Дали некогаш сте се запрашале дали повеќе ја сакате ноќта или денот во градовите во кои патувате? Секогаш се прашувам по секое патување, бидејќи секој град ми пее различна песна ноќе и дење. Скопје е еден од оние градови што кога ќе се стемни изгледаат како да пеат романтични песни во париски стил, истакнува Озге Шенгелен за „Дејли сабах“
Во репортажата на „Дејли сабах“, Македонија е наречена татковината на Александар Македонски и Мајка Тереза
Додека Скопје, главниот град на Македонија, блеска со париска романса ноќе и ве фасцинира, прекуден се претвора во Рим со своите скулптури и структури, кои личат на музеј на отворено. Се разбира, овие скулптури и структури не потекнуваат од толку длабоковкоренетата историја како онаа на Рим. Сепак, Скопје сака да претстави дека има длабоковкоренета историја. Тој е град со вкус на музеј на отворено и наследство за иднината, особено со статуите и гигантските градби подигнати на градскиот плоштад, околу Камениот мост и во многу други делови. Скопје, кое се обидува да биде прифатено во регионот, е место каде што можете да поминете многу време, дење и ноќе, иако тоа може да изгледа мало.
Скопје, кое ме прави да се чувствувам како дома и во мир секогаш кога ќе дојдам овде, има поинаков дух. Ниту е баш европски ниту баш османлиски град. Додека ги следите трагите од османлиското владеење на едниот брег на реката Вардар, кога ќе го поминете Камениот мост на спротивната страна ве пречекува светол модерен град.
Камениот мост
Камениот мост, кој ги поврзува двете страни на реката Вардар, е познат и како мост на османлискиот султан Мехмед Втори, бидејќи бил изграден под негово покровителство. Овој мост од османлискиот период всушност го дели градот на нов и на стар. Мостот што води кон старата чаршија на едниот крај и плоштадот „Македонија“ на другиот крај е една од симболичните градби на Скопје.
Многу е пријатно да се гледа градот од оваа симболична структура. Поминав доста долго време на мостот. Одев по него, па дојдов до средината и ги потпрев рацете на камените ѕидови и долго гледав како тече реката Вардар. Сонував за животите во овој град со длабоковкоренета историја. Гледајќи ги двата спротивни брега на реката Вардар, не можев да не се запрашам дали Камениот мост ги поврзува или ги раздвојува овие два брега. Овој мост, кој мириса на меланхолија, стана место што често го посетував за време на мојот престој во Скопје.
Старата чаршија
Кога ќе го поминете источниот дел на Камениот мост и ќе продолжите по патот, ќе стигнете до старата чаршија или турската чаршија. Во овој дел од градот, кој можеме да го наречеме стар град, можете да ги видите трагите на Османлиската Империја. На тесни улички со тротоари од калдрма може да наидете на гостилници, амами, џамии и гробници од османлиската ера. Повторно основана од Турците во подоцнежниот период, чаршијата била најважниот трговски центар на градот од неговото формирање во 12 век. По посетата на продавниците за сувенири и историските места во чаршијата, дефинитивно треба да го посетите покриениот пазар, кој се наоѓа на излезот од неа. На пазарот каде што се продаваат локални свежи производи од скопските села дефинитивно ќе најдете нешто да си понесете дома. Слушнав дека особено во одредени денови на овој пазар доаѓа многу вкусен грав од Тетово. Всушност, локалното јадење од гравче се служи во повеќето ресторани во Скопје. И да не го купите од пазар, гравот задолжително треба да го пробате во ресторан.
Плоштадот „Македонија“
Кога ќе слезете од западниот дел на Камениот мост и ќе продолжите да пешачите, ве пречекува плоштадот „Македонија“. За разлика од другата страна на мостот, овде ќе видите помодерна градска атмосфера. Плоштадот, кој е осветлен ноќе, е полн со модерни згради и скулптури направени по 2010 година. Највпечатлива од нив е статуата на Александар Македонски на средината на плоштадот. Од другата страна на реката се наоѓа статуата на македонскиот крал Филип Втори, таткото на Александар Македонски. Овој меѓусебен став на двете статуи е речиси како татко и син да се поздравуваат. Освен скулптурите, на плоштадот има и места за пазарење, ресторани за јадење и убави кафулиња за пиење.
Археолошкиот музеј
Археолошкиот музеј на Македонија, кој се наоѓа во непосредна близина на Мостот на уметноста, ги фасцинира луѓето со својот бел мермер и блескав изглед во вечерните часови. Во музејот, каде што можете да видите 6.000-7.000 историски артефакти, има предмети од античкиот, средновековниот и османлискиот период, археолошки остатоци, восочни скулптури, слики и стари монети. Едно од најважните дела во музејот е копијата на саркофагот на Александар Македонски. На двете страни на уметничкиот мост во близината на музејот има статуи на значајни личности од тој период. Мислам дека треба повторно да нагласам дека скопските ноќи се светли, особено делот каде што се наоѓаат музејот и мостот нуди неверојатен поглед навечер со светлата и скулптурите.
Куќата на Мајка Тереза
Родена во Скопје, во 1910 година, Мајка Тереза имаше албанско потекло и остана запаметена по нејзината добронамерност и помош во текот на нејзиниот живот. Во спомен-куќата на Мајка Тереза, изградена во нејзина чест, има многу фотографии и предмети за нејзиното детство и животот, кој започнал во Скопје. Долниот кат од куќата е музеј, а горниот кат се користи како црква. Куќата на Мајка Тереза е едно од местата што можете да ги видите на патот кога се движите кон плоштадот.
Старата железничка станица
Дел од железничката станица изградена помеѓу 1938 и 1940 година во Скопје, беше уништен од големиот земјотрес во 1963 година, кој се случи во 5.17 часот рано наутро. Денес, ѕидот и часовникот на него сè уште се зачувани како симбол на тој ден. Во исто време, станицата во моментов служи како Музеј на градот Скопје.
Гостилници, амами и џамии
Бројот на анови, амами, џамии и историски објекти што ги носат трагите на Османлиската Империја во Скопје е доста голем. Меѓу највпечатливите се Султанмуратовата, Јахја-пашината, Исхак-беговата и Мустафа-пашината џамија. Ановите од османлискиот период исто така заслужуваат посебно внимание. Најпознати од нив на страната на турската чаршија се „Капан-ан“, „Куршумли-ан“ и „Сули-ан“. Уште еден од османлиските артефакти во Скопје се амамите. „Чифте-амамот“ е еден од нив. Реставрираниот „Чифте-амам“ сега се користи како модерна уметничка галерија, како и Султанмуратовиот, Даутпашиниот и Еврејскиот. Овие артефакти се наоѓаат на источната страна на Камениот мост и турската чаршија.
Скопската тврдина
Како и во секој град, така и во Скопје има едно прекрасно место каде што можете да го гледате зајдисонцето. Скопската тврдина е место каде што можете да го поминете денот со прекрасен поглед и да го видите плоштадот од птичја перспектива. Тврдината, која се користела за време на османлискиот период, беше едно од местата оштетени во земјотресот во 1963 година.
Портата „Македонија“
Ако сте ја виделе Триумфалната капија во Париз, веднаш ќе помислите на тоа кога ќе ја видите оваа во Скопје. Сместен на плоштадот „Пела“, овој споменик што ја симболизира независноста на Македонија беше свечено отворен во 2012 година.
Планината Водно и Милениумскиот крст
Огромниот крст на планината Водно може да се види од секоја точка на градот. Меѓутоа, ако сакате да го видите поблиску, можете со жичницата да одите до оваа највисока точка на градот. Џиновскиот крст, кој е направен по повод 2.000-тата година од христијанството, е висок точно 66 метри. Во подножјето на објектот се наоѓаат кафулиња и ресторан.
Кањонот Матка
Овој природен рај, на половина час од Скопје, заслужува подетално да се објасни во посебна статија. Како бујно природно чудо, овој кањон е место што мора да го посетат оние што одат во Скопје. Во овој кањон, кој се простира на многу голема површина, се наоѓа и пештерата Врело, една од најдлабоките подземни водни пештери во светот. Кањонот Матка, точката на спојување на реките Вардар и Треска, дефинитивно вреди да се види со својата сосема поинаква атмосфера.
Не знам на какво место помислувате кога ќе се спомне Скопје, но мислам дека можеби сте го додале на вашата листа на места за посета по оваа статија. Скопје, кој можеби е еден од градовите што најмногу вреди да се видат од балканските градови, ќе ви овозможи сосема поинакво искуство на патување со ноќта, денот, природата и историјата. Ќе бидете сведоци на различни култури со Албанци и Турци, кои живеат на едната страна од реката, и Македонци, кои живеат од другата страна. Се разбира, како што споменав на почетокот, мислам дека ќе се заљубите во ноќта на овој град.
Секогаш кога доаѓам во овој град, кој ме прави да се чувствувам како дома, престојувам во бродскиот хотел на реката Вардар. Звуците на напливите води на реката Вардар ноќе секогаш го придружуваа мојот сон во Скопје. Чашата сварен чај што ја пиев со парче печиво наутро во турската чаршија ме натера да се чувствувам како дома, додека вкусот на еден од најпознатите скопски десерти, трилече, кој го јадев кон пладне, останаа во мојата уста дури и кога се вратив дома и ме потсетуваше на ова патување.
Пред да заминам од Скопје, седнав на горната палуба на бродот и долго ја набљудував реката Вардар. Погледнав во Камениот мост, кој е опишан како врат на Скопје. Реков дека ми е драго за секој убав момент што го додадов во моите сеќавања, додека луѓето брзо итаа некаде, а водата течеше заедно со времето.