Првиот човек на Норвешкиот совет за бегалци (НРЦ) предупреди за можен нов бран на украински бегалци поради уништувањето на енергетската инфраструктура и прекините во снабдувањето со струја, вода и греење

Каква е состојбата во зоните на конфликт во Украина

Европа мора да биде подготвена зимава да прифати стотици илјади бегалци од Украина, изјави во интервју за „Еуроњуз“ првиот човек на Норвешкиот совет за бегалци (НРЦ). Јан Егеланд, генералниот секретар на НРЦ, истакна дека „се работи за избор помеѓу смрзнување или бегство“.
Речиси 7,9 милиони луѓе побегнаа од Украина, откако во февруари годинава руската војска влезе во земјата. Поголемиот дел од нив најде прибежиште во соседните држави: Полска, Унгарија, Словачка, Романија и во Молдавија, но значителен број бегалци беа пречекани и на други места во Европа.

„Доаѓа зимата“

Егеланд опиша како цивилите во Украина се соочуваат со „ужасна ситуација“, која е уште повеќе „влошена“ со руските напади врз цивилната инфраструктура и прекинот во снабдувањата со струја и вода. Тој објасни дека многу од заедниците што се први на удар, во последните месеци добија мала или никаква помош. Поради тоа, постојано се води трка со времето. Хуманитарните организации како НРЦ, Црвениот крст и УНХЦР прават напори да обезбедат помош за цивилите заглавени во борбените подрачја. Тие дистрибуираат готовина, облека, храна и други основни производи, вклучувајќи и опреми за засолнување за оние чии домови се разрушени.
Една од причините, објасни тој во интервјуто за „Еуроњуз“, била таа што хуманитарните организации не можеле да поминат „преку линиите на фронтот и во областите под руска контрола“, иако украинскиот воен напредок постојано ја менува сликата на теренот. Неодамна тој бил во посета на линиите на фронтот во Запорожје и раскажа како сретнал луѓе, од кои некои и на 91-годишна возраст, кои последниве неколку месеци се обидувале да останат во своите „делумно уништени“ домови, но потклекнале под екстремно ниските температури и заминале. Како последица на конфликтот, кој е најтешката хуманитарна криза во поновата европска историја, последниве податоци покажаа дека бројот на интерно раселени Украинци изнесува околу осум милиони лица.

„Трошка надеж“

Според Егеланд, една работа што ја „издвојува“ Украина во споредба со конфликтите во другите земји претставува бројот на стари и инвалидни лица во областите на директен конфликт. Тие се надевале на повторна обнова на струјата, гасот, топлината. Но доколку Русите продолжат со бомбардирање на целосната тукашна цивилна инфраструктура, зимава овие луѓе нема да добијат никакво греење, дополни Егеланд.
Во услови на силно руско бомбардирање, украинските власти неодамна извршија евакуација на дел од постарите жители од јужниот град Херсон. Аналитичарите предвидуваат дека студеното зимско време, кое со себе носи замрзнати терени и мачни, исцрпувачки услови за борба, би можело многукратно да ја зголеми штетата предизвикана од нападите. Но, според Егеланд, сепак постои „трошка надеж“. Тој вели дека меѓународните донатори се „дарежливи“ во однос на испраќањето помош за Украина, а хуманитарните организации ги „интензивираат“ своите операции.
Според германскиот истражувачки институт во Кил, во периодот од јануари до октомври 2022 година, Украина добила финансиска, хуманитарна и воена помош во висина од 93,8 милијарди евра, во која учествувале вкупно 40 држави.