Јапонија и Јужна Кореја не се членки на Северноатлантската алијанса, но нивните лидери присуствуваа на неодамнешниот самит во Мадрид како „набљудувачи“, истакнува Стефан Силвер за „Нешенел интерест“
Глобални влијанија
Северна Кореја реагираше критички на планираната средба на претседателот Бајден со јапонските и јужнокорејските лидери пред почетокот на самитот на НАТО во Мадрид. Државните севернокорејски медиуми ги споредија сојузите на Америка во Азија со европскиот блок. Извештајот на државната новинска агенција КЦНА ја критикуваше Алијансата дека е „мотивирана од потклекнувањето на Јапонија и Јужна Кореја кон САД“, нарекувајќи го „опасна увертира за создавање азиска верзија на НАТО“. Во соопштението исто така се критикува НАТО, кое е „ништо повеќе од слуга на реализацијата на стратегијата за хегемонија на САД и алатка за локална агресија“.
Се очекува САД, Јужна Кореја и Јапонија да спроведат заеднички воени вежби, што весникот „Гардијан“ го пренесе како „комбинирана вежба за откривање и следење проектили“, кон крајот на летото. Јапонија и Јужна Кореја не се членки на НАТО, но нивните лидери присуствуваа на самитот на НАТО како „набљудувачи“. Според магазинот „Тајм“, ова е „уште еден знак за здружување на западно ориентирани демократии за да одговорат на предизвикот на Москва и растечката глобална самоувереност на Пекинг“.
Сепак, не постои азиска верзија на НАТО, ниту се чини дека има некакви планови за создавање. Претходно постоеше организација од ерата на Студената војна позната под името Организација на договори за Југоисточна Азија (СЕАТО), која беше создадена во 1950-тите. Во неа најмногу беа вклучени земји надвор од регионот, кои имаа тамошни интереси, вклучувајќи ги САД, Франција и Австралија. Сепак, СЕАТО беше расформирана во 1977 година. Оттогаш беше заменета од Асоцијацијата за нации од Југоисточна Азија (АСЕАН).