Индија има најголем број клинички лекари во Јужна Азија

Централната болница во индискиот град Ченаи поседува најсовремена медицинска технологија, која, во споредба со онаа во западните земји, може да се користи по многу пристапни цени, пишуваат Прити Гупта и Бен Морис за „Би-би-си“

Напредна медицина по пристапни цени во Јужна Азија

Во последниве години се појави нов третман за малигни заболување, наречен терапија со протонски зраци или протонска терапија. Наместо високоенергетски рендгенски зраци, се користи сноп од високоенергетски протони, кои претставуваат мали делови од атомот. На својот пат кон туморот, тие лесно минуваат низ телото и се многу ефикасни во неговото уништување. Наедно, тие можат да бидат насочени доста прецизно, што протонската терапија ја прави многу корисна за лекување на потешко пристапните делови од телото, вклучувајќи ги мозокот, вратот и ’рбетот. Опциите за оваа терапија беа многу скапи, но централната болница „Аполо“ во Ченаи, Индија, поседува најсовремена технологија, која, во споредба со онаа во западните земји, може да се користи по многу пристапни цени.
Секоја година, илјадници луѓе во потрага по медицински третман ја посетуваат Индија. Во периодот помеѓу 2016 и 2019 година, бројот на странски пациенти што пристигнале во Индија се зголемил од 430.000 на 700.000. Сè до 2019 година, процените велеа дека вредноста на овој сектор изнесува девет милијарди долари. Меѓутоа, патните рестрикции за време на пандемијата го доведоа секторот речиси до целосен застој. Според податоците на индиското министерство за туризам, во текот на 2021 година на лекување во земјата пристигнале 183.000 странски пациенти, што е за 73 отсто помалку од 2019 година. Иста е состојбата и на други места во светот, вклучувајќи и во државите што се популарни кога станува збор за медицински туризам, меѓу нив се Тајланд, Сингапур и Малезија. Динеш Мадхаван, претседател на онколошката групација во болницата „Аполо“, вели дека Индија има најголем број клинички лекари во Јужна Азија. Земјата е високорангирана благодарение на гостопримството и богатата култура, а сето тоа во комбинација со модерната и традиционалната медицина и терапија.
Во Индија нагло порасна и бројот на странски пациенти што доаѓаат заради процедури од сферата на естетската хирургија. Доктор Сатиш Бхатија, дерматолог и кожен хирург во Мумбај, вели дека доаѓаат пациенти од САД, Африка и државите околу Персискиот Залив. Тој раскажува дека кај него доаѓаат многу стјуардеси, кои бараат брзи, неинвазивни козметички процедури, како што се дермалните филери или ботоксот. Бхатија открива дека во просек, цените на повеќето естетски процедури во САД, Европа и на Блискиот Исток се најмалку за 50 отсто повисоки од оние во Индија. Како и многу други патувања, медицинскиот туризам за време на пандемијата „заринка“, но д-р Бхатија изјави дека бизнисот почна повторно да напредува и убеден е дека тој ќе продолжи да расте. Сепак, оваа експанзија на странски пациенти има и свои лоши страни. Доктор Бхатија истакна дека низ Индија никнуваат мноштво нови естетски клиники, но, за жал, привлекуваат многу неквалификувани и необучени лекари што сакаат лесна заработка.
Во меѓувреме, Владата призна дека на секторот му е потребна построга регулатива. Доктор Ракеш Кумар Верма, од Министерството за туризам, смета дека на индискиот медицински туризам му недостигаат ефикасни регулативи за раководење со секторот, со што тој останува неорганизиран и има недоволен мониторинг. Тој нагласува дека докторите мора да поседуваат долгогодишно универзитетско образование што може да биде проверено, но истото тоа не важи и за посредниците што ги организираат аранжманите за контакт меѓу докторите и странските пациенти. Доктор Верма предупредува дека квалитетот на услугите од страна на овие агенти не е регулиран, додавајќи и дека цените во болниците не се усогласени, што на некои од агентите им олеснува претерано да ги наплаќаат услугите кај лековерните пациенти.