Американскиот нафтен институт добива милиони од нафтените компании и работи зад затворени врати за да го спречи или ослаби законодавството, вели Крис Мекгреал од „Гардијан“
Еколошко-политички превирања на глобалната сцена
Кога „Ројал дач шел“ го објави својот годишен еколошки извештај во април, се пофали дека одвоил големи инвестиции во обновливата енергија. Нафтениот гигант се обврза да постави стотици илјадници станици за полнење на електричните автомобили во светот за да помогне во неутрализирањето на штетата од употребата на фосилни горива. Истиот ден, „Шел“ објави посебен извештај во кој открива дека неговата еднократна најголема донација за политичките лоби-групи лани му била дадена на Американскиот нафтен институт (АПИ), кој е една од најмоќните американски трговски организации што ја поттикнува врската на нафтената индустрија со Конгресот. Спротивно на соопштението на „Шел“, извршниот директор на АПИ, Мајк Сомерс, вети дека ќе се спротивстави на мерките за заштита на животната средина на претседателот Џо Бајден, тврдејќи дека „избрзаната транзиција“ кон електрични возила е дел од „владината акција да го ограничи изборот за превоз на Американците“. Само лани „Шел“ му донираше над 10 милиони долари на АПИ. Но не станува збор само за „Шел“. Повеќето други нафтени конгломерати исто така се главни финансиери, како „Ексон мобил“, „Шеврон“ и БП, иако тие не ги прикажаа јавно нивните придонеси. Длабоките финансиски врски ги истакнуваат моќта и влијанието на АПИ во целата индустрија, а политичарите го опишуваат тоа како клучна улога на трговската група во поставување големи пречки за новите климатски политики и закони. Критичарите ги обвинуваат „Шел“ и другите нафтени фирми дека го користат АПИ како параван за индустријата. Иако фирмите во јавноста водат кампањи дека сериозно ја сфаќаат климатската криза, трговската група работи зад затворени врати со Конгресот за да ги спречи или ослаби еколошките закони.
„Шел“ го бранеше своето финансирање и порача дека иако е „погрешно усогласено“ со некои од политиките на АПИ, компанијата и натаму е дел од одборот на групата и извршниот комитет за да има „поголемо позитивно влијание“ однатре. Со Бајден во Белата куќа и зголемената јавна свест за глобалното затоплување, има сигнали дека слабее влијанието на АПИ, бидејќи самите негови членови се поделени околу одговорот. Француската нафтена компанија „Тотал“ ја напушти групата на почетокот од оваа година токму поради климатските политики. Акционерите во „Ексон“ и во „Шеврон“ исто така вршат притисок да се оттргнат од нафтата. Меѓу другото, АПИ се бори со голем број тужби, според кои, наводно, трговската група била во срцето на долгогодишната „дезинформациска кампања“ во име на големите нафтени компании за негирање на заканата од фосилните горива.
Кратка историја
Бидејќи АПИ беше основан во 1919 година како резултат на соработката на нафтената индустрија со Владата за време на Првата светска војна, тој прерасна во главна политичка сила со речиси 240 милиони долари годишен приход. Одборот е именуван од големи нафтени имиња како Рекс Тилерсон, шефот на „Ексон“ што му стана државен секретар на Доналд Трамп, и Тофик ал Габсани, шефот на саудиската рафинерија, која е подружница на саудискиот државен нафтен гигант „Арамко“. АПИ исто така ангажираше професионални лобисти како Филип Клуни, кој на Џорџ Буш Помладиот му беше шеф на кабинетот на Советот за квалитет на животна средина, но потоа мораше да поднесе оставка за кратко потоа да стане дел од „Ексон“.
Негирање на климатската криза
Токму ова е основата за неколку тужби против него. Во тужбите се наведува дека АПИ финансирал научници што се познати по негирањето или потценувањето на климатските промени и вложил милиони долари во, наводно, независните организации како институтот „Като“ и „Џорџ С. Маршал“, кои ја негираа или минимизираа климатската криза. АПИ и неговите финансиски поддржувачи ја основаа организацијата под името Глобална климатска коалиција (ГЦЦ) за да најдат докази дека климатската криза е измама. Заедно ја напаѓаа поддршката на Бил Клинтон за Протоколите од Кјото и погрешно ги толкуваа фактите за глобалното затоплување. АПИ и големите нафтени компании низ годините негуваа блиска врска.
Промена во индустријата
Во меѓувреме, зголеменото незадоволство на јавноста и заминувањето на Доналд Трамп од власта, донесе промени на трговската група. Во март ја претстави рамката за климатска акција, која првпат одобри политики за јаглеродна такса, а исто така беше поддржан и Парискиот климатски договор. АПИ истакна дека планот е „цврст“, но други истакнаа дека недостигаат детали, но сепак во јавноста се појавија сомнежи дали навистина ќе се испочитува. Меѓу изгубената поддршка од „Тотал“ и оставката на извршните директори на „Шел“ во декември, постојат сигнали дека се менуваат ставовите во рамките на самата индустрија. Од „Шел“ и од БП рекоа дека ќе продолжат да ја разгледуваат нивната поддршка за АПИ.