Европската комисија има цел да ја забрани продажбата на автомобили со мотори со внатрешно согорување до 2035 година, поради која постепено почна да се зголемува уделот на продажбата на електрични возила на пазарот
Во Европа за првпат се изедначи продажбата на хибридни автомобили со онаа на дизел-погон во 2021 година, бидејќи Европската комисија продолжува со својата намера да ја забрани продажбата на бензински и дизел-возила до 2035 година.
Хибридните автомобили што не се полнат, поточно се возила што работат на гориво, но имаат и електрична компонента што ја намалува потрошувачката. Нивната продажбата беше зголемена за 60 отсто во однос на претходната година и изнесува речиси 20 отсто од вкупниот пазарен удел. Тоа е на исто ниво со обичните дизел-возила, чија продажба падна за 31 отсто низ целиот континент, според Асоцијацијата на европски производители (АЦЕА). Продажбата на хибридни автомобили со можност за електрично полнење се зголеми за 70 отсто, додека онаа на целосно електрични возила се зголеми за 63 отсто.
Целосно електричните возила сега изнесуваат 9,1 отсто од сите продадени возила, што е зголемување од 1,9 отсто во однос на 2019 година и 5,4 отсто во однос на 2020 година поради субвенциите од националните влади и зголемената понуда од производителите. Продажбата на хибридни возила што се опремени со мотор со внатрешно согорување и мал електричен погон на батерии, исто така се зголеми за 70,7 отсто, со тоа што беа продадени 867.092 возила што претставува 8,9 отсто од пазарниот удел.
Европската комисија има цел да ја забрани продажбата на автомобили со мотори со согорување до 2035 година, што ги натера двата главни европски пазари, Франција и Германија, да ги засилат инфраструктурата и производството на електрични возила. Но Шведска, Ирска и Италија забележаа двојно зголемување на продажбата на електрични возила за една година во 2021 година. Велика Британија регистрира зголемување на продажбата на електрични возила за 76 отсто во текот на една година, додека во Норвешка, деветнаесет од 20-те најпродавани нови модели на автомобили во јануари беа електрични, со невиден пазарен удел од 83,7 отсто.