, мајсторот на фенг шуи Ким Санг-деок (Чои Мин-сик) и гробарот Јеонг-геун (Јо Хае-џин). Ковчегот се отвора по грешка, а душата е ослободена од него за да ги одземе животите на другите членови на семејството. Клетвата зафаќа епски карактер откако палејќи го стариот ковчег, тимот наоѓа уште позлобна душа што била закопана на истото место и го чува местото

Шаманистички ритуали, клетви, фолклор, историја, фенг шуи, копање гробови, духови, демонски суштества. Сето ова го има во последниот филм на корејскиот режисер Џанг Џе-Хјун. Џанг, кој во кариерата има само два филма, „Свештениците“ (2015) и „Сваха: Шестиот прст“ (2019), минатата година експлодира на филмската сцена со шокантниот фолк-хорор „Ексхума“. Овој филм неодамна постигна успех на киноблагајните во Јужна Кореја, со над една милијарда публика што присуствуваше на неговата премиера во март 2024 година. Некои критичари отидоа дотаму што овој филм на Џанг Џе-Хјун го нарекоа „првиот примамлив филм од завршетокот на пандемијата на ковид-19“.
„Ексхума“ (на корејски „Pamyo“, што во буквален превод значи „копање“) може да биде страшен од повеќе аспекти. Прво, поради неговата неизвесност, создавајќи тензија во повеќе сцени кога духовите се појавуваат неочекувано. Второ, совршено избалансираните „џам-скер“ сцени. Трето, магичниот реализам, кој е застрашувачки реалистичен и покрај тоа што станува збор за фолк-приказна.
Вознемирувачка, морничава и напната, првата половина на „Ексхума“ е експлозивна мешавина од јужнокорејски фолклор, мистицизам и митологија. Тоа ефективно предизвикува универзален страв и мистерија во врска со задгробниот живот и што ние, луѓето што сè уште живееме од оваа страна на животот, можеме и треба да правиме во врска со тоа. Духовниот и натприродниот мост виси меѓу двата света. „Ексхума“ совршено функционира како паранормален окултен хорор-филм. Одличната атмосфера никогаш не ја губи пареата, а сето тоа е зачинето со многу незаборавни моменти, кои долго ќе ве прогонуваат во мислите.
Познатата корејска шаманка Хва-рим (Ким Го-јун) и нејзиниот штитеник Бонг-Гил (Ли До-Хјун) се повикани од богато корејско-американско семејство да ја идентификуваат мистериозната болест на новородениот син во семејството, кој се бори за својот живот во болница. Хва-рим открива дека проклетството што го гони нивното дете е всушност „повик на мртвите“. Духот на семеен предок посакува одмазда. Главата на семејството, Парк Џи-Јонг, им доверува да го преместат гробот за да го смират предокот, неговиот дедо. Хва-рим ги ангажира колегите, мајсторот на фенг шуи Ким Санг-деок (Чои Мин-сик) и гробарот Јеонг-геун (Јо Хае-џин). Ковчегот се отвора по грешка, а душата е ослободена од него за да ги одземе животите на другите членови на семејството. Клетвата зафаќа епски карактер откако палејќи го стариот ковчег, тимот наоѓа уште позлобна душа што била закопана на истото место и го чува местото. Не е ниту човек ниту животно. Тоа е змија со глава на жена, која изгледа застрашувачки. Еден од работниците со својата лопата ја сече нејзината глава, а во блиската шума се слушаат силни громови и одеднаш дува силен ветер со ненадеен дожд. Тоа е предвесник на големата несреќа и катастрофа што следуваат. Дали тимот ќе може да се справи со оваа нова чудовишна појава што води војна за земјата? Во подоцнежниот дел од филмот сведочиме на шокантна сцена во која работникот што ја пресече главата на змијата се соочува со страшната казна на клетвата што од тој момент го следи. Крвавење од очите, трески, несоници и вивидни кошмари се само дел од „болеста“ што ја чувствува тој. Клетвата е толку силна и страшна што тој посакува што поскоро да умре.

Многу кредити за високите оцени одат на сметка на глумата на Го-Еун Ким. Во нејзината главна улога таа изведе ритуал иако во реалниот живот не е професионален шаман. Големата доза на точност и веродостојност, кога таа ги става рацете во запален оган и со прстите со црн пепел поминува низ лицето, ги импресионирала професионалните шамани. Со оглед на нејзината постојана фокусирана обука со вистински шамани, во комбинација со нејзината актерска способност, ова изгледа многу моќно.
Иако не сме премногу запознаени со претходната работа на актерите во овој филм (немаат богата актерска кариера), сепак тие изгледаат фантастично во нивните улоги. Во хорор-филмовите многу важна улога играат застрашувачките експресии и изрази, кои овие луѓе одлично ги доловиле пред камерата. Тоа е понекогаш премногу тешко, но „Ексхума“ направи најмногу што можеше со своите ликови.
Хорор-филмовите многу зависат од дизајнот на звукот што помага да се изградат атмосфера и чувство на страв околу вас. „Ексхума“ е благословен со совршена партитура и дизајн на звук за хорор-жанрот. Тој континуиран звук во заднина во последните 15 минути ве прогонува, а има и моменти што стануваат премногу гласни за дополнително да го размрдаат и потресат вашиот нервен систем, предизвикувајќи чувство на страв и паника. Филмот е благословен од уште еден моќен аспект, а тоа е неговата прекрасна кинематографија. Тие отсечени сцени и кадри што буквално вибрираат го доведуваат до комплетност ова филмско дело. Локациите на планините, стариот замок, гробот и клисурата се прекрасни. Џанг Џае-Хјун направил одлична работа како режисер. Тој има солидна контрола врз целата наративност и практично ве вшмукува во неговиот вител составен од шаманизам и погребен свет. Како целина, „Ексхума“ е застрашувачки и феноменален хорор-филм на новото време што позајмува стари формули само за да ги обнови за модерната публика. Ако барате вистински хорор-трилер, тогаш „Ексхума“ е најновата верзија на старите кошмари. За жал, овој филм имаше слаб одзив кај филмската критика, па така не успеа да ги добие потребните номинации и награди на филмските фестивали.
„Ексхума“ е можеби за нијанса предолг ако го земеме предвид целокупниот наратив. Но штета е да се упати каква било поплака или критика во однос на сценариото, продукцијата, глумата или специјалните ефекти. Застрашувачките сенишни сцени дејствуваат проклето интригантно. Тие се извонредно застрашувачки. Тоа е една од причините да се сака корејската кинематографија. Не претеруваат со натприродни работи и го сведуваат на минимум претераното шминкање, што е одлика на холивудските хорор-филмови, а тоа вистинските љубители на овој жанр знаат да го ценат.

Покрај приказните за духови, „Ексхума“ се фокусира и на пренесување на долгата историја на колонијализмот меѓу Јапонија и Кореја. Откриено е дека дедото ја предал Кореја борејќи се за Јапонија, но Јапонците на крајот го казниле и го проколнале за тоа предавство.
Корејската публика беше многу поделена во однос на фокусирањето на јапонско-корејските војни во овој филм. Во Кореја медиумите што ги осудуваат минатите постапки на Јапонија се веќе распространети и сеприсутни, што значи дека многу луѓе се премногу уморни од обвинувањата кон јапонските злодела врз нив. Повеќето Корејци се свесни за тоа колку брутално Јапонците се однесувале со Корејците во минатото и како луѓето биле користени како „експеримент“ за истражување подобри оружја и отрови.
Бидејќи корејските граѓани беа мачно злоупотребувани за време на колонијализмот, тие го слават Денот на независноста од Јапонија. Како и да е, до ден-денес Корејците и Јапонците, кои во современиот живот се сојузници, се многу внимателни и чувствителни во однос на политичките или социјалните моменти во меѓусебните односи. Сепак, во корејската уметност, идеологија и социјална политика често можат да се најдат дела што ја критикуваат Јапонија за нивното минато однесување. Сепак, и корејската и јапонската публика добро го прифатија овој филм во однос на тоа дека во него има факти и податоци од кои двете страни можат многу да научат за претходните настани што во минатото ја обременувале нивната историја, па тоа многу би им помогнало во градењето заедничка иднина.