Анкара се соочува со сè поголем притисок да избира меѓу Москва и Киев, смета Димитар Бечев од „Политико“
Од почетокот на украинската криза, ликот на Европа веќе се смени кон полошо. Надвор од директниот конфликт, една од најпогодените држави е Турција, која долго време профитираше поради силните врски со Москва и со Киев. Како што борбите се интензивираат, а Западот го засилува притисокот врз Владимир Путин, деликатната рамнотежа на Анкара помеѓу двата нејзини партнери се одржува сè потешко. Како дел од НАТО и регионален „тешкаш“, Турција е под голем притисок конечно да избере страна.
Во моментов, Турција добива околу една третина од своите потреби за гас од Русија. И покрај тоа што Путин и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган често се натпреваруваат меѓу себе, тие исто така беа и партнери во операциите во Сирија, Либија и во Јужен Кавказ. Во 2019 година, Анкара од Русија ги набави ракетите „С-400“, одлука заради која ги расипа своите односи со САД. Истовремено, Турција има голема трговска соработка со Украина и амбициозни планови за поттикнување на одбранбено-индустриската соработка меѓу двете држави, при што турските беспилотни летала, кои Украина ги набави, моментално вршат напади врз руските трупи што вршат инвазија. Наедно, Турција се смета себеси за држава сродна на кримските Татари, осудувајќи ја отворено анексијата на полуостровот од 2014 година.
Откако се обиде да „игра за двете страни“ во деновите што ѝ претходеа на инвазијата на Украина, Турција веќе презеде некои чекори со кои ја предизвика Русија. Прво, ги затвори Босфор и теснецот Дарданели за поморски бродови, искористувајќи го своето право според Конвенцијата од Монтре (1936) за ситуации во случај на војна. Овој потег, по барање од украинскиот претседател Володимир Зеленски до Ердоган, беше топло поздравен и од страна на САД, иако самиот тој како чин предизвикува главно симболични последици. Флотата на Русија е веќе распоредена во Црно Море, а дури и да не беше, Конвенцијата од Монтре им дозволува на бродовите да се вратат во своите пристаништа. Сепак, затворањето на Босфорот и Дарданелите ги спречува Русите да испраќаат дополнителни бродови од источната страна на Медитеранот.
Исто така, Турција ја засили својата дипломатија за да покаже поагресивен став. Прво, министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу го опиша конфликтот како „војна“, термин што е во спротивност со рускиот наратив за „специјална операција“. По ова следуваше жестокиот говор на постојаниот турски претставник во ОН, Феридун Синирлиоглу, во кој нагласи дека меѓународната заедница има должност да ги брани беспомошните цивили. Ердоган, пак, ја нарече руската инвазија „неприфатлива“, додека државната телевизија ТРТ искажува критички став кон Русија и го фали храброто лидерство на Зеленски. Сепак, Турција сè уште нема да се откаже од Русија. Анкара не се приклучи кон западните економски санкции за Москва, ниту, пак, го затвори турскиот воздушен простор за руски сообраќај. Освен тоа, престана да испраќа нови пратки со оружје и материјали за Украина.
Реториката што ја користи Анкара е дека Турција е лојална членка на НАТО, но истовремено, таа мора да води сметка и за сопствените национални интереси. Во пракса тоа би значело дека Ердоган сè уште се обидува да биде посредник помеѓу Москва и Киев, понуда што ја даде за време на неговата февруарска посета на Украина. Откако првата рунда преговори меѓу Москва и Киев, која се одржи на украинско-белоруската граница, не резултира со прекин на огнот, Ердоган околу ова прашање дискутираше со белорускиот претседател Александер Лукашенко. Уште позначајно е што Зеленски веќе го спомена Истанбул како потенцијална локација за преговори.
Ердоган има добра причина да се ангажира за деескалација на судирите и главно таа причина е од економски карактер. Војната веќе зема данок во руската економија, бидејќи санкциите ја рушат рубљата, а тоа со сигурност ќе влијае врз Турција, која зависи од Русија во поглед на приходите од туризам, како и во однос на пазарниот извоз на градежни услуги и земјоделски стоки. Порастот во цените на енергијата би имал уште поразорувачки ефект врз обичните Турци, чии приходи и заштеди ги „изеде“ годинашната метеорска инфлација. Да не заборавиме дека Ердоган се бори за својот реизбор во 2023 година. Последното нешто што му треба се војна и економски колапс. А изгледите за вмешување на НАТО или руско иницирање на бегалскиот бран од Сирија се уште пострашни за турскиот лидер.
Проблемот е во тоа што Путин не дава никакви знаци дека ќе се повлече. Рускиот лидер имплицитно се закани дека ќе употреби нуклеарен арсенал против Западот, а руските сили во Украина се удвоија, бомбардирајќи и ракетирајќи ги густо населените цивилни области во Харков, град што е втор по големина. И покрај херојските напори на украинските бранители, Русите напредуваат и кон Киев. Путин бара воена победа, а не спогодба. Откако ќе ја освои украинската престолнина, можеби ќе покаже добра волја да преговара со Западот. Но тој ќе очекува телефонски повик од Џо Бајден, а не од Ердоган или од Емануел Макрон.
Ердоган би сакал да ја види Турција како главен двигател во однос на европската геополитика. Застанат помеѓу Русија и западната алијанса, турскиот лидер долго време ги вртеше овие две сили една против друга, добивајќи ги за себе најдобрите зделки. Меѓутоа, кога се работи за оваа нова војна, тој се наоѓа под голем удар. Се разбира, нема никаква штета од тоа Турција да глуми миротворец. Доколку добие шанса за тоа, сите треба да се надеваме дека Ердоган ќе биде успешен. Сепак, за да се случи тоа, Украина најпрвин би требало да ја запре руската инвазија со помош на Западот. Сè додека Путин смета дека може да извојува победа, нема да ги слуша повиците на Ердоган за воздржаност.