Италија и Грција и понатаму заостануваат економски, траекторијата на раст на Шпанија и на Португалија стана поцврста и поубедлива по кризата со јавните долгови. Покрај сите реформи што беа воведени за да се зајакне отпорноста на еврозоната од кризи, Италија особено продолжува да претставува закана за Унијата, порачува Карла Субирана Артус за „Политико“
Една поинаква слика на југот на големата европска заедница
Ако еврозоната беше училиште, Португалија, Италија, Грција и Шпанија ќе беа мрзливите ученици во одделението. Четирите земји зборуваат гласно, уживаат во бавното живеење под сонцето, презадолжени се и имаат потреба од реформи. Сепак, ако се погледне поблиску, ќе се забележи дека некои од тие претходно непослушни ученици оттогаш станаа неверојатен пример за сите. Иако Италија и Грција и понатаму заостануваат економски, траекторијата на раст на Шпанија и на Португалија стана поцврста и поубедлива по кризата со јавните долгови во 2012 година. Голем дел од заслугата за јазот меѓу Пиринејскиот Полуостров и Италија и Грција се должи на структурните реформи што Шпанија и Португалија ги воведоа во последната деценија. Неодамнешен пример на разидување помеѓу јужните европски економии и нивниот однос кон реформите беше забележан кога Европската централна банка (ЕЦБ) вети дека ќе стави крај на својата програма за купување обврзници во јуни. Додека приносите на 10-годишните државни обврзници на Италија и на Грција пораснаа, трошоците за позајмување за Португалија и за Шпанија останаа поблиски до оние на Холандија, која претставниците на Европската Унија (ЕУ) ја сметаат за најдобар пример.
Пофалби за Шпанија и за Португалија
Во текот на последната деценија, реформите во областа на трудот во Италија беа несигурни, а земјата само делумно се справи со лошата задолженост на своите банки, додека Шпанија многу порешително се занимаваше со овие прашања. Како резултат на тоа, БДП на Шпанија по лице во однос на куповната моќ, зајакнат со порастот на вкупната продуктивност на факторите или ефикасноста со која економијата ја користи својата продуктивност, го надмина италијанскиот во 2017 година. Оттогаш, земјата стана еден од најголемите европски производители на автомобили, а нејзиниот извоз се прошири во производство хемикалии, фармацевтски производи, машини и професионални услуги. Инвеститорите сега ја гледаат земјата во поинакво светло, што доведува до пониски трошоци за задолжување за домаќинствата и бизнисите.
Португалија исто така имаше надежна деценија. Од 2014 година, нејзината економија растеше, во просек, трипати побрзо од грчката, каде што производството останува речиси една четвртина под нивото во 2007 година. Со јакнење на растот, додека ги спроведуваше тешките реформи и ги исполнуваше строгите фискални цели што ги наложуваа европските претставници, Антонио Коста, социјалистичкиот премиер на Португалија од 2015 година, стана омилен ученик на Брисел.
Покрај неговиот напредок, секое фалење на успехот на Пиринејскиот Полуостров сепак треба да се земе со резерва. На пример, фискалната претпазливост на Португалија има цена. Јавните инвестиции беа најниски во ЕУ во 2020 и 2021 година, а јавниот долг на земјата, кој е највисок во еврозоната по Грција и Италија, ја става пошироката економија во ризик да биде погодена од повисоки трошоци за задолжување на државата. Исто така, платите се ниски според западноевропските стандарди, поради што многу Португалци заминуваат во странство на работа. Од другата страна на границата, Владата на Шпанија, составена од социјалистите и екстремно левичарската групација „Унидас Подемос“, не понуди креативни решенија за да се поправи неодржливиот пензиски систем во земјата и неверојатно високата стапка на невработеност кај младите од 2019 година.
Што се однесува до Грција, Владата на левичарска партија СИРИЗА, која беше на чело на земјата од 2015 до 2019 година, беше бунтовникот во одделението. Владата се повлече од реформите бидејќи националниот долг остана најголем во еврозоната, лошите заеми на банките се натрупуваа, а даночните приходи продолжија да се потпираат на премногу тесна основа, барајќи високи стапки што го одвраќаа вработувањето. Но потоа, Грција мораше да ја изврши домашната задача за да се приклучи на клубот со успешни приказни на периферијата на еврозоната. Владата на Киријакос Мицотакис, централно-десничарскиот премиер на Грција од 2019 година, успеа да го подобри својот имиџ кај туристите и инвеститорите, привлекувајќи рекордни странски инвестиции лани.
Задолженоста на италијанските банки
Италијанскиот раст, сепак, најверојатно ќе продолжи да разочарува. Официјални лица на ЕЦБ се загрижени дека ако озлогласената „јамка на пропаст“, која ја поврзува солвентноста на банките со онаа на нивните земји домаќини, ја погоди Италија и се закани да предизвика должничка криза, валутната унија ќе почне да изгледа несигурна. И додека повеќето европски банки ја намалија својата изложеност кон нивната матична земја по кризата со државниот долг во 2012 година, италијанските банки остануваат исто толку изложени на долгот на нивната влада како и пред една деценија, а врската меѓу банките и суверените е особено силна. Како што политичките превирања во Италија се интензивираат и инвеститорите почнуваат да бараат повисоки приноси за задржување на италијанскиот долг, банките во земјата неизбежно ќе страдаат. Веќе се појавуваат знаци дека италијанските банки ќе се соочат со проблеми: приносите од годината до датумот на најголемиот кредитор во земјата паднаа за 24 проценти од февруари. Опкружена со слаби инвестиции, скудни реформи и политичка нестабилност повторно, Италија и натаму ќе биде проблематичниот ученик на еврозоната во блиска иднина.
Подготвиле: Митко Јовановски; Билјана Здравковска