Стариот Континент е во одреден степен на изолација. Но дали луѓето навистина ги почитуваат карантинските мерки и дали правилата се лесни за разбирање, ама и за прекршување
Шпанија е една од земјите во Европа каде што се применуваат најстроги мерки на карантин. Во оваа земја луѓето можат да излезат дома само за да купат храна и лекови, да го прошетаат кучето, да одат во болница или да oтпатуваат на работа, но доколку тоа е апсолутно неопходно. Казните за прекршок на мерките се многу конкретни и се движат од 601 евро до 30 000 евра, а полицијата не се двоуми да ги изрече.
За разлика од повеќето други европски земји, вежбањето е забрането во Шпанија, но што е со вежбањето додека патувате кон работа? Одговорот е исто така негативен. Во Баскија, полицијата предупреди човек дека ќе биде казнет поради тоа што со својот велосипед, возејќи кон работа, правел физички активности што се забранети со уредбата за вежбање, а на човекот истовремено му е посочено дека за транспорт засега во земјата единствено треба да се користи јавниот превоз.
Уредбата за вонредната состојба на Владата вели дека возењето велосипед е дозволено само во случај на виша сила, но притоа не е појаснето за што станува збор. Велосипедистот можеше да се најде на уште поголема мака ако живееше во Мадрид, каде што градоначалникот порача дека локалната полиција ќе има нулта толеранција кон оние што тврдат дека одат на работа, но не можат тоа да го докажат со сертификат потпишан од својот работодавец.
Од друга страна, иако не можете да вежбате во Шпанија, барем можете да го однесете вашето куче на прошетка. Сепак, не обидувајте се да земете други животни на прошетка, бидејќи ќе заглавите во неволја. Во последниве денови полицијата ги казнуваше или предупредуваше луѓето што шетаа кози, кокошки, па дури и рак. Само за да биде јасно, каталонската полиција соопшти дека забраната се протега од канаринци до виетнамски свињи.
Сепак, Шпанците не се откажуваат. Според нивните размислувања, ако може да се казни човек, тогаш сигурно не може да се казни диносаурус?! Па, така, периодов во земјата имаше пријавено места на кои диносауруси (или поточно луѓе облечени во костуми на диносауруси) го исфрлаат ѓубрето, шетаат безгрижно, ама на крајот сепак беа запрени од полицијата.
Правилата за изолација не се проблематични само во Шпанија, туку и на други места. Во Брисел, дописничката на магазинот „Политико“, Мелиса Хајкилиќ, го изеде најскапиот кроасан од својот живот, откако беше запрена и подоцна казнета зашто при прошетка застанала да појадува. Според правилата, прошетките се во ред, ама не смеете да застанете. Големината на казната? Помеѓу 250 и 500 евра.
Во Холандија, земја за која се смета дека презеде послаб пристап кон кризата отколку другите, сепак можете да го прославите роденденот со тројцата најдобри пријатели, под услов да одржите доволно растојание кога ќе ги дувате свеќичките. Но што ако вашата куќа е премала за да одржите доволно растојание? Според министерот за правда, тогаш ќе мора да ја откажете вашата забава.
– Кога сите ќе го пребродиме ова, ќе можеме да правиме многу забави – рече тој.
Во земјата, еден Холанѓанец што намерно кашлаше во лицата на двајца полицајци и викаше дека сака да ги зарази со коронавирус беше осуден на десет недели затвор. Во Холандија се регистрирани над десет случаи на „кашлање со корона“, според портпаролот на јавното обвинителство во земјата.
Во меѓувреме, заменик-министерката за здравство на Англија порача дека двојките што во моментот живеат одвоено треба да ги искористат новите правила на социјално растојание во Британија и да се решат дали ќе живеат заедно или потенцијално да останат оддалечени еден од друг подолг временски период.
– Доколку две лица, две половини од двојката живеат во одделни домаќинства, тие идеално би требало да останат во своите домови – порача таа.
Во меѓувреме, Словаците се побунија против регулативата на земјата што им забранува да бидат во јавност без маска или друга заштита на лицето. Железничкиот сообраќај надвор од Братислава неодамна беше одложен бидејќи неколку патници одбиле да носат заштитни маски во воз и го нападнале кондуктерот кога им било наредено да го сторат тоа.
Од досегашните искуства, едно е сигурно, а тоа е дека откако ќе заврши оваа криза, научниците за социјално однесување ќе имаат доста работа.