Сега оние што продолжија со најстариот бизнис во Киев преживуваат со пониски цени и помала побарувачка

Пред последната војна, Украина беше позната како главна дестинација за сексуален туризам и разви мрежа на институции што се грижеа за сексуалните работници, како и за огромен број луѓе заразени со ХИВ. Сега таа мрежа се распадна

Индустријата на најстариот занает уште една жртва на украинскиот конфликт

Убиства, злоупотреби, прогони, окупација, уништување, бегалци. Ова се зборовите што денес автоматски се поврзуваат со Украина. Инвазијата на таа земја донесе со себе страдање во размери што не се видени на европска територија уште од Втората светска војна, а во сите овие ужаси беше донекаде заборавено дека жените (и мажите) што работат во украинската секс-индустрија, исто така, станаа жртви на воениот конфликт.
– Војниците ми викаат: „Тања, дојди на еден час“. Доаѓам и морам да ги забавувам цела ноќ за истите пари како за еден час – изјави украинска проститутка за „Њујорк тајмс“, кој пренесе опширна репортажа од Украина. Во неа, познатиот американски медиум предупредува на незавидната судбина на повеќето од 53.000 работници во украинската секс-индустрија, која по почетокот на конфликтот стана еден од најранливите делови на украинската популација. Многу жени што за време на војната продавале сексуални услуги за пари буквално почнале да се плашат за своите животи, изложени се на закани, уцени и изнуди, додека со својата заработка повеќе не можат да се издигнат над нивото на сиромаштија.

Колкав е размерот на проблемот со ХИВ во Украина?
Пред последната војна, Украина беше позната како главна дестинација за сексуален туризам и разви мрежа на институции што се грижеа за сексуалните работници, како и за огромен број луѓе заразени со ХИВ. Сега таа мрежа се распадна. На значаен дел од пациентите со ХИВ, на пример, веќе не им се обезбедува соодветна терапија бидејќи институциите како што е Украинскиот центар за јавно здравје ги намалија или ги откажаа активностите поврзани со заштитата на лицата на дното на синџирот на проституција.
За подобро да се разбере нивото на проблеми со кои сега се соочуваат „вработените“ во украинската секс-индустрија, неопходно е да се разберат размерите на проблемот. На пример, вкупно 240.000 возрасни и деца се заразени со ХИВ во Украина, од кои половина се жени на возраст над 15 години. Бројот на заразени со ХИВ од година на година драстично расте. Само во 2021 година таа бројка изнесувала 6.700 новозаразени. Сега, повеќе од една третина од вкупниот број заразени повеќе не ја добиваат помошта што им ја обезбедуваа украинските институции пред војната, а едукацијата за намалување на ризикот од инфекција веќе не се спроведува. Околу четириесет украински центри за ХИВ престанаа да работат, неколку од нив беа оштетени за време на бомбардирањето.

Двојно намалена заработка од проституцијата
Бидејќи ризиците од работата драстично се зголемија, на почетокот на војната голем број сексуални работници се обидоа да преживеат без проституција, но многу од нив не издржаа. Сега оние што продолжија со најстариот бизнис преживуваат со пониски цени и помала побарувачка. Платежната моќ се намали бидејќи се намалија приходите на Украинците. Проститутката Људмила тврди дека сега работи за само шест долари на час, што е половина од цената што ја добивала пред војната. Људмила се жали дека ниту нејзините редовни клиенти веќе не доаѓаат затоа што немаат пари.
Според сведоштвата на Људмила, можност за заработка се војниците. Многу од нив се љубезни; тие давале бакшиш, па дури и носеле цвеќиња. Но стотици илјади вооружени мажи во униформи што поминале низ високо ниво на стрес носат со себе висок степен на страв од насилство и инциденти од различен вид за украинската секс-индустрија. Сега некои сексуални работнички во Украина се двоумат да влезат во автомобил ако забележат дека има повеќе од едно лице во возилото.
Украинските сексуални работнички им се жалат и на американските новинари поради фактот што сè почесто се среќаваат со луѓе што не се подготвени да ја платат целата цена за услугата. Понекогаш мажите им ветувале по 12 долари, а по завршената работа добивале речиси половина од сумата. Како причини клиентите наведувале дека заработувале помалку. Исто така, претходно клиентите давале добар бакшиш, но сега на сексуалните работнички им останувале по само 40 долари откако ќе им дале половина на сопствениците. „Сопственици“ во ова признание се организатори на проституција, односно макроа.

Социјалната работа како надомест за приходите
Весникот, исто така, ја пренесува приказната за маж што им давал сексуални услуги на хомосексуалците пред војната. На почетокот на војната живеел во метро бидејќи се плашел од бомбардирање, а целосно ја загубил побарувачката за неговите услуги, па им се приклучил на социјалните работници и на тој начин се обидува да ги надомести загубените приходи.
Посебен проблем се многубројните зависници меѓу украинските проститутки, од кои многумина чекорат по тенката линија меѓу животот и смртта. Сега им се недостапни ниту програмите што им обезбедија барем чисти игли за инјектирање дрога.