Кинески дронови ќе ги демнат американските подморници во Пацификот
Кина постепено ги подобрува антиподморничките капацитети за да се справи со големата нерамнотежа во подводниот свет. Кога Кина почна да ја модернизира морнарицата со големи пловила, како носачи на авиони и крстосувачи, јасна беше потребата да се заштитат новите инвестиции од напади од подморници.
Некои кинески иницијативи од изминатата деценија вклучуваа лесни фрегати опремени со сонари и со торпеда, патролни летала, мрежи од сензори на дното на океанот и околу клучните поморски бази, нова генерација хеликоптери, како и подводни системи што ќе извршуваат набљудувачки мисии и ќе поставуваат мини. Но сега се појавува нова закана за доминацијата на американските подморнички сили во Западен Пацифик. Повеќе неодамнешни статии објавени во Кина, најавуваат дека кинеската морнарица развива беспилотни летала со антиподморнички капацитети. Тоа би можело да претставува голем проблем за подморниците на САД и за силите на американските сојузници.
Една статија, која се повикува на истражување на кинеската морнарица, посочува на потенцијалот на дроновите да спроведат потрага по подморници со сонарни пловки, особено над голема поморска површина. Авторите на статијата посочуваат дека ако се има предвид широкиот спектар на можности за употреба на дроновите, можно е тие да имаат голема улога во иднината на антиподморничкото војување. Тие нагласуваат дека дроновите често летаат по повеќе од четириесет часа, но дека се способни за летови што траат со денови, па дури и со недели. Иако генерално не се движат брзо, тие сепак се значително побрзи од бродовите, кои се користат за антиподморничко дејствување. Покрај тоа, се предвидува дека тие понекогаш можат да летаат над противвоздушната одбрана. Но најголемиот аргумент во прилог на дроновите е што тие се многу поевтини од поголемите летала што ловат подморници. Со други зборови, ваквите економски пристапи кон ривалството во Западен Пацифик може да го стават Пекинг во многу поповолна положба. Оваа кинеска анализа посочува оти беспилотните летала не треба да ги исполнат сите аспекти на антипоморничките мисии. Тие би можеле едноставно да пренесуваат информации. Се разбира, тие би можеле да преземат и поголеми ризици кога летаат во спорен воздушен простор. Пониските трошоци значат дека тие можат да бидат распоредени за секоја операција за пребарување, што значи значително ја зголемуваат ефикасноста во ловот на подморници.
Друга кинеска анализа од лани, пак, се фокусира на капацитетите на дроновите за потрага или за напади на подморници. Авторот оценува дека сите морнарици ги реформираат своите дронови. Тој тврди дека постои итна потреба за поголем опсег, поголеми области за пребарување, подолги периоди на пребарување, како и за наоѓање поевтини методи за откривање, следење и гонење подморници. Во анализата се посочува и дека вооружувањето е основниот тренд за реформирање на беспилотните летала. Највпечатливиот дел од анализата е дека дроновите може да оперираат од кинеските носачи на авиони. Тоа е мошне смел потег, имајќи предвид дека Кина допрва треба да демонстрира успех во управувањето дронови од носачи на авиони, но тоа сепак ги илустрира приоритетите на Пекинг за заштита на своите големи бродови. Во анализата се наведува дека дроновите со антиподморнички капацитети управувани од копно имаат патролен радиус од 600 километри, а тие управувани од носачи на авиони имаат патролен радиус од 300 километри.
Овие статии нудат поглед кон стратегијата на кинеската морнарица, која бележи брз напредок како и другите разграноци на кинеската армија. Сето тоа треба да ги загрижи САД, бидејќи Кина користи вештачка интелигенција за да реши тешки дилеми на бојните полиња. Уште позагрижувачки е што ако кинеските ракети и авиони успеат да уништат американски и сојузнички бази во Западен Пацифик во почетна фаза на некој евентуален конфликт, тоа може да остави огромен број кинески беспилотни летала слободно и агресивно да ги демнат претходно речиси неприкосновените американски подморници.