Западните санкции влијаат и во научниот сектор

Европските универзитети размислуваат што ќе се случува со науката по украинскиот конфликт и како ќе се справат со последиците од прекинувањето на институционалните врски со Русија. Додека вниманието во почетокот на конфликтот беше фокусирано на непромислени потези како оној на универзитетот „Милано-Бикока“ да го откаже, пред да го врати, предметот за великанот во руската книжевност, писателот Фјодор Достоевски, европскиот сектор за високо образование сега преиспитува повеќе длабоко вкоренети прашања за соработката со руската академска фела.
Како прво, конфликтот веројатно ќе поттикне одлив на мозоци на руски академици, кои веројатно ќе бидат во искушение да побараат работа во странство за поголеми плати и слобода во нивното истражување. Но меѓу оние што останаа, како и кај некои од нивните западни колеги, постои жалење за пропуштените можности, особено во истражувањето за климата. Некои експерти од оваа област предвидуваат научни последици бидејќи секторот сам ќе си наметне сопствена верзија на санкции во форма на откажување академски конференции, напуштање заеднички истражувачки проекти и замрзнување на странското финансирање на руските институции. Други мрачно предупредуваат на „култура на исклучување“ и изгубени можности.

Русија има најразвиена наука за климата

Русија е важна во областите како што се истражувањето за климата и Арктикот, а прекинувањето на врските „всушност ќе го уназади светскиот научен напредок“, смета Дејвид Метјус, меѓународен уредник на истражувачкиот форум „Сајанс бизнис“. Една област што ќе биде особено погодена е истражувањето на вечниот мраз. Педесет до 60 отсто од вечниот мраз на светско ниво се наоѓа во Русија, која исто така располага со голем дел од светската експертиза за посебниот слој на почвата што постојано останува замрзнат, според Тед Шур, еколог од Универзитетот во Северна Аризона и експерт за вечен мраз. Кога се топи, вечниот мраз ослободува стакленички гасови како јаглерод диоксид и метан. Дури и ако светот се држи до оптимистичката траекторија на задржување на глобалното затоплување до два степена Целзиусови, според Шур, тоа значи дека ќе се додадат до 20 проценти повеќе јаглеродни или стакленички гасови што ја задржуваат топлината во атмосферата што ќе ја направи соработката за ова прашање од клучно значење. Шур смета дека руската наука има богата историја и има актуелни активности во истражувањето за вечниот мраз, а прекинувањето на научните врски само го намалува целокупниот научен потфат.

Замрзнати истражувачки проекти и грантови

Минатиот месец Европската Унија (ЕУ) соопшти дека го прекинува целото тековно финансирање на руските јавни институции, со тоа што веднаш прекина 56 академски истражувачки проекти и грантови и сета соработка до понатамошно известување. Дури и 15 од најголемите академски издавачи во светот, исто така, рекоа дека во Русија ќе престанат да продаваат услуги, вклучувајќи ги сите списанија и бази на податоци, ефикасно исклучувајќи ги научниците од 97,5 отсто од претплатата на научните списанија. На Слободниот универзитет во Берлин, директорот за меѓународни односи Херберт Гришоп ги откажа програмите за двојна диплома со руски партнери, намалувајќи ги приходите до 50.000 евра годишно. Во 2019 година, проектите со институционално кофинансирање на Русија и на Германија беа во вредност од 36,3 милиони евра, повеќето од нив во науката. Велика Британија, исто така, ги замрзна исплатите на грантови за истражување во вредност од десетици милиони евра. Повеќе од половина од руските коавторски трудови се со академици од ЕУ, од кои најмногу со Германци.

Разочарување кај универзитетските професори

Но не сите беа импресионирани од замрзнувањето на заедничките академски соработки и размената на професори. Академик Деметриос Флудас од универзитетот „Кембриџ“ и наедно е вонреден професор на универзитетот „Имануел Кант“ во Калининград, вели дека патувал до четири пати годишно за да предава право во руската енклава и е разочаран и вознемирен од ваквата состојба. Тој смета дека ова ќе биде штетно за двете страни, бидејќи веќе биле развиени силни научни врски“. Флудас проценува дека повеќе од 1.000 европски академици се во слична позиција. Исто така, важно е реакцијата против Русија да не оди премногу далеку и руските академици во Европа да бидат заштитени, предупреди Михаел Гебел, директор на Европската асоцијација на универзитети (ЕУА), која претставува повеќе од 800 универзитети.
Додека експертите полемизираат каде точно треба да се исцртаат линиите, политичката цел на Западот да ја осакати Русија, како одговор за нејзината специјална воена операција Украина, веројатно ќе постигне успех на полето на високото образование.