Врската меѓу глобалното затоплување и загубата на мразот
Швајцарската федерална канцеларија за пејзаж ги спореди топографските слики на глечерите од 1930-тите, со оние од последните 10 години. Наодите се во согласност со долгогодишните докази дека глечерите во Европа се намалуваат и дека постои директна врска помеѓу загубата на мразот и глобалното затоплување, известува Имоџен Фоукс за „Би-би-си“
Глечерите се поддршка на скијачките центри и привлекуваат планинари во лето, но исто така се од суштинско значење за снабдувањето со вода во Европа. Сега, заедниците што живеат на Алпите се загрижени за својата иднина. Во Швајцарија, на 3.000 метри надморска височина, обично се очекува глетка на мраз. Но над селото Дијаблере, каде што работи компанијата за жичници „Гласиер 3000“, сега има огромни површини со голи карпи. Два глечера, Цанфлеурон и Скекс Руж, се разделија, откривајќи земја што не е видена со илјадници години.
Научниците со години го следат намалувањето на алпските глечери. Заедничката студија на Федералниот институт за технологија во Цирих и Швајцарската федерална канцеларија за пејзаж ги спореди топографските слики на глечерите од 1930-тите, со оние од последните 10 години. Наодите се во согласност со долгогодишните докази дека глечерите во Европа се намалуваат и дека постои директна врска помеѓу загубата на мразот и глобалното затоплување. Ледените покривки се особено чувствителни на промените во температурата, па ако земјата се загрее, глечерите се првите што забележуваат и реагираат со топење.
Мауро Фишер, глациолог на Универзитетот во Берн, е одговорен за следење на Цанфлеурон и на Скекс Руж. Секоја година во пролет поставува шипки за мерење мраз и редовно ги проверува во текот на летото и есента. Непријатно се изненадил кога отишол да ги провери во јули. Мразот што ги држел прачките целосно се стопил, поради што ги нашол паднати на земја. Неговите мерења на мразот покажале дека загубата е многу поголема од она што некогаш било измерено од почетокот на следењето на состојбата на глечерите, што е можеби трипати поголема загуба на маса во текот на една година од просекот во последните 10 години.
Одмрзнувањето со себе носи опасност. Во познатото летувалиште Цермат, патеките за искачување до Матерхорн мораа да се затворат бидејќи, како што се топат глечерите, карпите што некогаш ги држеше мразот сега стануваа нестабилни. Ричард Ленер, планинарски водич во Цермат, како неговиот татко и дедо пред него, поминал помалку време на искачување ова лето, а повеќе време на поправка или пренасочување на ризичните патеки.
Но последиците од губењето на мразот се многу пошироки од штетите за локалниот туризам или пронаоѓањето изгубени планинари. Глечерите често се нарекуваат водни кули на Европа. Тие го складираат зимскиот снег и постепено го ослободуваат во текот на летото, обезбедувајќи вода за реките и посевите во Европа и за ладење на нејзините нуклеарни централи. Веќе ова лето, пренесувањето на товарот по течението на реката Рајна во Германија е прекинато бидејќи нивото на водата е прениско за тешко натоварените бродови. Во Швајцарија, рибите што умираа набрзина се спасуваат од реките, кои се премногу плитки и премногу топли. Во Франција и во Швајцарија, нуклеарните централи мораа да го намалат капацитетот бидејќи водата за нивно ладење е ограничена.
Самуел Нусбаумер од Светската служба за следење на глечерите верува дека тоа е знак за она што доаѓа. Тој вели дека сегашните предвидувања сугерираат дека до крајот на векот единствениот преостанат мраз ќе биде високо во планините.
На падините во селото Дијаблере, Бернхард Чанен почнал да обвиткува дел од преостанатиот мраз во заштитни облоги во обид да го забави одмрзнувањето. Во Цермат, прабабите и прадедовците на Ричард Ленер се надеваа дека глечерите нема да се протегаат премногу далеку во долината и да ги покријат нивните пасишта. Во 19 век, имало толку многу мраз што сиромашните швајцарски алпски заедници длабеле делови од него и им го продавале на париските хотели за ладење на шампањот. Тие денови одамна поминаа, а никој не е особено носталгичен за нив. Но Ленер е загрижен дека ќе се јави проблем во Европа, а не само горе на планините. Тој предупреди дека не знае како ќе се живее без водата и глечерите.