Социоекономските фактори, како степенот на образование или емотивниот статус, играат мала „или многу слаба“ улога во однос на тоа дали некој е повеќе подложен на создавање зависност од работа, пишува „Дојче веле“
Истражување за состојбата на пазарот на трудот
Една третина од германската работна сила работи „прекумерно“, а уште 10 отсто покажуваат зависничко работно однесување. Репрезентативната студија, нарачана од страна на фондацијата „Ханс Боклер“, во основа е првата што го истражува „работохоличкото“ однесување во сите германски сектори, откривајќи притоа дека „компулсивното“ работење е присутно во сите гранки.
Што откри студијата?
Оваа студија беше спроведена од Федералниот институт за стручно образование и обука (БИББ) и Техничкиот универзитет во Брауншвајг. Истражувачите интервјуирале 8.000 луѓе што работат во Германија. Податоците датираат од 2017 и 2018 година, пред пандемијата на ковид-19 дополнително да ја наруши границата помеѓу работата и приватниот живот. Студијата дојде до заклучок дека 9,8 отсто од луѓето покажувале зависност и „компулсивно“ однесување на своето работно место. Други 33 отсто работеле „прекумерно“, но сепак не биле зависници од работа. Резултатите покажаа и дека 54,9 отсто од работниците имале „порелаксиран“ пристап кон своите работни задачи. Кај жените веројатноста за „работохоличарство“ била малку поголема, па така 10,8 отсто од нив спаѓале во категоријата „зависници“, во споредба со мажите, каде што тој процент изнесувал девет отсто. Истовремено, младите на возраст помеѓу 15 и 24 години биле подложни на далеку поголема веројатност за претворање во „работохоличари“ од постарите работници на возраст помеѓу 55 и 64 години. Имено, 12,6 отсто од младите работници пројавиле знаци на компулсивно однесување, во споредба со 7,9 отсто од постарите.
Кои работни места се особено загрозени?
Раководителите и лицата што се самовработени се под многу поголем ризик да развијат зависнички пристап кон работата. Во споредба со оние што немале раководна функција (8,7 отсто), повеќе од 12,7 отсто од раководителите покажале јасни знаци на зависност од својата работа. Авторите на студијата велат дека меѓу оние на раководни работни позиции, зависноста од работа се зголемува паралелно со висината на работната позиција.
Наедно, истражувачите открија „работохоличари“ во сите сектори во државата каде што највисоките стапки на зависност од работата (19 отсто) се утврдени кај оние што се занимаваат со земјоделство, шумско управување, сточарство и хортикултура. Како помалку загрозени сектори се покажаа технологијата, географијата и природните науки. Социоекономските фактори како степенот на образование или емотивниот статус играат мала „или многу слаба“ улога во однос на тоа дали некој е повеќе подложен на создавање зависност од работа. Сепак, вработените во поголеми компании имале помала веројатност да пројават „работозависност“ од оние што работат во помали компании.
Што претставува „работохоличкото“ однесување?
Авторите на германското истражување користеле две димензии за препознавање и дефинирање „зависничко“ и „компулсивно“ работно однесување. Првата димензија вклучува податоци за тоа колку луѓето работат, вклучувајќи притоа повеќечасовно работење со големо оптоварување и фаќање во костец со повеќе проекти истовремено. Вториот фактор се однесува на влијанието на работата врз нивните приватни животи. Оние што студијата ги дефинираше како „зависници од работа“ беа, всушност, оние што тешко се олабавувале во миговите на слободно време, оние што компулсивно ги проверувале своите службени електронски пошти надвор од работното време и оние што изјавиле дека се чувствуваат виновни зашто зеле одмор или веќе го користат.
Авторите на оваа студија повикаа на понатамошни истражувања во однос на причините за создавање зависност од работа, како и во однос на многубројните влијанија што таа може да ги има врз целокупното физичко и ментално здравје на вработените.