Се зголемува бројот на европски лидери што сметаат дека воената моќ, која долго се сметаше за спротивна на причината за постоењето на ЕУ, сега е од клучна важност за опстанокот на Унијата

ПРОМЕНИ ВО ЕВРОПСКИОТ МИРОВЕН ПРОЕКТ

Расположението во ЕУ за воените прашања претрпува сеизмички промени. Политичарите низ континентот конечно се согласија дека воената моќ, која долго се сметаше за спротивна на причината за постоењето на ЕУ, сега е од клучна важност за опстанокот на блокот.

Прашањето е како или понекогаш дали, европските армии треба да соработуваат. По долги години ЕУ се сметаше за мировна иницијатива, а одбраната беше прашање на национален суверенитет (благодарение на постоењето на ЕУ, ова не беше приоритет), сè уште нема консензус за тоа како да се креира, организира или поседува заедничка воена сила. Малкумина сакаат да му ја предадат власта на Брисел.

Трговските војни можат да се водат подобро со колективна сила, но што е со вистинските војни? Во однос на тоа прашање, лидерите на ЕУ остануваат поделени. Во Германија, која е цел на жестоките критики од американскиот претседател Доналд Трамп за воените трошоци, повторно се актуализираше дебатата за тоа дали земјата да стане нуклеарна сила. Во Франција, претседателот Емануел Макрон, повикувајќи се на загрижувачкиот недостиг од заедничко воено планирање во ЕУ, побара „формирање заеднички сили за интервенција, заеднички буџет во одбраната и заедничка доктрина за акција“. Во Британија, безбедносната соработка е темел за предложената врска по брегзит на премиерката Тереза Меј со ЕУ, едно од неколкуте британски барања што доби чиста пофалба од другиот дел од ЕУ. Во Брисел, Комисијата на ЕУ предложи европски фонд за одбрана од 13 милијарди евра за следниот долгорочен буџет на блокот, делумно за да ја прошири листата на 17 заеднички иницијативи во одбраната, одобрени во декември од страна на Европскиот совет, познати како Трајна структурирана соработка (ПЕСКО). Европскиот парламент дури и побара формирање генерален директорат за одбрана во комисијата.

Поборниците за воена соработка велат дека е загрозен опстанокот на ЕУ. Михаел Галер, германскиот член на Европскиот парламент по одобрениот фонд за истражување и развој на одбранбени индустриски продукти вреден 500 милиони евра, изјави во јули дека Европејците само заедно можат да бидат силни.
– Само ако се обединети, Европејците ќе се соочат со предизвиците што произлегуваат од Русија, распаднатите држави во соседството и, за жал, актуелната неодредена американска надворешна и безбедносна политика – вели тој.
Но останува далеку од сигурно дека европските престолнини можат да најдат политичка волја, технички капацитети, финансиски ресурси, и најважно, заемна доверба потребни да се трансформира ЕУ во воена суперсила што ќе може да се бори против Русија, да дејствува независно од САД и на крајот да го искористи светското влијание.

Засега е отворено прашањето дали членките на ЕУ можат да најдат политичка волја, технички капацитети, пари и заемна доверба за да ја претворат Унијата во воена суперсила

Ниту, пак, е јасно дали националните влади сакаат да се откажат од контролата. Блокот сè уште се бори со старите прашања за тоа колку од воената моќ може да биде под власт на Брисел, прашање што дополнително е усложнето од европските договори, кои забрануваат директно финансирање од буџетот на блокот за оружја и воени операции.
На јунскиот состанок со високите претставници од одбраната, постоеше одреден скептицизам околу тоа дали да му се дадат поголеми овластувања на Брисел, изјави еден висок европски дипломат.
Некои европски лидери, особено унгарскиот премиер Виктор Орбан, побара формирање европска армија. Претседателот на комисијата Жан-Клод Јункер побара поголема стратегиска интеграција и порача дека „само моќта за убедување не е доволна во еден силно милитаризиран свет“.

Но многу други не сакаат да го намалат авторитетот на сметка на националната безбедност, затоа што се плашат од негативните реакции на гласачите и во некои случаи се загрижени за поткопувањето на моќта на НАТО. Холандскиот премиер Марк Руте во еден говор на почетокот од годинава порача дека „НАТО сè уште е нивен најголем гарант на безбедноста и мирот. Но тоа не значи дека ЕУ не треба ништо да презема“. Руте изрази поддршка за Европскиот фонд за одбрана и за иницијативата ПЕСКО на која ѝ се приклучија 25 од вкупно 28 членки. Но тој беше против формирање европска армија и нагласи дека „земјите-членки го имаат завршниот збор“.

Според сигналите како лидерите сè уште ја бараат вистинската рамнотежа, Холандија беше една од осумте држави заедно со Белгија, Британија, Данска, Естонија, Германија, Португалија и Шпанија, за да се здружи со Франција за иницијативата на Макрон за да се формираат „заеднички сили за интервенција“.

Лани во септември кога првпат ја предложи идејата, Макрон порача дека „на Европа денес најмногу ѝ недостига заедничка стратегиска култура“. Германската канцеларка Ангела Меркел исто така звучеше позитивно, па дури и предупредувачки. Во еден говор од мај, таа наведе дека „треба да се биде искрен и да се признае дека Европа е сè уште на почетокот кога станува збор за заедничката надворешна политика“
– Сепак, таа ќе биде потребна за нејзиниот сопствен опстанок, затоа што природата на конфликтите целосно се промени по крајот на Студената војна. Многу од светските конфликти се случуваат на прагот на Европа. Не треба да се чека на САД за заштита. Европа треба да ја земе судбината во свои раце и токму кон тоа треба да се насочи во иднина – нагласи канцеларката.

Меркел се повика на хаотичната комбинација на вооружени системи во Европа што исто така го истакна и Галер, германскиот претставник во Европарламентот. Гелер вели дека „никој не може да објасни зошто постојат 178 различни воооружени системи во ЕУ во споредба со 30 во САД. САД имаат еден вид основен борбен тенк додека во ЕУ има 17 вида“.

Постои одредено единство меѓу државите што му се приклучија на ПЕСКО, дури и ако е бавен тековниот процес. Европскиот совет во март одобри првична листа на проекти, вклучувајќи го формирањето на Европската медицинска команда, развој на сајбер-тимови за брза интервенција и производство на оклопни пешадиски борбени возила во Италија, Грција и во Словачка.

Дипломатите изјавија дека само два проекта, сајбер-иницијативата предводена од Литванија и холандски предводената иницијатива за воена мобилност, досега остварија конкретен напредок.

Но министрите за одбрана веќе се насочија кон дополнителни 33 проекти што во изминатите неколку месеци ги започнаа членките. Тие планираат да состават конечна листа што ќе биде одобрена до декември. Комисијата исто така одвои 500 милиони евра за 2019-2020 година наменети за истражувачки проекти во одбранбената индустрија за кои еден европски претставник од НАТО изјави дека ќе помогнат да се намали зависноста од Вашингтон. Тој вели дека „во моментов сè се сведува на американска и на британска технологија и кога ќе заврши процесот, членките на ЕУ ќе бидат во позиција да изберат меѓу американски и европски продукти“.
Иако овие првични чекори можеби се мали, експертите велат дека тие претставуваат револуционерна промена по долги години на пасивност.

Шантал Лавали, експертката од Институтот за европски студии, наведе во еден скорашен научен труд за кралскиот институт „Елкано“ во Шпанија, дека „Европската комисија најде начин како да се наметне во европскиот безбедносен и одбранбен сектор. На изненадување и скептицизам на многумина, со оглед на тоа што овој сектор долго време се сметаше за ’територија резервирана’ за членките, иницијативите на амбициозната Комисија дадоа плод“.

Сепак, претставниците, дипломатите и експертите порачаа дека сè уште се присутни големи пречки за поголема одбранбена интеграција на ЕУ, од кои најистакната е притаената недоверба како резултат на двете светски војни.

Иако Трамп ги тера сојузниците на НАТО да ги зголемат воените трошоци, САД почнаа да покажуваат загриженост за поголема европска соработка велејќи дека сите програми мора да бидат во тесна соработка со НАТО, во кои Вашингтон има најголемо влијание.

Некои членки на ЕУ покажаа волја да тргнат по свој пат. На пример, Полска побара од администрацијата на Трамп да отвори нова воена база на нејзина територија, еднострано барање што не беше однапред дискутирано меѓу европските партнери или сојузниците на НАТО, и дека некои други европски држави стравуваат дека непотребно ќе ја испровоцираат Русија.

Некои европски држави, особено улогата на Германија во минатите војни, не се толку заинтересирани како Трамп да ја видат најбогатата држава во ЕУ да го исполни барањето за воени трошоци на НАТО. Еден висок дипломат од ЕУ изјави дека „не е сигурен дека сите членки ќе сакаат да ја видат Германија да потроши два отсто од БДП“.