Порастот на цените се должи на зголемената побарувачка на енергија и загриженоста околу снабдувањето со гас и нафта по избивањето на украинскиот конфликт. Меѓутоа, различни држави се справуваат со оваа криза на различни начини, пишуваат Николас Барет и Даниеле Палумбо за „Би-би-си“
Европските земји со различни стратегии за заштита на стандардот на граѓаните
Во изминативе неколку месеци, цените за енергијата за европските домаќинства постојано растат. Во Велика Британија, горната ценовна граница минатиот месец порасна на 1.971 фунта и се очекува таа во октомври да достигне 2.800 фунти. Порастот на цените се должи на зголемената побарувачка на енергија и загриженоста околу снабдувањето со гас и нафта по избивањето на украинскиот конфликт. Меѓутоа, различни држави се справуваат со оваа криза на различни начини.
Велика Британија: Попусти за сметките за енергија
Владата соопшти дека секое домаќинство во Велика Британија ќе добие попуст во висина од 400 фунти за сметките за енергија, како компензација за покачената цена на горивото. Домаќинствата што имаат придобивки на име на имотната состојба ќе добијат еднократна исплата од 650 фунти, додека пензионерските домаќинства ќе добијат дополнителна помош во висина од 300 фунти, која ќе се однесува на зимското гориво. Освен ова, на лицата со инвалидитет ќе им биде исплатена еднократна сума од 150 фунти, која би требало да им помогне во однос на животните трошоци. Овие исплати ќе бидат делумно финансирани од новиот данок од 25 отсто на добивка кај фирмите за нафта и гас, од кои Владата очекува да собере пет милијарди фунти. Канцеларот Риши Сумак порача дека „британската влада сега троши 37 милијарди фунти за да им помогне на луѓето да ја пребродат кризата поврзана со трошоците за живот, што е повеќе или слично со земји како Франција, Германија, Јапонија и Италија. Сепак, постојат одредени нејаснотии во врска со оваа бројка, затоа што Институтот за фискални студии смета, имајќи го предвид порастот на даноците, дека од оваа сума треба да се одземат 18 милијарди фунти. Ова би значело дека Владата ќе го амортизира растот на сметките за енергија со „инфузија“ од 19 милијарди фунти.
Италија: Субвенции за гориво
Италија најави 14 милијарди евра субвенции за гориво и нов инвестициски план. Овој план треба да им овозможи на семејствата да ги задржат своите сметки за гориво на нивото од 2021 година, поттикнувајќи ги домаќинствата да преминат на електрични возила и обновливи извори на енергија. Другите мерки вклучуваат еднократна помош во висина од 200 евра за жителите што заработуваат помалку од 35.000 евра на годишно ниво, како и даночен кредит од 20 отсто за сите компании што се интензивни потрошувачи на енергија и се соочуваат со пораст на цените од 30 отсто. За да се соберат средства за овие мерки се покачуваат даноците за компаниите чијшто профит порасна како директен резултат од порастот на горивата. Во глобала, Италија има во план да потроши околу 35 милијарди евра за ублажување на кризата.
Шпанија: Намален ДДВ
Шпанија го намали ДДВ на сметките за енергија од 21 на 10 отсто. Привремено го намали и специјалниот данок за електрична енергија од седум на 0,5 отсто. За да ги компензира овие даночни намалувања, Шпанија воведе непланиран данок за енергетските компании, чија цел е да се соберат три милијарди евра. Во април, Европската комисија одобри горна граница на цената на гасот во Португалија и во Шпанија, просечно 50 евра за мегават-час. Таа ќе биде во траење од една година и со неа се планира да се постигне преполовување на сметките за гас за 40 отсто кај купувачите во овие две држави. Откако ќе се комбинираат сиве овие мерки, Шпанија очекува да акумулира околу 21 милијарда евра.
Франција: Ограничување на цените
Во јануари годинава, француската влада го натера државниот снабдувач на енергија ЕДФ да го ограничи растот на големопродажните цени на четири отсто во траење од една година, што ќе резултира со вкупен трошок од 8,4 милијарди евра. Франција уште минатата година најави еднократна исплата од 100 евра за 5,8 милиони домаќинства што добиваат ваучери за енергија. Оттогаш се намалени и даноците за струја. Според бриселската експертска група „Брејгел“, се очекува Франција да потроши 38 милијарди евра за поддршка на населението за време на кризата во животниот стандард.
Германија: Попусти во јавниот превоз
Германските домаќинства плаќаат најголеми сметки за електрична енергија во рамките на Европската Унија (ЕУ), а според извештајот на „Ројтерс“, во текот на 2022 година, 4,2 милиони германски домаќинства ќе се соочат со повисоки сметки во просек за 62,3 отсто. Владата веќе излезе со субвенции за домаќинствата со ниски приходи и сега троши дополнителни 15 милијарди евра за субвенции за гориво. Тоа го прави преку намалување на даноците за бензин и дизел, еднократна помош од 300 евра, дополнителни средства за детски додаток, како и попусти во цените на јавниот превоз. Вкупните трошоци за реализација на овие мерки би требало да изнесуваат околу 30 милијарди евра.
Холандија: Помали царини за горивата
Холандската влада веќе потроши 2,7 милијарди евра за намалување на даноците на индустриската и енергијата за домаќинства, а планира да потроши дополнителни 150 милиони евра за помош и поддршка на најранливите домаќинства. Освен тоа, оваа држава за 21 отсто ги намали царините на бензинот и дизелот, мерка што ќе трае до крајот на годинава. Холандија очекува да потроши приближно шест милијарди евра.
Норвешка: Максимални цени за домаќинствата
Норвешката влада ја одреди максималната цена што домаќинствата треба да ја плаќаат за енергија, а за секоја сума што е над одредената, Владата ќе плати 80 отсто од месечната сметка. Оваа мерка, во комбинација со другите видови поддршка, ќе ја чини Норвешка околу 23,6 милијарди норвешки круни.
Полска: Намалување на давачките
Како дел од „антиинфлацискиот штит“, полската влада излезе со план за укинување на ДДВ кај храната, гасот и ѓубривата. За парното греење, ДДВ ќе се намали на пет отсто, додека она за бензинот и дизелот ќе падне на осум отсто. Беше планирано овие мерки да траат шест месеци. Истовремено, полската влада испраќа финансиска помош директно до седум милиони домаќинства, од кои еден дел се стекнаа со право да добиваат 306 евра годишно. Заедно со другите мерки се очекува Полска да потроши девет милијарди евра.
Дали овие планови се одржливи?
Одредени експерти се прашуваат колку долго владите ќе можат да продолжат со штитење на потрошувачите. Доколку високата инфлација продолжи и во 2023 година, па и подолго, владите би можеле да се соочат со големи предизвици во намерата да ги заштитат своите домаќинства. „Ваквите големи субвенции се неодржливи од перспектива на јавните финансии, а од геополитичка и енергетска безбедносна перспектива се многу штетни, а да не се спомнува животната средина“, вели Симоне Таљапјетра, виш соработник во „Брејгел“, задолжен за собирање податоци во врска со владините мерки за заштита на потрошувачите. Други експерти стравуваат што би можело да се случи доколку Европа не успее да најде алтернативи за рускиот гас и нафта. Иларија Конти, раководителка во секторот за гас во фирентинската Регулаторна школа, вели дека „претстојните есен и зима“ за сите ќе бидат тешки.